1032 hPa
86 %
-2 °C
Скопје - Саб, 14.12.2024 04:59
Пабло Иглесијас
Кога на 17 јануари 2014 година Подемос се проби на шпанската политичка сцена, неговите основачи имаа намера да ги исполнат „вистински демократските“ барања на движењето Индигнадос, кое ги окупираше градските плоштади во земјата од мај 2011 година1. Нивните барања беа составени од широк спектар слогани и предлози со заеднички именител: преиспитување на политичкиот поредок (и, во најмала мера, економскиот) кој се етаблираше за време на транзицијата од диктатурата на Франко (1936-1977) до либералната демократија.
Во поширока смисла, овој предизвик се организираше околу два различни проекти: од една страна, еланот чија цел беше обнова на системот; од друга, амбицијата за поширока општествена трансформација. Да се реформира или трансформира: „Напнатоста помеѓу овие две опции потоа се рефлектираше во внатрешните дебати на партијата“, истакнува политикологот Браис Фернандез, член на редакцијата Viento Sur и член на троцкистичката организација Anticapitalistes, една од основачите на Подемос.
Значи, за една струја на Индигнадос „приоритет беше обнова на политичките личности“, прецизира Фернандез. Во одредена мера уличната мобилизација го открива бесот на средните класи заради ќорсокакот во кој западнале: нивната амбиција за општествен подем ја прекина кризата од 2008 година. Шпанската социјалистичка работничка партија (Partido Socialista Obrero Espanol, ПСОЕ), главната поддршка за прогресивниот имагинариум во посттранзициска Шпанија, се одлучи за мерките за штедење. Овој избор е симболизиран од модификуваниот уставен член 135, од 23 август 2011 година, со кој „се гарантира стабилноста на буџетот“. Тоа значи: отплатувањето на јавниот долг станува приоритет.
Иниго Ерехон
Млади лица, нов стил
Истата година ПСОЕ на општите избори во ноември ја плати цената за ваквата политика. Новото парламентарно мнозинство и владата на Маријано Рахој (Partido Popular, ПП, десница) уште повеќе ги намали социјалните давачки.
Очигледно, за „индигнираните“, шпанската демократија е дисфункционална. Под водство на двајцата академци, Пабло Иглесијас и Иниго Ерехон, Подемос капитализираше на оваа слабост. Набрзо стана омилен избор на гласачите на возраст помеѓу 25 и 35 години, градските жители и жителки и оние со високо образование. За многумина претставуваше единствена инкарнација на новата политика кон која тежнеат со своите млади лица и специфичниот стил.
За втората порадикална голема струја во рамки на „индигнираните“, мобилизацијата ја карактеризираат просторите за политичка социјализација (групи, шатори, средби...) и опсегот кој овозможува појава на подлабока критика на политичкиот и економскиот шпански систем.
Во овој случај отфрлањето на политичката класа добива облик на желба за зајакнување преку создавање животни заедници, простор за промислување, промоција на дигиталната демократија, амбиција за менливост на избраните политичари итн. Се разгледува создавањето квартовски собранија како начин за спроведување на желбите во практиката и - зошто да не? - поставување темели за ново општество. Најпосле, следбениците на оваа струја ја осудуваат разликата помеѓу политичката и економската сфера, зашто се уверени во нивното сродство.
Следејќи ја политичката стратегија која ја теоретиризаа Ернесто Лаклау и Шантал Муф2, Подемос својата критика на олигархијата на економските и политичките класи ја претвора во форма на антагонизам помеѓу народот и кастата, со надеж дека ќе ја избрише традиционалната оска левица-десница. Осудата на финансиската криза и корупцијата на политичко-економскиот естаблишмент станува централен аргумент за оспорување на она што идеолозите на Подемос го нарекуваат „режим 78“ - реферирајќи на Уставот усвоен 1978 година, после франкизмот. Меѓутоа, бришењето на поделбата на левица и десница се изјалови со текот на времето. Порастот на гласањето за партијата Сиудаданос - која Јосеп Олиу, претседателот на банката Сабадел, го претставува како „Подемос десница“3 - во текот на 2015 година ја реконфигурираше политичката шаховска табла во четири сили собрани околу двете оски: левица-десница (ПСОЕ-Подемос против ПП-Сиудаданос) и нова политика-стара политика (Подемос-Сиудаданос против ПСОЕ-ПП).
Популистичката стратегија која ја разработи Ерехон и долго ја поддржуваше Иглесијас има свој одек кај населението: таа ја разгорува распространетата критика за стагнација на традиционалната левица, често неспособна да го разбере движењето на „индигнираните“ и исто така е осудена како премногу жаргонска. За време на општите избори во ноември 2011 година, Обединетата левица (Izquierda Unida) - која ја основаше едно од потврдите јадра на Комунистичката партија на Шпанија (ПЦЕ) - не успеа да го претвори процветот на движењето на „индигнираните“ во изборна сила: нејзиниот кандидат Кајо Лара собра 7 проценти од гласовите, далеку од резултатот на Хулио Ангита од 1996 - 10,5 проценти. Конвергенцијата помеѓу Ерехон и Иглесијас функционираше до општите избори во јуни 2016 година. Не обрнувајќи внимание на колебањето на првиот, вториов одлучува да склопи сојуз со Обединетата левица. Обновата на партијата, под водство на Алберт Гарзон, ги охрабри оние што се надеваа дека ќе ја соборат ПСОЕ како главна сила на левицата благодарение на формирањето на парламентарниот блок Унидос Подемос.
Уште поширок сојуз
Ваквиот сојуз настојуваше да ја реактивира „еврокомунистичката“ стратегија, која на почетокот од седумдесеттите ја утврди Италијанската комунистичка партија (ПЦИ). Во неколку наврати, Иглесијас ја потврди потребата за „нов историски компромис“, што е алузија на доктрината која во тоа време ја бранеше главниот секретар на ПЦИ, Енрико Берлингвер, кој настојуваше да гарантира институционална стабилност во Италија преку договор со демохристијаните4.
Се работеше за тоа да се влијае на акциите на владата на ПСОЕ, имајќи ја предвид можноста за коалициска влада, и истовремено подготвувајќи се за, кога ќе дојде време, преземање на државата. Значи, логиката на коалицијата за Иглесијас е проследена со продлабочување на класната визија - рехабилитација на идејата дека општеството е поделено на општествени класи со различни интереси. Оваа нова стратегија се темели на идејата дека поволната ситуација која настана во 2011 година е завршена: населението се навикна на економската криза и само нов период на рецесија би можел повторно да предизвика бес. Така Подемос заврши заземајќи го просторот кој до вчера го окупираше Обединетата левица. Исто така, вклучи одредени кадри, поранешни членови на Комунистичката младина (од каде произлезе и Иглесијас), како Ирена Монтеро, гласноговорничка на парламентарниот блок Унидос Подемос.
Класната струја на Иглесијас означува раскин со популистичката линија на Ерехон. Според последниов „левичарското“ повлекување во општеството со кое односот помеѓу гласањето и општествените класи е слаб, ја рефлектира слабоста на Подемос. Која е целта на Ерехон? Адресирање различни слоеви од населението: прекаризираните делови од средната класа (самовработените и фриленсерите); поддржувачите на новите политки кои се опишуваат како „учтиви“ наспроти „погрубите“ позиции на Иглесијас (што ги вклучува и слоевите кои повеќе се потпираат на либерализмот на Сиудаданос); разочараните од ПСОЕ (кои ја задржуваат поддршката од некои неквалификувани работници и работнички и невработените5).
Но, контекстот веќе не е ист со оној од 2014 година. Бранот на „популистичкиот момент“ кој на националната сцена го иницираа „индигнираните“ доживува фаза на опаѓање и осцилација помеѓу заборавот и реакционерните испади. Овој испад е потврден во времето на регионалните избори во Андалузија, во случајот со радикално десната парија Вокс (11 проценти минатиот декември) која го рехабилитира франкизмот и се спротивставува на „идеологијата на родот“ (во контекст на продорот на феминизмот последниве години).
Но, популистичката стратегија не е поврзана со недостатокот од народно закотвување на Подемос. Нагласувањето на стручноста на Ерехон доведе до потценување на општествените движења. „Што мислите, колку народни движења можат да помогнат во владеењето?“, го праша еден новинар во 2014 година. Одговорот: „Да бидам искрен, многу малку, зашто се заплеткани во културата на отпорот која им овозможува да не си го поставуваат прашањето што би требало да се направи.“6 Повеќе од општествено вкоренување, тој бара разбирање со претприемачите кои исто така ја осудуваат „економската олигархија“. Тоа е проект кој го наметнува прашањето: колку долго е можно да се одржи таков сојуз кога ќе дојде на власт?7
Неволјите на Подемос не можат да се објаснат само со внатрешните борби кои го разјадуваат. Пробивот на партијата Вокс произлегува од катаклизмата која ја предизвика каталонското прашање на шпанската политичка сцена. Неколку дена по прославата на референдумот за независноста на Каталонија во октомври 2017 година - прослава која ја растури бруталната полициска репресија - телевизиското обраќање на карлот Фелипе Четврти, кој отфрли каква било одговорност за кризата произлезена од каталонскиот сепаратизам, ги маргинализираше силите како Подемос кои го поддржаа референдумот. Ненадејната појава на шпанските знамиња на градските балкони ширум земјата укажа на враќање на конзервативното наследство.
Меѓутоа, размерите на скандалот ја спречуваат десницата да остане на власт: изгледа дека ПП е вмешана во голема корупциска афера. Во јуни 2018 година Рахој беше присилен да се повлече заради предлогот за укор кој го поднесе главниот секретар на ПСОЕ, Педро Санчез, со одобрување на Баскиската националистичка партија (ПНВ), неколку каталонски партии и Подемос. Меѓутоа, кратката социјалистичка влада не успеа да пронајде спогодбено решение за територијалната криза и се покажа како срамежлива за социјалните прашања кои ги бранеше Унидос Подемос (иако најави зголемување на минималната плата од 22 проценти минатиот декември).
Во ваквата коњуктура, паблистите и ерехонистите се обидуваат да ги комбинираат општествените и националните варијабли на општествената криза, додека десничарските партии (ПП, Сиудаданос, Вокс) настојуваат да ги изолираат. Класната стратегија ја нагласува територијалната трансверзалност на работничката класа. Популистичката стратегија промовира идентификација помеѓу народите, државите и нациите која би можела да доведе до обнова на уставните договори од 1978 година. И покрај противењето на конзервативците, тие ги признаваа социјалните права на населението и ја спречија рецентрализацијата на овластувањата пренесени на автономните заедници.
Грчкото предупредување
Меѓутоа, остатокот од светот исто така се промени од создавањето на Подемос. Во тоа време, неговите челници му се воодушевуваа на боливарскиот процес во Венецуела. Политичко-економскиот хаос кој сега владее во оваа земја е товар за Иглесијас и Ерехон, иако двајцата се дистанцираа од владата на Николас Мадуро.
Уште поодлучен беше исходот од конфликтот помеѓу Брисел и Атина од 2015 година. Капитулацијата на Сириза пред налозите на нејзините европски „партнери“ беше предупредување: можноста за отпор кон неолиберализмот во јужна Европа исчезнува. Ова е засилено и од напредокот на реакционерните сили во источна Европа и во САД.
Ваквата меѓународна панорама го поттикнува продорот на радикалната десница, досега недоволно видлива на шпанската политичка сцена, радикализацијата на другите конзервативни партии (ПП, Сиудаданос) и стеснувањето на маневарскиот простор на Подемос за оживување на надежта во промената која доведе до негово создавање.
Искуството акумулирано од 2015 година - благодарение на управите од градовите како што се Мадрид, Барселона, Валенсија, Кадиз, Коруња, Сарагоса8 - повикува на двојно разбирање. Тоа овозможи стекнување незаменливо знаење за оние кои тежнееја кон институционалните одговорности; но истовремено делуваше како нормализација на партијата која настојуваше да биде поинаква. Иако задржувањето контрола над градските собранија има тежина на локално ниво, тоа не е доволно за ампутација на привилегиите на елитите.
Силите кои се наоѓаат лево од ПСОЕ - Подемос, Izquierda Unida, En Comu Podem (кој ги обединува Подемос и другите организации во Каталонија), Мас Мадрид - сѐ уште имаат голема популарност. Настаните што следат наредните недели - општите избори на 28 април и европските, регионалните и локалните на 28 мај - на среден рок ќе ја одредат судбината на Подемос и можноста за барањата на „индигнираните“ кои би можеле да доведат до политички достигнувања.
Хозе Антонио Гарсија Симон е писател, а Жем Виндел е професор на Универзитетот Complutense (Мадрид).
(1) Види: Ratil Guillen, "Alchimistes de la Puerta del Sol", Le Monde diplomatique, јули 2011.
(2) Види: Razmig Keucheyan et Renaud Malbert, "Ernest Laclau, inspirateur de Podemos", Le Monde diplomatique, септември 2015.
(3) "Josep Oliu propone crear <una especie de Podemos de derechas>", El Periodico, Barcelone, 25 јуни 2014.
(4) Pablo Iglesias, "Un nuevo compromiso historico", El Pais, Мадрид, 9 декември 2015.
(5) Irene Castro, "Ei PSOE, el partido al que mas votan los desempleados", El Diario, 22 јуни 2016. www.eldiario.es
(6) Интервју на Пабло Ривас, "Estamos orgullosos de que la oligarquia espafiola tenga mledo", Diagonal, Мадрид, 7 ноември 2014.
(7) Види: Serge Halimi, "Un peuple en construction", Le Monde diplomatique, декември 2018.
(8) Види: Pauline Perrenot et Vladimir Slonska-Malvaud, "Dans les villes rebelles espagnoles", Le Monde diplomatique, февруари 2017.
Извор: Le Monde diplomatique