Поглед отстрана врз творештвото на Даша Дрндиќ

03.05.2019 02:19
Поглед отстрана врз творештвото на Даша Дрндиќ

Не ми е првпат да говорам јавно и да пишувам за балканската писателка со европско реноме Даша Дрндиќ – но, овојпат, тоа го правам со нелагода, очи во очи со првата годишнина од нејзиното заминување (5 јуни 2018)

Иронијата на судбината сакаше, тоа (преурането) заминување да се случи токму во екот на нејзината растечка книжевна репутација, во моќната и пребирлива (кога се работи за туѓи преводи и автори) книжевна средина, како што е Америка.

Релациите на Даша Дрндиќ со Македонија и Скопје беа повеќестрани (лични и книжевни) и се одвиваа на обострана радост, така што Даша имаше прилика и задоволство на неколку пати да престојува во нашата земја. За првпат, тоа се случи летото 2003 година, кога во својство на гостин, Даша зеде учество во првата патувачка книжевна работилница „Пишувајќи ја Македонија“, што се одржа во организација на Лилјана Дирјан и Здружението на Независните писатели. Во 2011 година, Дрндиќ повторно се најде во Скопје, заедно со Слободан Шнајдер, по повод свечената промоција на новиот број 29-30 и промоцијата на вебсајтот на реномираното регионално списание „Сараевски тетратки“ (во кое Даша соработуваше како уредничка од Хрватска). Во таа прилика, беше приреден и книжевен портрет на Дрндиќ (и С. Шнајдер), кога беа прочитани избрани фрагменти од нејзината нова книга „Sonnenschein“ (подоцна, мошне ценета и повеќекратно наградувана во светот, иако под малку видоизменет наслов „Трст“). Дрндиќ одново престојуваше во Скопје, во рамките на книжевната резиденција „Апсолутно модерен“ (а, во текот на 2012 год. и во издание на „Готен“, излезе од печат преводот на нејзиниот роман „Лајка формат“, на македонски јазик). Дрндиќ, за последен пат, допатува во Скопје, во мај 2014 година, како новоизбрана добитничка на наградата „ПрозАрт“ поради нејзиниот особен и меѓународно потврден придонес во креативниот развој и афирмација на уметничката проза (награда, инаку доделена од страна на меѓународниот фестивал „ПроЗа Балкан“, со седиште во Скопје).

Кога станува збор за автор од калибар на Дрндиќ, и покрај фактот што таа номинално припаѓа меѓу неголемиот број жени писатели, како најсоодветна за неа и нејзиното творештво би ја избрала определбата „жестоко писмо“ - наместо (или, наспроти) очекуваната и трендовска синтагма „женско писмо“!

Тоа се однесува на повеќе рамништа од оваа несекојдневна, слоевита, реторички избрусена, високо софистицирана – а сепак – живо сугестивна и луцидна проза, почнувајќи од нејзината тематика, па сè до специфичниот и препознатлив тон на сочно и „пецкаво“ раскажување.

Читајќи ги различните романескни остварувања на Дрндиќ , во потрага по нивниот општ и заеднички именител – доаѓаме до една исходишна констатација – творештвото на Дрндиќ се движи по својата сопствено зацртана, но и доследно спроведена патека на лично искуство, збогатено со несомнено богатото (и документарно поткрепено) истражување, кое има програмски осмислена цел и не помалку благородна амбиција - како да не се молчи-премолчи Траумата – но, не само онаа која е индивидуална, туку, и колективно доживеаната траумата!

Доколку не бидат навремено артикулирани низ најчесто мачниот и болен процес на себе-соочување со нив, траумите, како што духовито изјавува Дрндиќ во едно свое интервју, стануваат како „кученца, кои ги влечкаме низ животот“, а потем и како штаки, да ни бидат идеален изговор, алиби за сета наша неделотворност.

На себесвојствен, прецизно стегнат, стоички и луциден начин, низ критички изострениот и мисловно раслоен ракурс - кој вешто и успешно ги избегнува стапиците на патетиката - Дрндиќ ги тематизира нималку лесните и едноставни искуства (храбро навлегувајќи во премолчаните или непишаните табуа) пред сè на личен план, како што се, на пример, соочувањето со фаталната болест и распаѓањето на телото, нималку едноставното трагање по личните и семејните корени, расеани и замаглени по повеќекратните бегалски искуства, преселничките приказни и непредвидливите драми на идентитетот, произлезени од неодамнешните историски пресврти и сукцесивни војувања во нашиот регион во 90-тите години, па сè до глобално трауматичната (логорашка) историја на Холокаустот, уметнички доловена преку трогателните лични приказни, документирани сведоштва, и интимни фотографии на жртвите и преживеаните.

Всушност, за авторка каква што е Даша Дрндиќ – ангажираноста претставува иманентно својство и суштина на уметничката литература, која кај неа блика од изобилство на животни сокови, приказни, низ историјата и географијата заскитани, трагични ликови. Имајќи ја предвид стимулативната улога на општествената криза врз нејзиното животно, но и писателско искуство – таа за себе самата ѓаволесто ќе каже „јас сум воен профитер во книжевното творештво“.

При тоа, не е случајно тоа, дека Дрндиќ долго време стоеше на чело на хрватското Здружение на самохрани родители, заложувајќи го својот авторитет и углед за подобро социјално осигурување и поголема видливост на оваа, сосем занемарена категорија луѓе во денешните, националистички заслепени општества на овие простори, кои остануваат индиферентни кон сè, што излегува од тесната етноцентрична рамка.

Дрндиќ верува во катарзичната моќ на сеќавањата, што оди дотаму што таа се залага за тоа, сеќавањата да бидат прифатени и одржувани во живот (преку литературата) како морална обврска, особено кога се имаат предвид големите и колективни историски трауми, како што е примерот на Холокаустот:

„Колективниот заборав го гледам како голем валкана крпа на историјата, префрлена преку огледалото“ (открива Дрндиќ, во едно од своите моќни и инспиративни интервјуа, дадено за хрватскиот портал „Модерна времена“, на 20. 6. 2013).

При тоа, според Дрндиќ, неодминливо значење добива важноста на имињата – особено кога станува збор за такви масовни трагедии како конц-логорите – конкретноста на личното име, неговото несводливо животно искуство и значење е она што ја прави сочна инаку апстрактната граѓа на историјата. Тоа може да се илустрира со спомениците на жртвите во Берлин – кои наместо да бидат монументални, предимензионирани во просторот, видливи, моќни – тие се овојпат (само) коцки со личните имиња на убиените во логорите, врз кои секој минувач одново чекори и се потсетува! Според мислењето на Дрндиќ, „токму приказните на поединците се оние, кои ги сметам за важни, оние, кои, всушност, ја сочинуваат историјата“ (Т портал, 2016). Затоа, авторката огорчено реагира на лицемерието на бројките – изразено не само во историските, туку и во современите документи и извештаи за жртвите. „историјата ги заокружува труповите на нула“ („Лајка формат“).

Од друга страна, кога станува збор за сеќавањата од личен вид и карактер, Дрндиќ ја прави оваа, за книжевноста и уметноста мошне важна, дистинкција меѓу две навидум слични модалитети на сеќавањето и неговата фактографија, како што се исповедноста, од една страна и интимноста, од друга.

Според нејзиното, инаку сосема штуро појаснување, ова разлика меѓу (банално) исповедното и (естетски) интимното е всушност клучна во вредносна смисла и може да послужи како драгоцен маркер за естетската издржаност на една добра проза, добра книга, добар автор.

„Интимно, што е интимно? Тоа во литературата може многу добро да се камуфлира, интимното не мора да значи исповедно... Освен тоа, дури и кога писателот користи делови од својата интима, доколку таа интима има широкоаголна димензија, ако е, да речеме, применлива на повеќе луѓе, на повеќе животи, повеќе ситуации – тоа не мора да ја намали вредноста на она, што е напишано “ (За грст црешни, интервју со М.Главаш, „Модерна времена“, Загреб, 20.06.2013).

Поетиката на сеќавањето кај Дрндиќ, меѓутоа, нема онолку идилични и поетични референци, како што би очекувале од некоја друга и традиционално ориентирана носталгична проза, напротив. Како што самата признава сеќавањето знае да биде „товар, поголем од сите други мерливи тежини“ – и наместо да го смири, „состави“ и регенерира сопствениот носител (субјектот кој се сеќава), тоа сеќавање попрво да значи „реметење на неговиот идентитет“, не сосем пријатен рез и изместување од колосекот на новата сегашност.

Отаде, повеќезначниот поим на фугата станува метафоричен и автопоетички клуч, експлицитно присутен уште на првите страници во „Лајка“ – таа ги означува дупките во сеќавањето, бегството и отпочнувањето на нов живот, прогонството, пукантината и спојката во едно! Кога, на едно место, ги споменува сите оние „згаснати, безфугени луѓе“ – нараторката ги им предвид токму виталните потенцијали на фугата, како динамичен лајтмотив на промената, огнот, самиот живот конечно.

Како што е познато низ историјата, националните заедници најинтимно се оформувале и внатрешно се поврзувале преку споделените општи и на сите главно познати сеќавања. Тука можеби лежи основниот хендикеп на писателите – расколници и прогонственици – багажот на несподеливите, разломени, само ним како поединци, важни и егзистенцијално дефинирачки сеќавања, кои немаат со кого да ги споделуваат, без при тоа да има неопходна потреба од дополнителни објаснувања.

Дрндиќ во „Лајка формат“ искажува едно креативно (би рекле, гностичко, ако го прифатиме толкувањето на Елијаде за гностикот како човек, кој е отуѓен од сопствената култура ) несогласување со себеси, својата припадност и потекло, соочувајќи се со тегобната (не)вкоренетост, која ја следи, без разлика на тоа каде се наоѓа. Ова гностичко кредо не се должи само на тоа, што (поради елементи од сопствената биографија), Даша Дрндиќ одбивала да биде идентитетски тесноградо определена, односно, сведена и редуцирана исклучиво на еден атрибут на припадноста, туку и на фактот, што меѓу нејзините омилени и инспиративни автори спаѓаат имињата на Франц Кафка, Томас Бернхард, Елфриде Јелинек, кои редум страдаат од истиот проблем на нелинеарната припадност и несовпадливост со своето локално потекло (а тука бездруго треба да се спомене до сега недоволно истражениот автентичен податок, за долгогодишната и блиска, приватна и книжевна, релација со големиот југословенски мартир на постмодерната, Данило Киш).

Гностичкото стојалиште на Дрндиќ е прегнантно изразено во реченицата „туѓи ми се сите градови“ – кога всушност се открива, дека проблемот на неприпадноста не се сведува само на еден конкретен простор-град, затоа што попрво станува збор за една универзална и неизлечлива состојба на запрашаност на нараторот над дилемата: „Чиј е овој Град?“, дилема прегнантно изречена во една пригода од страна на Џ. Конрад.

Како човек и писател, што поминал дел од својот живот и на повеќе места се чувствува како дома, Дрндиќ го одбира Градот како книжевен топос, што е некојпат видливо веќе во самите наслови на нејзините романи, како Берлин (Април во Берлин), Београд, Трст (ова е додуша наслов, избран за англиското издание на Зоненшајн) – но, градот може да фигурира и во препознатливите меѓуредови на сижето, како што е случајот со градот Риека во Лајка.

Но и тука исто така, Дрндиќ бега од наративната патетика и сентиментализмот: од една страна, таа ги споредува градовите со некогашни љубовници (кои предизвикуваат трајна болка при секоја нова средба). Во „Април во Берлин“ има еден ваков опис: „Таа широка и тешка тишина, налик на дебелите газови на тажна домаќинка, се тркала како мртво море и ги завиткува старите зданија и уредените градини, легнува по патеките, тече по сокаци, ноќе спобудалува, се излива од собите и влегива во главите“. Од друга страна, Дрндиќ признава дека не си дозволува трајно или исклучиво да се врзе за ниту еден од нив и на едно место признава „туѓи ми се сите градови“ – а тоа е своевидна автобиографска „мантра“ на нејзината инаку постојана егзистенцијална изместеност, ис-коренетост, не-вкоренетост, која е препознаена и истакната како жаришна точка во критичката рецепција на нејзините книги.

Во едно од тие, антрополошки интонирани толкувања, авторот Александар Мијатовиќ констатира, дека прозата на Дрндиќ ја карактеризира „непомирливото бескуќништво, кое ја заговара подвижноста наместо роднокрајноста“ – односно, дека нејзината проза е сведоштво за „сериозната, неизлечива болест на искоренувањето“ (со зборовите на Страхимир Приморац).

При тоа, (не)вдоменоста во прозата на Дрндиќ е осликана на софистициран начин, со вметнување на особени и книжевно впечатливи детали: преку метонимични описи на напуштената мачка и саксиите цвеќе во бившиот дом, или, преку духовитата реторика и самоиронија од типот „се можело и без татковина“, потем низ автобиографската досетка „откако си се избркав“ – кога егзилот е всушност претставен како повратен и, божем, „доброволен“ глагол, или, со примена на одбрамбениот механизам, познат под називот рационализација, кога пишува „немањето блиски луѓе (во градот) штити од стрес“.

Спецификите на оваа парадоксална невдоменост (оти станува збор за нелагода меѓу неверојатно блиски јазици и култури, како српската и хрватската) се напати духовито истакнати - меѓу другото, преку необичниот, а ефектен исказ „ме гледаат национално“ (каде атрибутот национално е за првпат даден како прилог), или низ урнебесно сроченото прашање „дали е вашиот мачор Хрват“, конечно, и во пародичната парафраза на етнизираната реклама за сладолед „да лижеме хрватско“ (кога бомбоните се спојуваат со глагол во национално- заповеден начин), што сè заедно финишира со иновативниот израз адоптивна (посвоена) грутка, што Дрндиќ го преферира наспроти популарниот и анахрон националистички мотив на „родната грутка“.

Отаде, и изборот на англискиот јазик во општењето на нараторката самата со себе има не само ироничен белег – туку и значење на метафора, родена во револтот на личното, однадвор изнудено бегство од тиранијата на еднонасочните дијалекти, кои, во својата лакомост. ја проголтале драгоцената разноликост на јазиците! Изборот на англискиот јазик е бунтовна реакција, поттикната од претенциозната драма на хипертрофираните разлики меѓу српскиот и хрватскиот јазик! Наместо да прифати (трендовски) да се провинцијализира, нараторката на Дрндиќ од инает решава (макар и само) јазички да се глобализира!

Пишувањето кај Дрндиќ (како што е тоа случај и со некои други автори) е трајна пресметка со своето потекло, непресушна полемика, на која чиниш никојпат нема да и’ недостигаат поводи и аргументи! Иако ќе напише „крвта е предавник “, таа во еден разговор признава дека во нејзиното семејство „се сакале на критички начин“ и дека литературата, што ја пишува, сепак, не е „пресметка со родителите“.

Дрндиќ е всушност „дома“ во повеќе различни култури благодарение на повеќекратните идентитети со кои може да се поистовети, вклопи, облагороди и препознае. „Денес многумина имаат повеќекратни идентитети, се чувствуваат добро, at home во повеќе ралични култури, зброувајќи на повеќе различни јазици, живеејќи различни животи со луѓе, не нужно сосема слични на нив“ („Зарез“, Загреб, бр.214).

На прв поглед парадоксално, но типично за автор како неа, странецот во нејзината проза, особено „Лајка“ – е – токму оној - онаа внатре, длабоко во нас - што постојано го носиме во себе (сосема налик на согледбата на уште една „подвижничка“ на доживотното странствување, Јулија Кристева, која беше напишала, дека во овој свет, во улогата на странци се препознаваме и наоѓаме сите! При тоа, судејќи по својот личен опит, ние сме најнапред „странци самите на себеси“!

Според своите препознатливи поетички одлики, прозата на Дрндиќ е еклатантно постмодернистичка проза, во која провејуваат принципот на фрагментацијата, хибридното вкрстување и заемното преточување на жанрите (на пример, автофикцијата и есеистиката), колажното моделирање на исечоците од стварноста и книжевноста, метафикционалноста и авто-субверзивноста како модуси на раскажување! Отаде, во меѓународната критика, може да се сретне, на прв поглед, неочекуваната споредба меѓу автентичната поетика на Дрндиќ и реминисценциите од документаристичкиот стил на култниот германски автор В.Г. Зебалд. Покрај тоа, тешко поткупливата критика на Запад, не пропушта да ѝ оддаде признание на моќноста, оригиналноста, ефективноста, монументалноста – но и вознемирувачкиот (тешко сварлив) учинок на романескната проза на Дрндиќ, штедро опсипана со предзнакот: ремек дело.

Дрндиќ е авторка, која наголемо ги истражува документарните потенцијали на уметничката проза – неслучајно, и насловот на нејзиниот роман, преведен на македонски јазик, „Лајка“ е директно (но, и метафорично) поврзан со фотографијата, како доументаристички жанр пар екселанс! Фрагментарноста на нејзината проза при тоа кореспондира како книжевен аналогон на самиот фото-објектив, односно неговиот ограничен ракурс, и секојпат „условен“ опсег на зафаќање на надворешната реалност. Таа признава дека документарниот филм е нејзина голема слабост, како што впрочем да не заборавиме, тоа исто така важи и за музиката!

„Лајка“ е прекрасно самодоволна книга, една есеизирана автобиографија на прашалната припадност! Додека ја читам оваа мозаична, горчлива и духовита проза – се дружам толку непогрешливо со себеси! Поточно кажано, со својата полемичност кон сопственото потекло, со внатрешниот раскол на (не)вдоменоста и идентитетот! Со неумоливата, „гностичка“ отуѓеност од сопствената култура, во која ми е задушливо и тесно! Чувствувам благодарност, што Даша во едно интервју ги брани и рехабилитира денес прилично извиканите и неподобни „лузери“: оддавајќи им признание, дека имено тие (а не суетните сопственици на акции од берзите) се всушност вистински „добитници“, затоа што токму тие „лузери“ (а не некој друг) се единствени, кои денес имаат смелост и способност воопшто да поставуваат Прашања!




 

ОкоБоли главаВицФото