Порака до власта или самоубиствен инает: (не)моралноста на негласањето

30.04.2019 09:42
Порака до власта или самоубиствен инает: (не)моралноста на негласањето

Деновиве се изнаслушавме за „пораката“ што ја примил премиерот после првиот изборен круг. Ама има и една друга, барем подеднакво важна порака, која после гласањето ја примивме сите ние – за самите себе. Она што веќе го знаевме од претходно е дека по националност сме – Македонци. По државјанство – од Република Северна Македонија. Она што не го знаевме е дека по менталитет сè уште сме си останале – фиромци.
„Фиром“ – иако сега веќе конечно историја – ќе ни остане во колективното сеќавање како епитом за нашиот инает. Кратенка од пет наизглед случајни букви, кои будалесто дозволивме да бидат нашето име пред остатокот од светот неполни три децении. Но,дали фактот што сме го извадиле фиромецот од Фиром (преселувајќи го во Република Северна Македонија) значи дека автоматски сме го извадиле и „фиром“-от од фиромецот? Дали одеднаш сме го претвориле фиромецот во модерен Македонец – граѓанин на 21-иот век?
Првиот изборен круг ни даде негативен одговор на ова прашање. Нè потсети на еден друг, (пост)фиромски инает од подеднакво „фиромски“ вид – негласањето на избори. Инает воден од добро познатата анти-логика „ќе гласам откако ќе се промени нешто во државава“, наместо „ќе гласам за да се промени нешто во државава“.

За правата и одговорностите

„Види, на крајот на краиштата, дали ќе гласам или не си е мое право“, ќе каже фиромецот, убеден во мудроста на кажаното. Па кој може да му го одземе неговото неотуѓиво право да одлучи дали ќе одлучува? Па нели токму тоа право да не се гласа е она што нè одвојува од една друга Северна, ама на Корејскиот полуостров, каде се гласа присилно – и едногласно? Или од оној нашиот режим до пред некоја година, кој нè носеше на гласање „за уши, циган по циган“?
Пааа да, така е. Впрочем, таквиот еднодимензионален муабет за права секогаш ќе го добие – фиромецот. Ти можеш да му раскажуваш за сите жени или за сите класни и расни малцинства низ историјата што јаделе ќотек за да го добијат тоа пусто право на глас. Белки, за да го користат, а не за да не го користат. А фиромецот само сеирџиски ќе ти одбруси: е од кај па ти знаеш што би кажале денес на нашиов муабет тие што јаделе ќотек? Ти се јавија лично да ти кажат? Пааа не, не ми се јавија...
И така, муабетот за права неизбежно си го загубил, ама имаш уште една карта во ракавот: одговорноста. Братучетка на правото. Барем подеднакво важна за опстанокот на една демократија. Е, тука веќе фиромецот не игра на свој терен.

Митот за неутралноста на останувањето дома

Фиромецот на секои избори им пристапува низ формула „x+1”. Ако има двајца кандидати, си вели, тоа значи дека моите опции се три. Или ќе гласам за едниот, или ќе гласам за другиот, или ќе останам дома. Ништо не ù фали ни на третава опција. Просто е: ако мене не ми се допаѓа ни едниот ни другиот кандидат, нека одлучат тие на кои еден од нив им се допаѓа.
Ама избори не функционираат така.Од две причини.
Прво, во нашава приказна со цензус од 40%, доволно е 60% од нас да останале „фиромци“ за на крајот да не одлучува никој – или барем никој од нас. Во овој случај, гласачките ливчиња ќе одат во канта и претседател ќе биде Талат Џафери. Чиј единствен извор на легитимитет се парламентарни избори одржани пред три години, на кои тој бил избран за обичен пратеник. Со уште 119 други пратеници. И ќе си владее шест месеци. Па ќе има избори. Па ако и на тие избори победи фиромскиот инает, ќе си владее уште шест месеци. И така во недоглед.
Второ, да, може да се случи навистина да одлучат тие на кои им се допаѓа едниот или другиот. Ама тие никогаш не се некаква хипотетичка категорија. Всушност, кога излезноста е ниска – во секоја земја – можеме со прилично голема сигурност да претпоставиме точно кои ќе бидат тие. Доволно е да го согледаме едно од главните непишани правила на светската политика: десничарските партии секогаш имаат полојални гласачки тела од левичарските. Што значи дека левичарите многу повеќе зависат од неопределените. Односно, од повисока излезност.
Кај нас, СДСМ нема многу врска со левица, ама бездруго е полево од ДПМНЕ. Не е тешко да се види дека кај нас ова непишано правило важи во целост. На пример, не е случајност што зборот „вмровец“ одамна се има одомаќено во македонскиот жаргон како неменлива категорија. Зборот „сдсмовец“, пак, може да се чуе многу поретко, евентуално во реченица во која ете веќе сме кажале „вмровец“, па ни треба ритмичка симетрија. Впрочем, дали воопшто познаваме некој кој цел живот се чукал по гради и се фалел како „во негова куќа секогаш се гласалоза вмро“, за еден ден магично да се разбуди како прогресивец и да гласа поинаку?
Не е воопшто случаен ни фактот што дури и она ДПМНЕ на Груевски – после сите триесет и кусур бомби – победи на изборите во 2016. Впрочем, најнискиот број гласови кој ДПМНЕ го има добиено било кога од 2000 наваму е 299 илјади (во 2002). Затоа, пак, СДСМ во дури три наврати има добиено помалку од оваа цифра: 2006 (218 илјади), 2008 (233 илјади) и 2011 (283 илјади). И да врне и да вее, барем триста илјади луѓе ќе си гласаат за ДПМНЕ. СДСМ не може да се пофали со истото.
Во САД, пред три години, многу луѓе кои обично ги поддржуваат Демократите не излегоа да гласаат за Хилари. Сакаа да ѝ испратат порака на партијата, која погреши во одлуката да поддржи непопуларна кандидатка. Овие луѓе бездруго исто како фиромецот мислеа дека постапуваат морално. А всушност, го избраа Трамп. ОК, ќе речете, исклучителна ситуација, мислеле дека Трамп и онака нема шанси да победи, па си дозволиле да тераат инает. Ама, врти-сучи, десничарите во секоја држава си излегуваат на гласање редовно – или барем многу почесто од левичарите. Бидејќи левичаритесе доволно слободоумни да размислат дали нивниот кандидат од претходните избори повторно ја заслужува нивната доверба, наместо по навика да му го заокружат бројчето. И токму таа слободоумност често ги чини скапо.

Круната на фиромскиот инает: неважечките ливчиња

Во сите анализи на првиот круг доминираше еден збор: разлика. Огромна негативна разлика за СДСМ од локалните во 2017 (и бројчано и процентуално). Огромна позитивна разлика за ДПМНЕ (процентуално, иако не и бројчано). Ама заборавивме да истакнеме една огромна сличност: бројот на неважечки ливчиња. На локалните ги имаше преку 50 илјади (на излезност од околу 60%), а пред две недели ги имаше преку 30 илјади (на излезност од 40%). Ако гледаме пропорционално со излезноста, процентот на неважечки ливчиња испаѓа речиси идентичен.
Ваквиот податок – и покрај сите кардинални пропусти на СДСМ последниве година и пол – фрла сериозен сомнеж врз тезата дека неважечките ливчиња се некаква порака кон владата. Секако, после сите скандали што излегоа на виделина, не би било воопшто незаслужено и доколку навистина би биле порака. Ама тогаш што ли порачаа 50-те илјади луѓе кои дадоа неважечки на локалните? Кога тие се одржаа, оваа власт уште не беше ни заседната во фотелјите. Или речиси 40-те илјади кои дадоа неважечки на судбоносните избори во 2016?Од Груевски бездруго имаа кренато раце, ама кому тогаш му испраќаа порака? Што им имаше згрешено тогаш партија која десет години немаше помирисано изборна победа? Партија чии најистурени играчи (освен Шекеринска) имаа буквално нула денови искуство во извршна власт пред Пржинскиот договор?
Во една демократија, неважечкото ливче – исто како и неизлегувањето на гласање – е легитимно средство за изразување незадоволство. Ама ако ваквото средство се користи на сите избори, нешто не штима. Никој не може да тврди дека баш на сите можни гласања досега било подеднакво невозможно да се направи избор, па ете морало да се даде неважечко. Константноста на неважечките ливчиња кај нас не зборува за квалитетот на политичката понуда. Зборува за фиромскиот инает. Чуму да гласа фиромецот за некого кога може да си даде неважечко и да се удира во гради дека „сега никој нема да може да одлучува во мое име“. Ама некој сепак ќе одлучува, бидејќи ќе го изгласаат некои други. И ако почне да одлучува лошо, последиците нема да ги чувствуваат само тие што го гласале. Ќе ги чувствува и фиромецот, преку сите слоеви на неговата негласачка „морална величина“. Има уште пет дена за да го сфати ова.


Слики: Rachel Goodyear