1022 hPa
66 %

8 °C
Скопје - Чет, 13.02.2025 16:59
Нашата земја е на 95-то место според последниот светски индекс за слободата на медиумите на „Репортери без граници“ (РСФ), скокајќи 14 места во однос на претходниот извештај за 2018 година и со тоа се пласираше подобро и од соседна Бугарија, која е членка на ЕУ, а е на 111 место.
Главна забелешка на „Репортери без граници“ за Македонија оваа година е состојбата во јавниот сервис, МРТ, каде што Владата сѐ уште не спровела реформи.
Иако не се регистрирани напади врз новинарите во текот на минатата година во Македонија и безбедноста на новинарите бележи значителен напредок, Репортери без граници предупредуваат дека културата на неказнивост продолжува да владее во земјата.
Во извештајот се посочува дека е проблем и амандманот со кој се дозволува на Државната изборна комисија да го мониторира покривањето на предизборните и изборните процеси од страна на електронските медиуми.
„Исто така е проблематично тоа што високи владини функционери имаат постојана тенденција да се закануваат на новинари и да ги навредуваат. Сепак, направен е напредок во поглед на безбедноста на новинарите – бројката на напади во 2018 е само една третина од бројката напади во 2017 година. Сепак, култура на неказнивост е длабоко вкоренета и само два од 59 регистрирани напади врз новинари во последните години биле предмет на истрага и добиле завршница. Ова e далеку под нивото неопходно а се обесхрабрат одговорните за нападите“, предупредува РСФ.
Во делот на законските регулативи, организацијата за заштита на новинарите забележува дека се потребни измени во делот за клевета и пристапот до државни информации.
Инаку, 95-то место е најдобриот резултат за Македонија во последните пет години.
Во годинашниот извештај од земјите на поранешна Југославија плус Албанија, најдобро е рангирана Словенија , на 34. место, БиХ е 63-та, Хрватска 64-та, Грција 65-та, Косово 75-то, Албанија 82-ра, Србија 90-та (со пад од 14 места) Црна Гора 104-та и Бугарија 111-та.
Извор: Мета