Памтите ли?!

25.04.2019 15:57
Памтите ли?!

Памтите ли кога пред 3-4 години полицијата на ВМРО во цела ратна опрема ги бркаше студентите по цело Скопје, влегуваше во влезови и библиотеки и ги млатеше со пендреци и ги влечеше како кучиња и ги собираше во комбиња? Кога имаш локви крв по улиците, искршени велосипеди и здробени наочари? Имаше мислам накај 200 приведени, повеќето студенти.
А, не памтите.
А кога ја затворија А1, откако влегоа во студиото со штитови и автоматско оружје како да влегуваат во терористички бункер во Ирак? Бидејќи телевизијата ја критикувала власта и му поставувала незгодни прашања на фирерот?
Ни на тоа не се сеќавате.
А на Мартин Нешковски „наркоманот“ што паднал сам и се самоубил ви текнува? Кој прво беше жив и здрав два дена само не можеше никој да го најде и МВР немаше информации за таков случај? Па отпосле излезе дека го убиле нивните телохранители па се обидувале да скријат?
Не ви текнува ни тоа.

А на саат и пол долгите Дневници од Латас со вратоврските на Сител Телевизија, кај што сам си конструираше кој каков криминал сторил, колку години затвор ќе лежи, кај што беше и обвинител и судија, итн итн, секако по нарачка од власта во замена за милионски спонзорства преку реклами? За тангата на Ивона од 500 евра? За оцрнетиот Кежаровски, Никола Младенов, рушењето на Космос? Кога заокружуваа со црвени кругови кој ќе стигнат и ги прогласуваа за предавници, соросоиди, изроди, платеници? За договорените тричасовни ексклузивни интервјуа со Пастирот? Без ниедно незгодно прашање и сѐ пофалба до пофалба? На тоа перење мозок и конструирање пресуди и паралелна реалност ви текнува ли, дека траеше десет и кусур години и тоа секој ден?
Не? Во ред.
А кога одржуваа студентски избори со помош на полиција со шлемови, водени топови, панцири, тенкови и автоматски пушки? А една кутија беше и таа требаше да се наполни. Со сила и полиција на готовс. Каков срам беше тоа? Каква брука, да се мешаш во секоја пора од општеството, дури и во студентски избори? Затоа што некој требаше да уценува студенти да гласаат за ВМРО во замена за студентски легла!
Памтите? Нема грешка памтите.
А ви текнува ли кога ги уценуваа жените од една општина да добијат инвитро оплодување под услов да гласат за ВМРО? Или ќе гласаш за ВМРО или нема да имаш деца.
И за тоа нема сеќавања.
А ви текнува на "да не се претераме малку" Миле ми текна провизиите за десетици милиони евра провизии од тендерите за патишта?
Јок.
А на пример за некролозите за амбасадори, посмртни венци за овој или оној активист или критички новинар, надгробните плочи, секојдневните закани, праќањето по тројца млади деца од УМС да плукаат луѓе у град и да ги шамараат по наредба?
Не, аман бе?

А на сомнителниот масакр во Диво Насеље, кај што се испука огромно количество муниција и загинаа куп наместени полицајци и екстремисти, со што го запреа објавувањето на "бомбите" ви текнува ли? Стојанче Ангелов, памтам, 2 недели пред инцидентот објави јавно пред МТВ (тогашно срамно дувло на партиска пропаганда) дека нешто се спрема.
И сите се направивме мутави.
А ви текнува ли за пцуењето на фамилијата на Тоше Проески, дека биле гадни комуњари и веќе немало денар да видат и дека никогаш немало да му го изградат гробот оти Тоше не бил "нивни" туку „комуњар“?
Слабо се сеќавате и на тоа.
За Скопје 2014 нешто, милионските суми? 5 милиона евра за ограда на мост? Отидоа барем половина милијарда евра на тоа. Милиони евра за скулпторката Валентина (која и тогаш ја немаше и денес никаде ја нема).
Не се сеќавате.
За прислушување на 20.000 граѓани нешто?
За „жената и децата у ендек ќе му ги најдат“ заканите по телефон ако не се гласа за нив?
Не?

За варијантите на Милошоски за сложено име на државата, од типот Горна Република Македонија (Северна)? На него тоа му звучело најдобро оти така најјако ќе ги заебе Грците, со име што не можеш да го изговориш, ама битно ќе имало „Македонија“ внатре?
Ма нееее.
А за исфрлањето на цела опозиција надвор од Собрание на клоци во декември 2012? И непреземање ни најмала одговорност за тоа? Ниту покажување атом срам?
Јок.
A се сеќавате на обидот за пуч, убиства и граѓанска војна на 27 април 2017? Хммм?
За тоа едвајјјј малце ви текнува. За тоа да. Ама малце. Пример не ви текнува дека Заев имаше дупка у сред чело и му течеше крв. И дека неговиот телохранител мораше да пука во воздух за да не го „ликвидираат“ (така си го викаат тоа дејство, оние другите исти).
За 99% не ви текнува и не се сеќавате и нормално испаѓа дека ситесеисти.

П.С.
Повеќето од вас не ме познаваат добро па да појаснам. Не сум член на ниедна партија, ниту на СДСМ, ниту некој ме плаќа или инструира да бранам овој или оној. Сегашнава власт е далеку од совршена, јас би ѝ дал и потпросечна оцена, ама алтернативата е набројаното погоре. Не ми треба нечие спонзорство за да имам функционална меморија. Општествените состојби ги критикувам на Фб од 2010 година. НОРМАЛНО дека ми пречат амнестиите и пазарењето, ама фактот е дека тоа првично го овозможија тие што бојкотираа. Поздрав.

Слики: Свирачиња (насловни страници на Окно)

ОкоБоли главаВицФото