„Зошто ја сакавме СФРЈ“: Заврти нула, лоша е врската!

29.04.2019 02:19
„Зошто ја сакавме СФРЈ“: Заврти нула, лоша е врската!

Се плашам дека набрзо - законите на природата се неумоливи - ќе умре од старост и од разочарување и последниот проектант на згради изградени во СФРЈ, и ние веќе нема да имаме кого да прашаме: зошто во социјализмот телефоните беа сместени во претсобјата?

На врвот од ормарот за чевли, на полица зацврстена на ѕидот, или - во поотмените куќи - на посебни масички со елегантни и витки, и затоа нестабилни, ногарки... секогаш во полумрак, стоеја телефонските апарати, во шеесеттите речиси секаде исти - црни на „Искра“, бакелитни; во седумдесеттите веќе и во зелена и црвена боја; а од осумдесеттите тука беше и оној со футуристички дизајн, наградуван во светот, во форма на чинија, исто така од Словенија.

Тоа беше првиот модел - ако не ги сметаме шверцуваните модели од Полска - кој не се огласуваше со метално ѕвоно, туку електронски генериран звук чија боја можеше да се менува, а и вртењето броеви беше проследено со некакво потпевнување како она на птиците.

Во тоа време таа новост претставуваше нешто револуционерно, но како што поминува времето сѐ повеќе ми недостасува оној стар механички бројчаник: немаше ништо вештачко и виртуелно - за да се јавите навистина требаше да се врти, сакам да кажам јавувањето преку него беше вистинска физичка активност... На оние што им се брзаше со прсти го забрзуваа неговото враќање, убавите секретарки знаеја да го вртат и со пенкало, а тој возвраќаше со јасен метален звук: цакцакцакцак кога ќе завртите 4, кратко цак за 1, и следствено...

Сега имам можност бирањето броеви на мобилниот телефон да го проследам со звук, но тоа е евтина, нецелосна утеха. Кога барем би можел да се слушне рафалот од десет „цак“ кога ќе притиснам нула!

„Заврти нула, лоша е врската!“, довикувавме од другата страна или дувавме во слушалката!

Никогаш не се сомневав во делотворноста на овие постапки, како што верував дека е природно, кога ќе се вработиш, таму да дочекаш и стан, па комплет книги за десет и рачен часовник за дваесет години работа... и на крај пензија. И кога сме веќе кај одамна поминатите и заборавени, на ѓубрето на историјата отфрлени нешта, ќе ја споменам и справичката која одамна ја нема, освен во огласите на колекционерите: бравичката за бројчаник! Оваа справа - без сомнеж изум на некој бирократ - се ставаше во отворот на бројчаникот на „единицата“ и се заклучуваше, на тој начин блокирајќи го вртењето броеви, односно употребата на телефонот. Сопственици на клучевите беа шефовите во канцелариите, а жртви, најчесто, чистачките, кои влегуваа после работното време за да зачистат зад чиновниците и да им телефонираат на своите во родниот крај...

„Располагам со уште милион нежни и безобразни податоци од нашата младост“ кои се однесуваат на телефонирањето: лутината кон мајка ми која не се грижеше дали повикот е за мене, туку ја креваше слушалката и со студен глас прашуваше: „А, кој го бара?“; нервозата заради „двојникот“ (манифестација на социјалистичката досетливост - два станови со една линија, кога во исто време го користат телефонот, на другата страна грицкаат нокти или пцујат); забрзаниот разговор на татко ми и задолжителното: „... да не трошите пари!“, кое се однесуваше на роднините од друг град)...

Тука е и сеќавањето на лошата врска и телефонската кабина во приморските пошти, обложени со филц и некаков лесонит со дупчиња, врела и загушлива; потоа на кафанските автомати во кои монетата се ставаше легната и со притискање на металниот тастер се спушташе дури кога ќе се воспостави врската - чесно... и на глупавите и лековерни градски говорници кои, покрај металните пари, лесно можеа да се активираат и со пластична лента во шпиц со засечен крај. Секако, под услов ако некој не го украл микрофонот, или - како оние полакомите - целата слушалка.

Колку само нѐ фасцинираа холивудските филмови во кои јунаците можеа да примаат повици на говорниците! И ден денешен мислам дека и нашите улични телефони имаа сопствени броеви (инаку, каков телефон би бил тој без број?) и дека требаше да познавате некого во пошта за да дознаете. А говорниците во касарните на ЈНА, и јавувањата на војниците, заслужуваат посебна приказна.

Иако во џебовите носевме телефонски именици, мали тефтерчиња со цврсти корици и листови обележани со абецедата, знаевме десетици важни броеви напамет. Дали во социјализмот имавме подобра меморија?

Најпосле, денес е сеедно. Сето тоа веќе триесетина пати го покриваа снеговите, и се топеа, а рузмаринот никнуваше и овенуваше. Нема веќе. The End. Конец.

Крајот на епохата го означи исчезнувањето на оние јазични пуристи кои тврдеа дека не се вели „на телефон“ е тој и тој, туку „покрај телефонот“ е тој и тој. Последниот од нив умре од збунетост кога, држејќи мобилен во раката, го прашаа: „А, што да кажам сега?“

Крај. Тууууу-тууууу...

Извор: http://rs.n1info.com/

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото