На што е име Александар Вучиќ?

04.05.2019 03:29
На што е име Александар Вучиќ?

Во својата книга На што е Саркози име (2007), филозофот и професор на престижната Ecole normale superieure Алан Бадју се обиде да укаже на системските услови кои доведоа до победа на Никола Саркози на претседателските избори во Франција. Како изразит противник на „капитало-парламентаризмот“ и неговите избори кои главно ги гледа како илузија, односно „бесмислено соучество во корупцијата“, тој тврди дека легитимацискиот момент на парламентарната демократија не се наоѓа во реалните политички содржини кои на избори ги нудат разни политички опции. Наместо тоа, Бадју тој момент го пронаоѓа во апстрактните закони и симболичкото насилство кое доминантните го вршат над потчинетите за да обезбедат репродукција на постоечкиот поредок. Така, познатиот филозоф преку конкретен пример го демаскира механизмот на стравот кој на Саркози му овозможи да дојде на власт.

Со репутација на „тврд“ министер за внатрешни работи во администрацијата на Жак Ширак, Саркози ситуацијата од 2005 година - кога во уличните нереди гореа сиромашните и главно мигрантски париски предградија - ја искористи за да се претстави како спасител. Меѓутоа, она што се појавува како суштински момент и еден од главните аргументи на Бадју во книгата е тоа што стравот од кој Саркози „ги спасува“ Французите е истиот оној кој самиот го креираше како претставник на „доминантниот блок“ во општеството. Оттука, тој се појавува како самоостварувачко пророштво, односно како творец на стравот и како спасител, истовремено. Книгата на Бадју е апстрактно, но и мошне концизно и добро четиво кое може да послужи како шлагворт за ситуацијата во Србија во која повторно имаме еден спасител, од себеси.

Тајкунски претседател во „социјалната пустина“ на Европа

Накратко, постсоцијалистичкиот контекст на Србија може да се толкува преку логиката на трагикомедија во три чина, која ја претставуваат три навидум меѓусебно негациски периоди: „милошевиќевски“ од 1991 до 2001, квазидемократски од 2001 до 2012, и „вучиќевски“ од 2012 до денес, при што последниов е само мисловно повторување и надоградба на првите два.

Сите три епохи во современата историја на Србија ги карактеризира - во нееднаква мера операционализирана и инспирирана од поинакви симболи - истата филозофија на производство и репродукција на олигархиски политички и економски систем, подреденост на сите сегменти од општеството на најсоголениот тајкунски интерес и разорување на реалниот сектор во економијата. Сепак, Србија под Вучиќ добива контури на политичкиот систем кој во Франција е познат како „необонапартизам“, односно „демократски деспотизам“. Така таа станува европска авангарда во контекст на тезата на Жижек - која е формулирана како провокација на сметка на таканаречената антитоталитарна идеологија која ги изедначува комунизмот и фашизмот - дека „сталинизмот е иднината на парламентарната демократија“.

Слично на Саркози, Вучиќ стана спасител од групите кои се создадоа на крилата на неговата политика од последната деценија на дваесеттиот и првата деценија на дваесет и првиот век. Тој на внатрешен план примарно се легитимираше преку наративот за борба против тајкуните и „ограбувањето на државата“ (дури и „ограбувачките приватизации“) кои, повторно, ги создаде воената епизода на Србија од деведесеттите и разорувањето на Југославија во кои беше мошне забележителен актер. Пред да стане првиот потпретседател на владата 2012 година, Вучиќ мораше да пронајде формула со која ќе го оправда своето ново (европско) политичко одело, а притоа да не ја испушти или да не му ја препушти на својот некогашен шеф Воислав Шешељ големата поддршка која СРС ја имаше претходните две децении. Затоа се одлучи на сосема логичен чекор: демагошки дискурзивен напад на корупцијата и тајкуните, ограбувачката приватизација и партиските вработувања.

По доаѓањето на власт, Вучиќ избра тактика со која го жртвуваше Мирослав Мишковиќ, тајкун близок на еден од неговите двајца политички татковци (Томислав Николиќ). Така Милошевиќ, кој своевремено покажа потценувачки однос кон идниот „владејач“, „настрада“ зашто Вучиќ правилно процени дека со симболичка делегитимизација на „првиот тајкун“ би можел да профитира политички, без загрозување на системот кој создаде таков „ловец на плен “. И покрај тоа, токму за време на неговото владеење ја гледаме метастазата на клиентелизмот и корупцијата, како и појавата на нови Nouveaux Riches кои се во роднински и кумовски врски со претседателот и неговото опкружување. Значи, Вучиќ политички „полета“ како борец против причините на проблемите кои ги креираше самиот и продолжи да ги продлабочува со создавање нови и „залевање“ на старите тајкуни.

Покрај целосната контрола над тајкуните и, генерално, командната економска класа која поседува огромен удел во вкупното општествено богатство на земјата - вториот внатрешен столб на режимот на Вучиќ е контролата на „народните класи“ (мануелни и немануелни работници, ситни селани и самовработени, кои се две третини од населението на Србија)1. Контролата на овие слоеви од населението Вучиќ главно ја воспоставува така што ги држи уценети и заплашени, некои и благодарни што имаат некаква работа, наместо да паднат под границата на сиромаштијата.

Освен тоа, во Србија речиси и да нема социјална подвижност. На пример, како што покажаа социолошките истражувања, бројот новозапишани деца на српските универзитети кои доаѓаат од работнички или селански семејства од година во година е сѐ помал, а Србија денес претставува убедливо најзатворено општество во Европа. Тоа значи дека е речиси невозможно дете на работник или селанец во текот на животот да напредува и да го надмине статусот на родителите. Оттука, не зачудува тоа што, според податоците на Еуростат, Србија со Македонија и Турција е земја со најизразени нееднаквости во Европа.

Земајќи го ова предвид, како и фактот дека Србија е земја со една од најниските стапки на вработеност во Европа, клучниот канал на хоризонталната и вертикалната општествена подвижност, но и воопшто доаѓањето до каква било работа во јавните претпријатија или приватните фирми кои зависат од државата, е припадноста или барем блискоста до владејачката партија. Преку озаконети и, во однос на своите претходници, понапредни механизми за манипулација и уцена, СНС успеа во неколку нешта: 1. креирајќи голем број работни места на определено, дел од припадниците на „народните класи“ е ставен под директна контрола и е вклучен во партиската машинерија за да може да го задржи своето работно место; 2. еден дел се наведени да веруваат дека токму тие се оние ко ќе добијат работа во „следниот круг“; 3. најголемиот дел е пасивизиран преку медиумска пропаганда и сатанизација на политичките противници (тоа е олеснето со фактот дека во првите редови на опозицијата има корумпирани и компромитирани личности); 4. еден дел е избркан од земјата (според проценките на провладиниот весник Политика, од Србија годишно се иселуваат околу 60 000 луѓе).

Еврофилски претседател на една стабилократија

Технологијата на владеењето на Вучиќ - која подразбира бруталност кон слабите, односно кон обесправените општествени слоеви и внатрешните политички противници, но и сервилност кон силните - е добитна комбинација која ја применуваат сите долговечни деспотски лидери во регионот и во светот. Тука е важно да се подвлече еден ноторен факт: Вучиќ, кој од 2014 година со железна рака владее во Србија, има целосна поддршка од САД, Русија, Кина и ЕУ. Како успеа да ја придобие оваа поддршка? На два начини. Најпрвин, и покрај националистичката реторика, во практиката беше подготвен да прави отстапки кога станува збор за Косово, и на тој начин да добие поддршка од ЕУ и САД. И, од друга страна, од Србија направи резервоар за евтина работна сила за крупниот капитал од цел свет.

Кога станува збор за работното законодавство и работничките права во Србија, тие во времето на владеењето на Вучиќ се дополнително уништени и сосема споредливи со состојбата на капитализмот од 19 век во Западна Европа. Освен тоа, јасна е и хиерархизацијата и централизацијата на власта, при што коруптивните механизми се сведуваат на партијата на хегемонот и на национално ниво (за разлика од претходната деценија кога беа распрснати на неколку нивоа - од националното до локалните и личните - и на неколку партии), што сосема им оди во прилог на интересите на крупниот капитал2. Значи, причините за надворешнополитичката поддршка на Александар Вучиќ треба да се бараат во фактот дека успеа да оствари клиентски односи со најголемите светски сили, продавајќи им ги на нивните мултинационални компании националните ресурси и давајќи им неверојатни поволности за отворање подружници во Србија. На тој начин Вучиќ воспостави систем кој, за разлика од досовската власт, му овозможува недвосмислена поддршка кај мнозинството од народот, но и Русија и Кина; а за разлика од Милошевиќ има поддршка и од западните сили.

Во тој контекст, ни на домашните ни на транснационалните центри на моќ не им е во интерес Вучиќ, односно актуелниот режим, да си замине од власта. Пред сѐ, во моментов Западот е заинтересиран за Србија примарно заради признавањето или историскиот договор со Косово. Секако, не затоа што Косово е особено важно за големите сили, туку заради меѓународниот поредок.

Со српското признавање на Косово големите сили дефинитивно би ја легализирале својата интервенција од 1999 година, како и сето она што следеше подоцна, а не е во согласност со меѓународното право и денес влијае на стабилноста на меѓународниот поредок.

Токму на косовскиот случај се повикуваат не само Русија и другите - од визурата на Западот - „отпаднички“ држави кои одвреме навреме имаат амбиција да анекрираат одредена територија, туку и разни сепаратистички движења кои би сакале уште денес да прогласат независност или спојување со своите региони во други држави. Значи, признавањето на Косово или некој подолгорочен и стабилен договор помеѓу Косово и Србија, за Западот има многу поголем симболичен влог од самото значење на Србија и Косово во геополитичките односи на силите.

Историски договор (околу Косово), кој според сите релевантни показатели никогаш не бил поблиску до операционализација, може да испорача само моќен, националистички лидер. И покрај тоа што тој секако ќе биде болен за српската „национална свест“, Вучиќ се чини како единствен кој може да ја ублажи таа „болка“. Освен тоа, Вучиќ се претстави како единствен кој може да ги контролира десните елементи во општеството, што можеби е од пресудна важност за решавање на косовското прашање. И навистина, во 2012 година, кога почна неговата епизода на власт, беше единствениот политичар кој можеше да ја деактивира темпираната бомба во вид на организирани навивачки и други екстремно десни групи. Тоа го направи така што инфилтрираше неколку водечки фигури во државните институции, а на неколкумина им даде „зелено светло“ да се занимаваат со разни бизниси (од градежни до угостителски и слично) кои ќе им овозможат заработка без опасност од кривичен прогон. Слично на Саркози, Вучиќ стана спасител од групите кои се создадоа на крилата на неговата политика од последната деценија од 20 век и првата деценија од 21 век. Затоа не зачудува тоа што барањата од светскиот „центар“ за демократија во Србија им отстапија место на барањата за „стабилократија“ и прифаќање на клиентелистичките политички и економски односи.

Крајот не е ни на повидок, алтернатива допрва треба да се изгради.

Ни беше мошне пријатно додека ги скициравме полугите на моќта на Вучиќ. Најпосле, сепак, треба да се соопштат два непријатни факти. Прво, моменталната ситуација во земјата не покажува дури ни знаци за негова кулминација на моќта, а камо ли знаци за пад. Второ, за да се сруши Вучиќ, потребно е да се преземат цела низа дискурзивни, организациски и практични, политички издржани потфати. Системот кој го усоврши Вучиќ во Србија - во релативно краток период, вкупно шест или седум години - мошне е тешко да се размонтира. Интересната мрежа која е расплетена во и околу партијата на хегемонот пушти длабоки корени во секоја сфера од општеството: од најниските структури (организираните локални центри на моќ), до највисоките полуги на моќта во сите три гранки на власта, медиумите и службите за безбедност. Ако нему му требаа помалку од осум години, односно период од два политички мандати - да се етаблира како неприкосновен деспот, тогаш најмалку исто толку ќе биде потребно сето тоа да се сруши: но од моментот кога владата ќе почне да паѓа.

Актуелниот економски модел се темели на очајно привлекување странски инвестиции, заради што се уништуваат работничките и еколошките стандарди, со придружно јакнење на авторитарноста и клиентелистичките мрежи, за полесно да се контролира сѐ поголемото незадоволство. Значи, позитивно нешто е сѐ поголемиот број луѓе кои се сѐ поактивно незадоволни заради обесправеноста и авторитаризмот, но и тоа што голем дел од оние кои моментално се дел од мрежата на моќта на СНС се присутни само заради интерес, без подлабоки уверувања. Колку и да успеала владејачката партија да вмрежи, да уцени или да убеди голем број луѓе да гласаат или да работат за нив, сепак и натаму мнозинство се оние кои не се во нивната мрежа. Во таа насока, слоганот „Сепак сме повеќе“ е закотвен во реалноста. Меѓутоа, политичката моќ повеќе е израз на тоа кој има повеќе организирани, отколку кој има повеќе генерално. Актуелните протести иницираа бран незадоволство и ја зајакнаа неговата видливост, иако, како што покажуваат социолошките истражувања, ограничени се на многу мал број луѓе, односно на одредени делови од средната класа (која е и единствената автономна општествена група моментално во Србија)3.

Во моментов единствена противтежа на власта е Сојузот за Србија, кој се квалификуваше како главен натпреварувач, пред сѐ, со организациски и финансиски капацитет. Меѓутоа, дури и ако ја апстрахираме идеолошката какофонија на СзС, нивното инсистирање на барањата кои комуницираат пред сѐ со интересите на средната и високата средна класа, ни зборува дека овој политички ентитет и натаму е празен на полето на дискурзивното и суштински политичкото. Секако, оваа празнина не е буквална, таа не значи дека актерите во Сојузот немаат политики.

Напротив, неволјата е во тоа што тие негуваат политики кои суштински не се разликуваат од транзициската „торта“ на која Вучиќ дојде како „шлаг“. Трагедијата на постјугословенска Србија се согледува во тоа што секоја клика која се најде на врвот беше поинаква од претходната, а повторно продолжи токму таму каде што застана претходната и тоа (суштински) по истиот пат по кој би тргнала и претходната, само ако можела.

Во состојбата во која се наоѓа Србија, разбирливо е тоа што како прашање над сите прашања се смета само едно: кога ќе падне Вучиќ и како ќе се изведе тоа? Ќе падне порано или подоцна... и веројатно нема да падне мирно. Кога ќе почне да паѓа, најверојатно ќе посегне по методите кои моментално ги пробува со контрамитинзите. Тие само во еден момент ќе станат засолниште на сите екстремно десни елементи на кои тој ставил рака и кои ги држи под контрола. Она што го знаеме уште сега е дека носител на тој процес долгорочно не може да биде политички стерилниот СзС. Почетокот на падот, па и самиот пад на Вучиќ, може да биде инициран ид страна на СзС, под услов тој да направи низа грешки кои би можеле да го чинат (видовме дека тоа не е невозможно, на пример со апсењето на средношколците).

Сепак, долгорочната промена на целокупниот паразитски систем е условена со формирање цврст политички и социјален фронт помеѓу некомпромитирани и политички прогресивни поединци и нови организации. Единствено таков сојуз, помеѓу неелитистичките делови од средната класа и народните слоеви потенцијално би бил способен - преку јасна формулација на социјални барања во корист на сите угнетени - да го разбие бадјуовскиот страв, со кој актуелниот клиентелистички режим го парализираше општеството и ја киднапираше државата.

Ивица Младеновиќ е политички социолог, докторант на Универзитетот во Белград и Париз VIII, истражувач во парискиот Центар за политички и социолошки истражувања. Автор е на студијата Значењето на социјалниот капитал во современа Србија.

Филип Балуновиќ е политички филозоф, докторант на Универзитетот Scuola Normale Superiore во Фиренца, автор е на книгата Белешки за слободата.

(1) Според релевантни податоци само 10 проценти граѓанки и граѓани можат да си дозволат просечна потрошувачка корпа, додека 70 проценти од нив не можат да си обезбедат ни минимална. Maja Krek, Sta znaci "prosecna zarada" ako je vecina nema? Pescanik, 04.01.2018.
(2) Informal power networks, Political patronage and clientelism in Serbia and Kosovo, SeConS, Edited by Slobodan Cvejic, Belgrade 2016.
(3) Види: Slobodan Cvejic, Demokratijom protiv stabilokratije: Ko su i sta zele ucesnici protesta "1 do 5 miliona"? Mons.rs, 5.4.2019.

Извор: Le Mondе diplomatique

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото