Филм за Југословените избришани од Словенија

29.04.2019 00:42
Филм за Југословените избришани од Словенија

Лесно е да се земат здраво за готово сите тие документи кои ги имате во паричникот. Возачка дозвола и лична карта, можеби дури и пасошот, или ако сте во земја со државно здравство, тогаш и вашата здравствена картичка. Не заборавајте и на банковните картички. Што ако, наеднаш, престанат да работат и кога ги дадете некому, да речеме, на банковен службеник, после неколку вкуцувања во компјутерот земат ножици и ги исечат? Тоа се случило во Словенија во 1992. Со војната за независност тукушто завршена и војната во соседна Хрватска сè уште во тек, владата дала прозорец од еден месец за луѓето кои живееле во Словенија но биле родени во странство (конкретно во другите земји од поранешна Југославија) да се регистрираат и да добијат државјанство во новонезависната Словенија. Но, овој едномесечен прозорец не бил особено широко објавуван и било многу лесно да не бидете свесени за тоа или да не го сфатите сериозно. Неуспехот да се регистрирате во тој миг значело сите податоци дека сте постоеле и продолжувате да постоите во земјата да исчезнат од компјутерските системи и сите ваши идентификациски документи да престанат да постојат.

Вие сте избришани.

Преку 25 000 населени во Словенија, 1,3% од населението, биле избришани преку ноќ кога тој прозорец од еден месец бил затворен. Ова било подмолна политичка одлука за ослободување од што е можно повеќе луѓе кои живееле во Словенија а доаѓале од другите републики во Југославија. Кога тоа се случило, луѓето кои се обиделе да истапат и да зборуваат биле игнорирани. „Верувајте во системот“, им било кажано, „и тој ќе го среди сето ова“. Но системот не средил ништо. Весниците и медиумите целосно ja потиснале темата и бидејќи речиси сите поголеми медиуми во тоа време биле финансирани од државата, ова значело дека не постоел реален начин за ширење на пораката повеќе од усмено. Владеела и била охрабрувана конфузија со цел да се прикрие прашањето. Многу семејства биле разделени. Некои членови имале уредни документи, други не, и вториве биле депортирани.

Ова е контекстот на новиот филм на Миха Мацини, негов прв долгометражен филм, со наслов Избришани, базиран на неговиот истоимен роман. Мацини е омилениот колумнист во Словенија и најуспешниот автор од аспект на книги издадени во странство. (Целосно обелоденување: тој ми е исто така и пријател, но нашето пријателство е ирелевантно во однос на фактот дека пишува прекрасни романи). Тој пишува најанглофоно-пријателски помеѓу словенечките писатели кои ги знам (ако сте љубопитни за разликата помеѓу стилови на локално и англофоно пишување, видете ја мојата статија тука). Тој е исто така одличен истражувач на словенечкиот карактер и навики и поради тоа е мојот дежурен колега за прашања околу социологијата, културата и историјата на мојата посвоена татковина.

Живеам во Словенија речиси една декада и сум длабоко заљубен во неа, тежнеејќи кон тоа да ги гледам само добрите нешта и целосно игнорирајќи што било негативно. Но ова поглавје од историјата на Словенија е мрачно, особено во обидите да биде избланширано и оттаму тешко е да се игнорира како впечатливa негативност. Научив малку околу тоа од една книга која ја читам, Патриотизам за продажба од Матеј Шурц. Книгата ја раскажува приказната за илегалната продажба на оружје од страна на некои сè уште активни политичари за време на војната во Југославија, како и приказната за Словенечката војна за независност од Југославија, која траела сè на сè 10 дена и со минимално насилство, но и покрај тоа била полна со интриги. Бришењето на повеќе од 1% од населението како резултат на тоа што биле родени во други југословенски републики било тактично, дел од комплексните и лавиринтски игри со умот на војната за независност на Словенија, која била повеќе шахoвска партија отколку стрелање и претставува богата подлога за филм.

Можеби најизненадувачки е тоа што досега не бил направен филм на оваа тема. Темата е сè уште прилично табу во овие делови и веројатно тоа е главната причина. Всушност, Избришани беше направен пред 10 години, но се мина малку вртлив и бирократски пат за да се дојде до негово прикажување, и дебитираше само пред неколку месеци, прво на филмскиот фестивал „Талински црни ноќи“, па сега, кога го гледав на кино-премиерата во Љубљана (исто така кратко ќе биде прикажaн и на HBO).

Филмот ја раскажува приказната за „избришаните“ преку само една жена, Ана, која раѓа дете но одбива да каже кој е таткото. Таа е родена во Словенија, од родители од други места во Југославија, и работи во градинка. Го пропуштила прозорецот за регистрација, без воопшто и да биде свесна за него. Дури во болницата сфаќа дека дека веќе не е дел од системот. Болничкиот администратор се обидува да ја задржи во болницата додека да откријат во што се состои проблемот – и за нив ситуацијата е еднакво збунувачка. Во раните денови на ова бришење, поголемиот дел од земјата била целосно збунета во однос на она што се случувало и конфузијата била намерно потикнувана за да се прикрие фактот дека некој на висока позиција донел одлука, со притискање на копче, да избрише толку многу животи.

Ана се мачи да сфати што се случува и има бројни сатирични средби, на кои луѓето со некакво искуство со словенечката (а верувам и југословенската генерално) администрација ќе се насмеат. Но филмот е пред сè за тешката драма на нејзините обиди да ја задржи својата новородена ќерка, која е граѓанка на земјата и е чувана во болницата во породилниот оддел, додека таа е исфрлена и под закана за депортација. Филмот е прекрасно одглумен од главната актерка и раскажува важна приказна, завршувајќи многу паметно и суптилно, токму воздржувајќи се да не биде пренападен, истовремено сè уште продолжувајќи да ја третира темата многу сериозно.

Има една сцена која се истакнува далеку над останатите. Ана е повикана кај полициски службеник, игран од неодамна (многу предвреме) починатиот глумец Јернеј Шуган, титанот на словенечката глума. Полицаецот е обврзан да ја третира Ана како што ја гледа на хартија – како некој без документи, кој мора илегално да се прошверцувал преку граница во Словенија. Тоа е она што тој мора да го направи официјално, но тој всушност ја препознава, и уште повеќе од тоа - таа е саканата учителка во градинка на неговиот син. Тензијата во кафкијанскиот перформанс кој полицаецот мора да го одглуми, истовремено симпатизирајќи со Ана, сакајќи да ѝ помогне и да ја утеши, но без можност да го стори тоа официјално, а истовремено неволен да признае дека целата ситуација претставува смешна шарада, бидејќи тој е човечен но е истовремено и индоктриниран во системот, е прекрасна за гледање. Таа сцена сама по себе е доволно вредна за да се гледа филмот и е сосема солидно процедување на трагикомичните бирократски будалаштини и луѓето кои го населуваат тој чудесен свет.

 

Извор: www.balkanist.net

Слики: Oliver Jeffers

 

ОкоБоли главаВицФото