Нотр Дам – дамата што преживеа

24.04.2019 23:53
Нотр Дам – дамата што преживеа

Денешните изживувања на интернет кои ги спомнуваат гладните деца во светот и други споменици, уништени во ужасни околности (што ни е гајле за Нотр Дам), имаат свој угледен предок: Свети Бернар, основач на цистерцијанскиот свештенички ред, противник на Абелар и неуспешен водач на крстоносната војна. Имено, Бернар го предупредил парискиот бискуп Морис Д’Сили, кој бил опседнат од идејата на Париз да му даде катедрала достојна на големиот град, дека нема смисла да се гради катедрала кога сиромашните толку страдаат... Сепак, Д’Сили почнал да ја гради црквата. Анегдотата можеби не е совршено точна, но го покажува вечниот став на оние кои мислат дека не треба да се градат споменици, дека уметничките дела не произведуваат и не купуваат, дека не се хранат уличните кучиња и мачки. Што се однесува до сиромашните, таквите луѓе најчесто не им даваат ништо на оние што просат, туку ги мачат со поуки за работа и штедење. Признавам дека за оваа работа целосно сум на страната на Д’Сили.

Извесно е дека Нотр Дам не е најубавата готска црква: нејзините две камбанерии и денес делуваат недовршено, имала малку фантастични додатоци, како што беше кулата што целосно изгоре. Во Париз, многу се поубави доцноготските цркви Сен – Жермен од Оксер и Сен – Северен. Во оваа црква сум ја видела најубавата сцена на исповед – млад црномурест свештеник облечен во бело исповеда постар белец во отврената капела и на оваа двојка паѓа зрак сонце. Нотр Дам во Париз не може да ги издржи споредбите ниту со навистина убавите готски цркви во Шартр и Ремс. Но вистина е дека Нотр Дам останала централна париска црква дури и кога била запуштена, оградена со висок ѕид и многу куќи, кога до неа водела една улица, а пред неа имало само мал плоштад.

За таа црква пишувал Виктор Иго, замислувајќи го нејзиното средновековно значење и животот на нараодот околу неа. Неговиот роман, во голема мера придонесе за државниот зафат црквата да се исчисти и обнови, а самиот Иго бил во комисијата која го надгледувала проектот. Обновувањето го извел Ежен Виоле л’Дик, сосема во духот на романтичната визија на готиката, која за романтизмот била еден од главните извори на слики и атмосфера. Тој ја додал и онаа сега изгорена кула, за која да се надеваме дека нема да ја обноват. Идеите на Л’Дик многумина ги напаѓале но, на крај биле реализирани.

Нотр Дам како и повеќето свети места имала своја разновидна света историја. На почетокот на 18-от век, копајќи во црквата пронашле неколку римски релјефи. Потекнувале од првиот век на новата ера, го спомнувале царот Тибериј, а на нив биле прикажани многу римски богови и божици и неколку галски богови: мешавината на верувања е очигледна. Конечно било заклучено дека тоа се делови од голем споменик на Јупитер. Меѓу оние кои придонеле за изградбата на споменикот се спомнуваат „париските сплавари“ што очигледно била моќна општествена група. Денес, релјефите може да се видат во музејот Клини, а дел од ископините во криптата на катедралата, за која се надеваме дека не настрадала многу во пожарот. Околу христијанските реликвии се плетат многу вкрстени приказни, во кои важно место има трговијата со реликвии, натпреварувањето помеѓу црквите и нивниот престиж, папските дарови и заеми.

Што се однесува до ѓаволот и тој имал своја улога и тоа браварска. Имено, браварот кај кого била нарачана страничната врата, извесен Бикорне, не се чувствувал дораснат на такво дело, па на полноќ го повикал ѓаволот. Изработил вистинско браварско ремек дело, но на денот на поставувањето на вратата го нашле онесвестен во работилницата заедно со бравите што ги направил. Кога ја затвориле вратата веќе не можеле да ја отворат, сè додека не се сетиле прво да ги испрскаат со света вода. Бикорне паднал во тешка депресија и наскоро умрел.

А сè до 16-от век се одржувал „празник на лудите“ (не е утврден точен календарски датум), кој го организирала црквата и кој го одобрил самиот крал. По свештениците во процесијата оделе многу луди, пуштени од азил и затвор, во кошули или голи што се каеле така што се самоповредувале. Во самата катедрала Нотр Дам би го избрале својот бискуп, кој во женска облека би одржал „обратна“ миса со страшна маска на главата и опцесност, а наместо темјан горело ѓубриво. По мисата „свештениците“ кружеле по градот во коли од каде ја навредувале публиката и ја гаѓале со кал и ѓубре. Поворката застанувала пред крчмите и борделите, многу се пиело. Четвртиот ден празникот завршувал со комедија на отворено во која лажните свештеници ги напаѓале лажните калуѓерки и зборувале главно безобразлуци. Потоа ги враќале лудаците во нивните тажни престојувалишта.

Како црква на престолнината, Нотр Дам доживеала посебен интерес во времето на француската револуција: освен пљачка и уништување на скулптурите, многу реликвии биле претопени во куршуми, а истата судбина ја доживеале и некои гробови во кои имало оловни сандаци. Извесен Шомет, чие име вреди да се запамети, барал да се сочува катедралата во име на филозофијата и уметноста и во 1793 година, по извештајот на комисијата за споменици, Конвентот донел одлука црквата да се претвори во Храм на разумот. Истата година била одржана церемонија на посветување со хорови составени од девици, инсталација со бисти на големите филозофи (Волтер, Русо, Монтескје, Френклин) и поранешна балерина од операта која го претставувала Разумот со фригиска шапка и облечена во туника. Само две години подоцна, по неуспешните обиди да се продаде, катералата повторно била препуштена на култот на христијанството.

Понекогаш ученоста заедно со верувањата остава и необични траги: дури и Виктор Иго верувал дека катедралата е најдобар учебник по херметика, древно симболичко толкување во кое уметничките дела, буквите, маѓепсничките формули, математиката и ексцентричните аналогии се поврзуваат во систем. И масоните на свој начин ја толкувале катедралата и нејзината градба, а потоа дошло и астролошкото толкување, особено на сликите на витражите. Така, било забележано дека зодијакот на витражната розета во катедралата не почнува од знакот Овен, туку со знакот Риби што одговара на хинду традицијата. Боите на одората на Богородица, исто така, се поинакви, таа носи зелен фустан и црвена наметка, наместо канонизираната сина. На традицијата на толкување на катедралата, со појавата на печатените книги, се придружила огромна количина на литература, а потоа и филмови и стрипови. Во нив, катедралата, нејзините украси, особено грифоните играат важна улога. Истовремено, катедралата е гроб за неколку стотици главно црковни лица.

Зад катедралата се наоѓала првата болница во Париз, „Otel-Die“ (Божја куќа). Тука било и првото прифатилиште за напуштени новороденчиња. Во пожар кој тука избил во 70-тите години на 18 – от век, изгорел голем дел од болницата, а болните биле префрлени во катедралата. Пожарот не ја допрел катедралата.

По обновата во 19-от век, просторот на островот околу катедралата конечно станал отворен бидејќи биле отстранети ѕидовите и куќите и со многу смисла, станал едно од местата каде се одржуваат големи државни церемонии и прослави. Создавањето митови за Нотр Дам никогаш не престанало; што ќе се измисли по пожарот и настаните по него, ќе може да толкуваат нашите многу далечни потомци, ако ги има...

Во многуте години и месеци во Париз, при доаѓањата и заминувањата навикнавме да ја поздравуваме катедралата со „Чао стара!“. Пред точно еден месец, така ја поздравив од оддалечниот мост кој води кон источниот излез од Париз. За следниот влез ќе смислам нешто подостојно.

Извор: Peščanik

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото