1028 hPa
62 %
13 °C
Скопје - Нед, 03.11.2024 16:59
Толку малку е познато за тоа на која точно основа Нетфликс ги покрева, обновува и откажува своите серии – за кои не обзнанува податоци за гледаност – што шпекулациите околу неговиот деловен модел знаат да преминат во доменот на теории на завера. На пример, како кога се нагаѓа за улогата на фамозниот алгоритам на Нетфликс: некои одат толку далеку што контаат дека не служи само како ориентир за обновување и откажување на серии, туку и како состав кој ги лоцира точните состојки на идните хит-серии па потоа, наводно, од Нетфликс нарачуваат серија баш со тие состојки бидејќи алгоритмот им кажал дека не може да потфрли.
Не сум толку циничен за да поверувам во такви нагаѓања, но можам да сфатам зошто некои луѓе им се склони – бидејќи навистина и има серии за кои на прв поглед е тешко да се поверува дека концептот не им е автоматски генериран.
Како во случајот со Santa Clarita Diet, чија навидум алгоритамска пресметка е ѓаволски едноставна: имаш еден дел од публиката кој сака женски драмедии сместени во добростоечки предградија, имаш друг кој го привлекува сè што има врска со зомбија, ги спојуваш со помош на, на сите драгите, холивудски ѕвезди и ... voila! Desperate Housewives + зомбија + Дру Баримур = ХИТ
Со тоа што, секако, ние не знаеме дали е хит бидејќи дури ниту творецот на Santa Clarita, Виктор Фреско - ако можеме да му веруваме на зборовите – нема поим каква е гледаноста. Уште повеќе, во неодамнешните интервјуа дури изразува и страв дека актуелната трета сезона може да биде и последна, бидејќи Нетфликс сè почесто ги гаси своите серијали после две до три сезони.
Серијата, инаку, ги следи згодите и незгодите на Шејла (Баримур) и Џоел Хамонд (Тимоти Олифант), брачниот и деловен пар чиј мирен живот во идиличното предградие е превртен наопаку кога Шејла станува зомби (во смисла дека ѝ се јаде исклучиво човечко месо, по речиси сите останати важни карактеристики останува како просечно човечко суштество) – затоа што, како што дознаваме подоцна, случајно изела ретка школка со зомби-вирус од едно езеро во Србија (!).
Santa Clarita притоа удира на Desperate Housewives не само со својот setting и соодносот на хумор и драма, туку и со впечатливо сличниот оркестрален score како и со Ричард Чавирa – или Карлос од Домаќинките – во една од поистакнатите улоги. А бидејќи јас по мазохистичка инерција своевремено ги истрпив сите ОСУМ сезони од Домаќинките (од кои единствено првата, реално, е вредна за паметење) – имам Desperate Housewives ПТСП поради кое Santa Clarita отпрвин не ми легна баш најсреќно, особено во комбинација со тоа како сè заедно беше непретенциозно до бол.
Но, добрата страна кај непретенциозните серии е што од нив не очекуваш никакви големи мудрувања, па е дотолку и поголемо и попријатно изненадување ако во некоја подоцнежна фаза успеат тивко да ги прошверцуваат.
Да верував во теоријата за алгоритамски завери, ќе речев дека Santa Clarita исто така се обидува донекаде да го емулира и успехот на Breaking Bad со шемата на главната хероина која мора да води двоен живот и притоа на секој проблем кој ќе го реши само ѝ изникнуваат уште два-три нови. Но затоа, ниеден алгоритам кој држи до себе и до профитот на своите господари не би тргнал да емулира нешто така некомерцијално како што се The Americans – на кои Santa Clarita Diet всушност е и најблиска според динамиките на односите на своите главни ликови.
Бидејќи во двете серии имаме по еден главен брачен пар кој води двоен живот па успехот во одржувањето на тој двоен живот – но и на бракот – зависи од тоа колку се добри и усогласени како партнери: колку не само што се сакаат туку и си веруваат еден на друг, колку се меѓусебно искрени и колку си пружаат емотивна и практична поддршка. Взаемното почитување и отворената комуникација се клуч на сè, особено кога е доволен еден единствен погрешен чекор за двајцата неславно да завршат.
А Џоел и Шејла многу, многу се сакаат и почитуваат и толку се отворени еден кон друг и подготвени на фаќање во костец со секој меѓусебен, семеен, зомбиски, или каков било друг проблем што за трите сезони од Santa Clarita се претворија во еден од најпретставителните, најинспиративни парови на денешниот телевизиски пејзаж.
Друг важен пар во серијата се нивната ќерка, Аби и Ерик, синот на нивните соседи. Тие двајца не се пар во романтична смисла (иако во воздухот постојано виси можноста еден ден да станат и тоа), но, повторно, претставуваат партнери: и тие се вовлечени во хаосот на Шејлината зомбиска егзистенција, па и тие мораат да се потпираат еден на друг за да го задржат здравиот раум и главата на место.
Santa Clariтa Diet по многу нешта е прогресивна серија – Аби, на пример, во еден миг го крева во воздуг погонот за фракинг, што се третира како сосем праведен и разумен чин, додека Шејла, кога веќе мора да јаде човечко месо, одлучува дека ќе јаде само олош како неонацисти и men’s rights активисти. Сепак, најмногу е за пофалба што поддршката на Џоел и Ерик за главните жени во нивните животи не е нешто што ги „кастрира“, не ги прави некакви трагикомични т.н. папучари туку токму спротивното: тие така само растат во очите на Шејла и Аби, што пак за возврат ја јакне нивната самопочит. Стануваат подобри луѓе, подобри партнери и – зошто да не – подобри мажи.
Единствената замерка што ја имам за Santa Clarita е прашање на личен вкус, или, подобро речено, лична смисла за хумор. Бидејќи гледам дека има луѓе на кои серијата им е баш урнебесна – а мене ме фрустрира тоа како кај најголемиот дел од форите толку малку фали гласно да ме насмеат, но некако во 90% од случаите ме запираат токму кај онаа граница која го дели мудро досетливото од вистински ха-ха смешното. Но разиграната актерска постава ги извлекува дури и најслабите фори, пред сè извонредниот Тимоти Олифант кој овде демонтрира неочекуван комичарски талент.
Сето тоа, плус СРБИТЕ! И тоа не една, туку две српски организации кои го загорчуваат животот на главните јунаци: не е е алгоритмот скржав, мисли тој и на нас Хрватите!
Извор: https://www.kulturpunkt.hr