Светот е под сè поголем стрес и лутина

27.04.2019 14:09
Светот е под сè поголем стрес и лутина

Луѓето од целиот свет стануваат полути, позагрижени и под поголем стрес, покажа новото глобално истражување.

Од околу 150.000 лица интервјуирани во повеќе од 140 земји, една третина изјавиле дека страдаат од стрес, додека најмалку едно од пет лица се соочува со тага или лутина.

Годишниот извештај Галуп посветен на емоциите, ги нотира негативните и позитивни искуства на луѓето низ цел свет.

Најнегативната земја е Чад, по што следи Нигер. Најпозитивната земја пак е Парагвај, покажува извештајот.

Истражувачите се фокусираат на искуствата на учесниците еден ден пред да се спроведе истражувањето.

Испитаниците добија прашања како што се “дали се насмеавте или дали многу се смеевте вчера?” и “дали кон вас се однесуваат со почит?” во обид да се добие увид во секојдневните искуства на луѓето.

Околу 71 отсто од луѓето рекле дека доживеале значително количество задоволство еден ден пред истражувањето.

Анкетата покажа дека нивото на стрес се највискоки досега, а расте и нивото на загриженост и тага. Околу 39% од испитаниците изјавиле дека биле загрижени еден ден пред истражувањето, а 35% биле под стрес.

5 земји со најпозитивни искуства:

Парагвај
Панама
Гватемала
Мексико
Ел Салвадор

5 земји со најнегативни искуства:

Чад
Нигер
Сиера Леоне
Ирак
Иран

 

Извор: Галуп