ОБСЕ/ОДИХР со бројни критики, иако гласањето е оценето со чиста 10-ка

24.04.2019 23:08
ОБСЕ/ОДИХР со бројни критики, иако гласањето е оценето со чиста 10-ка

Иако гласањето беше оценето како исправно во 99 отсто од набљудуваните места на меѓународните набљудувачи, нема никаков сомнеж дека и главниот изборен закон и целиот изборен модел треба да бидат под итно реформирани веднаш по завршувањето на претседателските избори

Прелиминарниот извештај на Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР за првиот круг од гласањето е интересен за анализа, затоа што во секој сегменет има критички осврти, но сепак, крајниот резултат – гласањето на денот на изборите е оценет со речиси чиста 10-ка.

Спроведувањето на гласањето беше оценето позитивно од страна на Меѓународната мисија за набљудување на изборите (ММНИ) во 99 проценти од набљудувањето. Гласачкиот процес беше непречен и постапките беа почитувани во речиси сите случаи, вклучувајќи и проверка на идентификација на гласачите, потпишување на избирачкиот список од гласачите и означување на прстите на гласачите – се вели во прелиминарниот извештај објавен на веб страницата на ОБСЕ/ОДИХР.

НЕСПРОВЕДЕНИ ПРЕПОРАКИ

И покрај ваквиот заклучок за самиот ден на гласањето, уште на почетокот од својот извештај, набљудувачката мисија се осврнува на законодавството што ги регулира изборите и изборниот модел, како и сите негови детали, па се наведува следното:

..повеќето претходни препораки на ОДИХР и Советот на Европа и натаму не се вклучени во законската рамка, вклучувајќи ги и оние поврзани со финансирањето на кампањата, злоупотреба на државни ресурси и приговори и жалби. Повеќето соговорници на ММНИ, вклучувајќи ја и ДИК, ја потцртаа потребата од сеопфатна реформа на изборното законодавство.

Оваа констатација е ставена уште во самиот почеток на извештајот затоа што речиси и да нема една област од оние што се набљудувани како дел од еден изборен процес, а во кој нема забелешка дека не е постапено по претходните препораки, како и по однос на обврските од ратификувани меѓународни договори или конвенции. Уште повеќе, споредувајќи ги овие забелешки со претходните забелешки, ќе се види дека и забелешките се исти и се повторуваат, за што, впрочем, Метаморфозис пред неколку месеци и објави документ за јавни политики.

Ова не е ни чудно ако се знае дека Изборниот законик донесен во 2006 година, до крајот на 2018 година е изменуван и дополнуван дури 30 пати!

ДИК ПОВТОРНО ОПОМЕНАТ ЗА ТРАНСПАРЕТНОСТА

Самиот состав на ДИК од лица номинирани од политички партии овој пат не беше предмет на посебна анализа, иако и домашната и меѓународната јавност се занимавала со најдобриот модел за професионална изборна администрација, во која Државната изборна комисија е на врвот и најглавниот орган. Но, затоа, пак, не отсуствува ни во овој извештај забелешка за транспаретноста во работењето на ДИК:

Во тек на предизборниот период, комисијата одржуваше редовни јавни седници, но не ги најавуваше редовно седниците однапред. За нацрт-одлуките ДИК дискутираше на затворени прелиминарни седници, што ги органичуваше јавните седници на формално гласање, што ја намали транспарентноста…

Покрај транспарентноста, овој пат се најде во извештајот и информациско-комуникацискиот систем. Имено, јавноста веќе е запозната дека интернет страницата на ДИК не работеше неколку дена последователно во средината на кампањата:

Од 22 март натаму, клучните информациони и комуникациски системи на Комисијата не функционираа соодветно, што се одрази на навремената достапност на информациите, објавувањето на записниците од седниците, упатствата и одлуките, онлајн проверката на податоците за гласачите во избирачкиот список, како и онлајн регистарот на приговори. Ова покрена прашања во врска со ИКТ безбедноста на ДИК. Во однос на нејзиниот мандат да обезбеди изедначено спроведување на законот, ДИК усвојуваше регулатива, иако понекогаш релативно доцна во избирачкиот процес.

Ако се погледне фуснотата во овој пасус, ќе се забележи дека гласините што можеа да се слушнат во јавноста излегоа точни – компјутерскиот систем на ДИК бил нападнат од еден од најопасните злонамерни софтвери или вируси – Ransomwarе:

Според ДИК, системите зафатени од софтверот Ransomware GEFEST 3.0 вклучувале сервери на датотеки и е-пошта, кое влијаело врз пристапноста до регистарот на гласачи и базата на податоци за вработените во јавниот сектор, од каде се назначуваат ИО. Исто така, веб-страницата на ДИК беше недостапна од 9 до 11 април – се вели во фуснотата бр.15

ЗАБЕЛЕШКИ ЗА СПИСОКОТ – ЗАСЕГНАТИ ИЛЈАДНИЦИ ГРАЃАНИ

Меѓународната набљудувачка мисија, како и во извештаите на нејзините претходни мисии повторно констатираат дека има проблеми со Избирачкиот список, иако тој бил попрецизен од претходно, но не доволно за да не засегне повеќе илјади граѓани.

Забелешки се дадени и за попречување на правото на глас за луѓе кои се полнолетни, но со судската одлука им е одземена деловната способност, па се лишени од можноста да гласаат:

Сите граѓани на возраст од најмалку 18 години на денот на изборите имаат право да гласаат. Спротивно на меѓународните стандарди, лицата со ментална попреченост на кои со судска одлука им е одземена деловната способност се лишени од правото на глас.

Во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР се наведува дека тоа е спротивно на членовите 12 и 29 од Конвенцијата на ОН за правата на лица со попреченост, бидејќи „исклучувањето од правото на гласање врз основа на перципирана или стварна психосоцијална или интелектуална попреченост, вклучувајќи ги и ограничувањата по спроведена индивидуализирана проценка, претставуваат дискриминација врз основа на попреченост, во смисла на член 2 од Конвенцијата“.

Покрај оваа, следува и главната забелешка за Избирачкиот список, способноста на ДИК да го ажурира, при што се наведува дека таа нема таков капацитет постојано да ги обновува дата базите, туку се потпира на други институции, но и дека правото на глас се крши според меѓународните конвенции и со тоа што гласачите автоматски се исклучуваат од списокот доколку документите им истекле непосредно пред изборите и доколку не ги обновиле до 14 март:

Регистрираните жители во земјата се вклучени во регистарот на гласачи доколку поседуваат важечка лична карта или пасош. Гласачите кај кои важноста на идентификациските документи истекла пред денот на изборите беа автоматски исклучени од избирачките списоци, освен ако не ги обновија своите документи и ја известија подрачната канцеларија на ДИК за промената на 14 март. Од 1 март натаму, гласачите можеа да ги обноват или заменат своите лични карти во забрзана постапка. Сепак, автоматското исклучување на гласачите врз основа на истекот на важноста на нивните документи претставуваше пречка за остварување на нивното право на глас, што е во спротивност со меѓународните стандарди. Според ДИК, оваа одредба засегна околу 11.000 гласачи.

Тоа што самиот ДИК проценува дека околу 11 илјади гласачи биле засегнати од овие мерки, при тесен изборен резултат каков што имавме, доволно зборува за сериозноста на овие забелешки од меѓународните набљудувачи.

КАМПАЊАТА МИРНА – ФИНАНСИИТЕ НЕТРАНСПАРЕНТНИ

ОБСЕ/ОДИХР, т.е. меѓународните набљудувачи не нашле поголеми забелешки за текот на кампањата, освен фактот дека таа започна предвреме, а со тоа и забелешката дека самиот Законик не ја регулира баш најпрецизно кампањата кога станува збор за претседателски избори. Генерално, таа била мирна и иако имало такви најави, набљудавачите не нашле доволно забелешки дека има злоупотреби на државни ресурси или притисоци врз јавната администрација. Но, затоа, пак, упатија многу забелешки за финансирањето на кампањата и отчетноста.

… По повеќето претходни препораки на ОДИХР и Советот на Европа и натаму не е постапено, вклучувајќи ги и оние поврзани со подробната анализа на периодичните извештаи, рокот за поднесување конечни извештаи и делокругот на нивната ревизија…

Партиите имаат право на јавно финансирање доколку добиле најмалку еден процент од гласовите на претходните парламентарни или локални избори. Претседателските кандидати не добиваат директно јавно финансирање за изборната кампања, но по амандманите од 2018 година на Изборниот законик, политичкото рекламирање во медиумите ќе биде платено од државниот буџет. Лимитот на потрошувачка во кампањата е 110 денари по регистриран гласач (што изнесува околу 198 милиони денариили околу 3.2 милиони евра).

Освен ова, постојат индиции дека имало меѓупартиски договор, инициран од Владата, да се лимитира трошењето на јавните пари за медиумско претставување, со цел да се заштити преголемото, а законски дозволено трошење од буџетот:

Неколку соговорници ја информираа МНИ на ОДИХР за неформалниот договор меѓу политичките партии дополнително да ги ограничат расходите за рекламирање во медиумите, иницирано од владата, за да се намалат севкупните трошоци од државниот буџет…

Со ова уште еднаш се наметнува и актуелизира прашањето дали е добро решение медиумите во избрниот процес да бидат плаќани од буџет, од јавни пари, иако и тоа, се чини, не е гаранција дека тие непристрасно си ја завршиле својата работа.

ТЕЛЕВИЗИИТЕ ОК – ПОРТАЛИТЕ И ВЕСНИЦИТЕ (ПОМАЛКУ) ПРИСТРАСНИ

Токму тоа е суштината што може да се извлече од Извештајот во поглед на медиумското покривање на изборниот процес

Медиумскиот мониторинг на МНИ на ОДИХР утврди дека јавниот радиодифузер непристрасно известуваше, и дека во целина, медиумите презентираа разновидни информации за кандидатите и за политичките партии што ги поддржуваат, со разновидни програми и пет телевизиски дебати со сите кандидати… Повеќето мониторирани канали ги покриваа сите тројца кандидати соодветно, со претежно неутрално информирање. Јавната телевизија МРТВ 1 му посвети на г. Пендаровски околу 17 проценти, на г-ѓа Силјановска Давкова 15 и на г. Река 13 проценти. Лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ беа исто така редовно емитувани.

Забелешките се главно кај порталите, а дури 83 онлајн медиуми се пријавиле до ДИК дека ќе ги покриваат изборите, како и шест весници.

Кај дел од порталите и весниците, набљудувачите утврдиле пристрасност за едната, другата или третата страна, што е, се чини, индикатор дека јавните пари, наместо пари од политичките партии и не се пресуден фактор за непристрасно и балансирано известување на медиумите од изборен процес.

10-КА, КОЈА УПАТУВА НА НОВО ЗАКОНОДАВСТВО

И покрај сите овие забелешки кои успеавме да ги потенцираме во овој текст, добрата вест за земјата е дека, сепак, денот на гласањето помина во речиси идеална атмосфера и барем според впечаток, со најмалку досега пријавени инциденти или забелешки од кои било избори во последните дваесетина години.

За тоа сведочи и пасусот од извештајот во самиот почеток на текстот и реченицата дека „спроведувањето на гласањето беше оценето позитивно од страна на ММНИ во 99 проценти од набљудувањето“.

Но, политичките елити и власта особено, не треба да бидат измамени многу од оваа оценка. И домашните експерти, вклучувајќи го и самиот претседател, членови на ДИК и странците, се едоногласни дека изборното законодавство, посебно главниот закон, треба да се напише повторно. Со 30 измени за 13 години опстојување на Изборниот законик, тој е доволно неконзистентен, дури и самиот со себе во некои членови неусогласен, што е јасен показател дека треба да замине во истооријата, а целиот изборен систем, не само законот, треба да е цел на реформи веднаш по завршувањето на овие избори.


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Извор: Вистиномер