Во босанските архиви

27.04.2019 00:36
Во босанските архиви

„Имате 15 минути за разгледување. Јас отидов на кафе со колешките и не дај боже некој да открие дека долу сум пуштила странец!“. Овие зборови што едно септемвриско попладне во 2006 година ми ги упати една архиварка во Босна и Херцеговина, го означија почетокот на работата, односно мојата книга.

Се најдов во едно од подрумските архивски депоа. Многу сијалици беа прегорени, а неколку од нив само трепкаа. Нетрпеливата архиварка ми даде батериска светилка и ми ги покажа полиците во темницата. „Мислам дека тука би можело да биде тоа што го барате“, ми довикна излегувајќи од депото. За миг стоев сам во тишина и темнина, а потоа ја вклучив батериската светилка. По 10 минути колку што се трудев да го прочитам ракописот на валканите, некаталогизирани купишта сини фасцикли, погледот ми падн ана насловот: „Преглед на губилишта“.

Брзо ги зграпчив тие документи, ги исклучив сите светла и се качив горе по скалите што водеа до читалната. Кога архиварката се врати од паузата за кафе, ми даде еден рѓосан нож за да го пресечам потскинатиот превез од две фасцикли и си замина. Направи неколку чекори, застана, се сврте и ми понуди некоја стара маица да ги избришам документите.

Следниот час ги читав извештаите за малата босанска заедница за која никогаш порано не бев слушнал – Кулен Вакуф, гратче сместено на сегашната граница помеѓу северозападна Босна и Хрватска. Летото во 1941 година, голем дел на мултиетничкото население на ова гратче станале и сторители и жртви на масакр во кој илјадници луѓе биле одведени во смрт. Некои биле застрелани, други биле заклани со земјоделски алатки. Некои се удавиле во смаргднозелената вода на реката Уна, други биле фрлени во мрачните вертикални јами. Со децении по војната, жителите молчеле за она што се случило во 1941 година. Овие документи овозможуваа да се прочита само наговестување на оваа ужаснувачка и збунувачка приказна за тонењето на една заедница во насилство.

Сините папки откриени во 15 - те минути поминати во архивското депо во БиХ

Две години подоцна , во септември 2008 година, по неколи неуспешни обиди да добијам дозвола да ја истражувам локалната архива во која се чувани материјалите поврзани со куленвакуфскиот крај, конечно успеав да влезам во депото. На влезот ми беа кажани голем број упатства што ме потсети на оние мои 15 минути во подрумското депо во 2006 година. „Имате два часа за разгледување!“, ми дофрли од автомобилот, директорот на архивот. „Не повеќе! Јас отидов на ручек со гостите што се дојдени во посета на градот“. Нагази на гасот и брзо замина.

Зјапав во депото. Беше преполно со големи купишта хартии, книги, фасцикли и кутии со она што некогаш биле каталогизирани документи. На екипа физички силни луѓе би им биле потребни денови, ако не и недели, да ги прередат и да ги средат тие тони хартија. Јас имав два часа. Полека, изненаден и молкум неколку пати кружев околу купот хартија, сè уште несвесен дека со тоа ги трошам скапоцените минути.

Почнав трескавично да го преместувам тоа што можев, од едната страна до другата на големиот куп во потрага по материјали поврзани со Кулен Вакуф. Помина еден час: ништо. Уште 30 минути: ништо. Ме болеше грбот, а заради правот постојано кашлав. Рацете ми беа црни. Имав уште дваесетина минути кога наидов на првата кутија, од неа ме полазеа морници. Потоа ја најдов и втората, па уште една и уште една. Наскоро наредив речиси 80 кутии.

Тогаш се врати директорот на Архивот. Кога виде дека навистина нешто сум нашол, што значеше дека ќе останам да работам во неговиот архив, почна да ме пцуе и мене и целото мое женско семејство – со најсликовитите босански пцовки што кога било сум ги слушнал. Ми беа потребни неколку недели борба со него, како и со локалната власт додека конечно добив одобрение да ги прочитам тие материјали. На крајот таа борба имаше позитивен резултат. Документите од длабочината на оние купишта беа основа за мојата книга.

Во текот на докторските студии и подоцна како доцент на факултетот поминав години учејќи историографија и јазици. Но дури на терен – во подрумите и депоата на правливите босански архиви научив нешто што не ве учат на универзитетите. Научив колку е важно да се искористи секоја можност и буквално да се зграпчи минатото за да не се изгуби засекогаш.

Архивски документи во депото на Архивата на Унско - сански кантон, Бихаќ, БиХ

Макс Бергхолц (1973, Питсбург) е професор по историја на Универзитетот Конкордиа во Монтреал, Канада. Автор е на книгата „Насилството како генеративна сила. Идентитет, национализам и сеќавање во една балканска заедница“, Buybook, Sarajevo/Zagreb, 2018 (превод од англиското издание од 2016). За книгата неоадамна пишуваше Миљенко Јерговиќ.

Извор: Peščanik

 

 

Слични содржини

Балкан / Историја
Балкан / Историја
Општество / Балкан / Историја
Европа / Балкан / Историја
Европа / Балкан / Историја
Европа / Балкан / Историја

ОкоБоли главаВицФото