„Цензура“ – прва самостојна изложба на фотографии на Соња Ставрова

03.05.2019 15:54
„Цензура“ – прва самостојна изложба на фотографии на Соња Ставрова

 

Во понеделник, на 6 мај во Националната галерија на Македонија – Мала станица, со почеток од 20 часот, ќе биде отворена првата самостојна изложба на уметницата Соња Ставрова, насловена како „Цензура“. Изложбата е дел од магистерскиот труд на авторката на истата тема.

Проектот се фокусира на истражување на застапеноста на цензурата во различни области од општеството и самоцензурирањето како производ на континуиран општествен притисок.

Фундаменталното човеково право на слобода на говор и изразување мислење е под постојан напад од структурите на моќ. Степенот на цензура во разните свои облици варира низ сегментите на личниот и општествениот живот создавајќи жртви притиснати кон маргините. Сепак, постоењето на опресивниот механизам создава и простор за уметничко творење и пркос. Ставрова пред сè им се обраќа на младите луѓе со цел кај нив да ја подигне свеста за правото на достапност на информации, потребата од критичко оформување на ставови и нивно непречено изразување како и улогата на уметноста во општествените динамики. Во своите дела таа се осврнува и на конкретни проблеми на маргинализираните групи, во локален, но и во глобален контекст.

„Говорот на омраза и стигматизација што ги туркаат жртвите на маргините, во исто време им даваат крилја кои се широко раширени во уметничката творба. Рамките на фотографијата стануваат нивно ново ограничување, а во истовреме нивен влез во видливоста. Сведоштвото за присуството на цензорот отвора нови хоризонти. (...) Глобалните општествени теми и темите кои директно влијаат на младиот човек секогаш ми се најголема инспирација и постојан извор на мотивација, бидејќи тоа што директно се рефлектира на нас, најблиску и најисцрпно можеме да го прикажеме со нашите дела“, вели Ставрова.

 

Соња Ставрова (1992) е студент на магистерски студии, на катедрата по фотографија на факултетот за Аудиовизуелни уметности ЕФТА, во класата на проф. м-р Роберт Јанкулоски и доц. м-р Елена Бојаџиева. Дипломирала на правниот факултет „Јустинијан Први” во Скопје.

Во своето уметничко творештво фотографијата ја користи како медиум преку кој истражува општествени теми и актуелни глобални и локални случувања. Како најчест израз ја користи концептуалната фотографија и симболизмот.

Во 2018 година го освои второто место во категорија акт на интернационалниот фестивал за фотографија „Rovinj photo days“ во Ровињ, Хрватска. Нејзините фотографии биле дел од повеќе групни изложби: „F8“ (Скопје, 2019), „Идентитет“ (Дортмунд, 2018), „Rovinj photo days“ (Загреб, Ровињ), „Идентитет“ (Скопје, 2018), „Фото Софија 13“ (Загреб, 2018), „Млади ликовни уметници од Кавадарци и нивни гости“ (Кавадарци, 2014 и 2017), „Скопје Креатива“ (Скопје, 2017), „Времеграфии“ (Скопје, 2017), „Теми од мојата земја Македонија“ (Скопје, 2018), „Влажен колодиумски процес“ (Скопје, 2018), „Фотон“ (Кавадарци, 2013).

 

 

ОкоБоли главаВицФото