Фејсбук наспроти јавниот простор

24.04.2019 04:55
Фејсбук наспроти јавниот простор

Марк Цакерберг, основачот и извршен директор на Фејсбук, во февруари 2017 испрати долго отворено писмо упатено кон неговата „заедница“, односно кон два милијарди корисници и кориснички на неговата социјална мрежа. „Дали го градиме светот кој сите го посакуваме?“, праша директно.

Одговорот беше очигледен. Според Цакерберговото сфаќање, човештвото напредува тогаш кога успева да ги разбие општествените и географските поделби со цел да создаде што поголема морална заедница. „Историјата покажува како сме научиле да се обединуваме во сè поголеми и поголеми групи – племиња, градови, држави. Во секоја етапа сме изградиле општествени инфраструктури (заедници, медиуми, држави) кои ни даваат средства за реализирање на проекти кои не сме можеле да ги спроведеме сами.

Како главен извршен директор на рекордно профитна и брзорастечка мултинационална компанија, Цакерберг е главно внимателен кога влегува во политичката арена. За време на американската претседателска кампања во 2016 не се двоумеше да ги осуди „страшните гласови кои повикуваат на изградбата на ѕидови“. Во јануари 2017 го осуди Трамповиот декрет кој, во име на борбата против тероризмот, забранува влез на муслиманското население на територијата на граѓаните на Соединетите американски држави. „Мораме да оставиме отворена врата за бегалците и луѓето на кои им е потребна помош. Тоа сме ние“, напиша. Објавено во контекст на отворена полемика со претседателот на САД, неговото писмо ја одржува новата мисија на Фејсбук: обнова на општеството во бурните времиња на пораст на заканата од авторитаризам.
„Најважната работа која можеме да ја направиме со Фејсбук“, продолжува тој, „е развивање на социјална инфраструктура со цел луѓето да се охрабрат да изградат глобална заедница која им одговара на сите“. Цакерберг за таа цел настојува да се инспирира од улогите кои долго време ги имале одредени групи – како цркви, синдикати, спортски клубови, здруженија... – „кои ни даваат причини за постоење и надеж, морална потврда за нашата неопходност и припадност на нешто поголемо, утехата на сознанието дека не сме сами и дека заедницата внимава на нас, личната ориентација и развој; мрежа на сигурност; културни вредности, норми и одговорности; собирања и друштвени ритуали, начини на среќавање со луѓето; и, конечно, начин да се помине времето“. За соочување со „драстичното колабирање“ на структурите наследени од 1970-тите години тој гледа решение: „онлајн заедниците“ како „трошка надеж“.

Новата мисија на Фејсбук така „развива општествени инфраструктури за заедницата – поради поддршка, давање сигурност, информирање, граѓански ангажман и инклузија на сите.“ Користејќи вештачка интелигенција, компанијата може да „помогне на нашата заедница да идентификува проблеми пред да се појават.“ Уште повеќе, Фејсбук веќе ја изгради „Amber alert, инфраструктура за емитување предупредувања во случаи на киднапирање на деца во Северна Америка (...) или Safety Check, наменет за информирање на нашите пријатели дека сме добро и безбедни“ во случај на напад или природна катастрофа.
Младиот извршен директор во Фејсбук гледа алатка за ревитализирање на демократијата: може да им помогне на луѓето да гласаат, да се изразат, да се организираат. Воопштено, на граѓаните на светот може да им се пружат нови начини на учествување во колективното „управување“, со цел добивање поголема транспарентност и поттикнување на обновен ангажман за општото добро.

Зад овој бомбастичен порој зборови се крие осиромашена визија на општествената инфраструктура. Приоритетот на мултинационалните компании во Силицумската долина не е поттикнување на луѓето да се впуштат во свет на физички средби, туку ги турка да останат зад своите екрани. Но, за да воспоставиме врски кои би можеле да доведат до односи на доверба и реконструирање на општеството, потребни се интеракции на конкретни места - а не само фејбуковско боцкање (pokes, дигитално обраќање) и размена на лајкови со онлајн „пријатели и пријателки.“

И покрај опсесијата со дематеријализираните врски и софтверскиот инженеринг, компаниите Фејсбук, Гугл и Епл многу добро ја знаат вредноста на вистинските општествени структури, просторите кои ги обликуваат нашите релации. И тоа се докажува: нивните раскошни кампуси во Калифорнија имаат зелени градини, барови за сокови и гастрономски ресторани, атлетски патеки и најмодерни спортски сали, фризерски салони, градинки, театри, библиотеки, кафулиња. Накратко: имаат многу реални места за дружење, не само виртуелни, како затворени така и отворени. Меѓутоа, се работи за приватни инфраструктури, наменети за одобрување и удобност на раководителите, кои им приоѓаат со беџеви со кодови во боја. Привремените работници и подизведувачите, задолжени за готвење и чистење, се исклучени од тие инфраструктури, баш како и жителите на соседствата и посетителите. Располагајќи со сјајна опрема, виртуозни алгоритми и маркетинг, немаат причини да ги користат услугите на ситните трговци во околината, кои, поради тоа, пропаѓаат. Во некои други времиња градовите имале многу поголема корист од присуството на голем работодавач...

Во Менло Парк, каде Фејсбук има свое седиште, жителите се прашуваат зошто нивниот град би требало да одобри експанзија на мултинационални компании ако не добиваат никакви средства за обнова на училиштата, парковите и спортските терени во урнатини. За локалното население живот во соседство на Фејсбук значи секојдневно заглавување во сообраќајни гужви, често зад приватни автобуси кои се движат помеѓу седиштата на претпријатието и домовите на вработените. Повеќе од познатиот сино-бел логотип, овие автобуси станале симболи на злото кое го предизвикуваат дигиталните џинови на заливот на Сан Франциско: тие создаваат приватни општествени инфраструктури кои овозможуваат на компаниите да напредуваат на сметка на јавните објекти кои итно бараат обнова. За да се прикрие овој биланс не е изненадувачки да се види како сезнајковците од Силициумската долина настојуваат да ја убедат јавноста дека не делуваат во интерес на сопственото претпријатие туку во насока на изградба на помирен, поправеден и похуман свет – шефовите на нафтениот, финансискиот и автомобискиот сектор веќе со децении ја рециклираат истата порака. Но, песната е веќе позната и кој би поверувал дека услугите на Фејсбук за единствена цел го имаат напредокот на човештвото?

Подобрите алгоритми и Фејсбук групите очигледно не се доволни да ги решат современите проблеми: изолацијата, поларизацијата, растечката нееднаквост во здравството и образованието, климатските промени. И покрај, или попрецизно, поради времето минато пред екранот, потребни ни се колективни места, куќи за луѓе или места каде луѓето можат да се откријат, да изградат врски.

Ниту Цакерберг ниту неговите колеги од Силициумската долина не се лично одговорни за жалната состојба на општествените инфраструктури во САД. Но, во некои други прилики претприемачите посакувале да градат места од кои сите имале корист, без разлика на каков било извор на приход. Спроведувајќи репресија над синдикатите и борејќи се против политиките чија цел е намалување на нееднаквоста , магнатот на челикот Ендру Карнеги од 1883 исто така финансирал изградба на 2811 библиотеки, од кои 1679 биле во САД. Мотивирани од горделивоста и нарцисоидноста, дигиталните милијардери повеќе сакаат да ја посветат својата великодушност на проекти кои имаат за цел колонизација на просторот или постигнување бесмртност. Малку од нив ги поддржале библиотеките, клучни институции кои поттикнуваат писменост и обезбедуваат бесплатен пристап до интернет.

Библиотеките се места каде се собираат обични луѓе. Од различни средини, водени од различни страсти и интереси. На тој начин тие живеат демократска култура. Од пред неколку децении, политичките лидери, водени според логиката на пазарот, тврдат дека библиотеките застареле: според нив подобро би било да се инвестира во новите технологии. Со тоа, во повеќето региони на библиотеките болно им недостигаат средства и се наоѓаат во распаднати згради. И покрај сè поголемиот пораст на корисници, морале да го намалат своето работно време и работните денови. Бројот на места за библиотекарите постојано се намалува, како и буџетите за купување книги, списанија и филмови.

Во Сан Хозе, во близина на канцеларијата на Фејсбук, Гугл и Епл, буџетот на општинската библиотека е толку ограничен што надлежните забраниле позајмување книги на корисниците чиј надомест за доцнење надминува 10 долари. Кога износот ќе достигне 50 долари институцијата го доверува случајот на агенција за наплата на долг. До неодамна повеќето библиотеки во соседството биле отворени седум дена во неделата, многу од нив сега се затворени во недела, денот за посета кој најмногу им одговара на имигрантите, работниците, семејствата.

Слично на тоа, книжарниците, големи и мали, секогаш претставувале повеќе од деловен простор. Тие со векови биле места за собирање каде можело да се дискутира со останатите љубители на убави приказни и нови идеи, но и со книжарите кои одушевено им помагале на клиентите да ја пронајдат книгата која ја сакаат. Тие често биле места за забава за деца и семејства, организирајќи групни читања за возрасни, презентации и потпишувања на автори и авторки, вклучувајќи се во различни аспекти на јавниот живот.

Секако, денес постојат поефтини и поефикасни начини за купување книги (како и сè друго). Но сè поголемата употреба на интернет-продажните страници неизбежно води до исчезнување на книжарниците. Кон крајот на 2016 ланецот Barnes&Noble соочен со преголемото зголемување на киријата најави затворање на својата книжарница во Бејчестер (Бронкс, Њујорк), која беше заменета со продавница за луксузни производи. Милион и половина луѓе беа лишени од социјалната инфраструктура која постоела со генерации.

За соседствата кои немаат продавници, тука се Amazon и FreshDirect. За оние на кои им недостасуваат супермаркети, двајца поранешни вработени го креирале Bodega: автомати доставени на локално барање кои на корисниците им овозможуваат купување преку паметни телефони. „Долгорочно гледано, нема да има потреба од централизирани трговски простори“, фантазира еден од основачите на претпријатието, Пол Мекдоналд, „бидејќи насекаде ќе има расфрлани стотици илјади Bodega така што ќе постои барем еден на триесет метри од вас.“ Ова поттикнало бес кај трговците, често од латиноамериканско потекло, кои сметаат дека на нивниот сектор им се заканува „укинување“. Тоа исто така предизвикало непријателска реакција во земјата, бидејќи повеќето луѓе сакаат да имаат во близина мала продавница која ја држат човечки суштества со кои можат повремено да комуницираат, или, ако се во брзање, да разменат насмевка додека плаќаат. Лошиот публицитет ги присилил двајцата основачи да го променат името на своето претпријатие во Stockwell.

Додека нашите бескрајни интеракции со екраните им се закануваат со помрачување на моментите кои ги делиме со другите вистински луѓе, заедниците ширум светот ги осудуваат границите на онлајн животот. И ја откриваат наклонетоста кон куќите во кои секогаш можат да се соберат со луѓето.

 

Извор: Le Monde diplomatique 

Слики: Mike Campau

Слични содржини

Општество / Активизам / Јавни простори / Свет
Општество / Јавни простори / Технологија
Општество / Јавни простори
Општество / Филм

ОкоБоли главаВицФото