Маратон

04.05.2019 11:42
Маратон

Утре е Скопскиот маратон. Тие што ќе се натпреваруваат треба да истрчаат 42 195 метри.

Приближно толкаво е растојанието помеѓу Маратон, гратче во Грција, и Атина. Во 490 година пр. н.е. во близина на Маратон се водела славната Маратонска битка. Легендата вели дека кога Атињаните ја победиле многукратно побројната персиска војска, еден атински војник по име Филипид (грч. Φιλιππίδης) или Фејдипид (грч. Φειδιππίδης) трчал од Маратон до Атина за да ја соопшти веста за победата. Стигнал во Атина, извикал Χαίρετε: νικῶμεν / Cháirete! nikómen („Здраво! [букв. „Радувајте се!“] Победуваме”) и испуштил душа. Трчал без ниту еднаш да застане повеќе од четириесет километри.

Во 1879 година англискиот поет Роберт Браунинг, инспириран од оваа приказна, ја напишал оваа песна:

So, when Persia was dust, all cried, "To Acropolis!
Run, Pheidippides, one race more! the meed is thy due!
Athens is saved, thank Pan, go shout!" He flung down his shield
Ran like fire once more: and the space 'twixt the fennel-field
And Athens was stubble again, a field which a fire runs through,
Till in he broke: "Rejoice, we conquer!" Like wine through clay,
Joy in his blood bursting his heart, - the bliss! (Pheidippides)

Некои сметаат дека овие стихови на Браунинг го инспирирале францускиот филолог Мишел Бреал да му предложи на својот пријател Пјер де Кубертен на првите современи Олимписки игри во 1896 да се воведе атлетска дисциплина во која атлетичарите ќе се натпреваруваат во трчање на патека долга толку колку што било растојанието меѓу Атина и Маратон. Во спомен на легендата за Фејдипид, Бреал предложил дисциплината да биде наречена „маратон“.

Инаку, името на гратчето Маратон (грч. Μαραθών) потекнува од старогрчкиот збор μάραθον ‘морач’ / ‘див копар’ (лат. foeniculum vulgare). Го добило ова име зашто во околината имало многу полиња со див копар [затоа Браунинг вели: twixt the fennel-field!]. Значи, маратон буквално значи ‘место полно со див копар’. Од име на билка, преку име на место, до атлетска дисциплина!

3 мај 2019.

Слика: Лук-Оливие Мерсон, „Војникот од Маратон“ (1869), приватна колекција

 

Слични содржини

Историја
Книжевност / Историја
Општество / Став / Историја
Балкан / Култура / Историја

ОкоБоли главаВицФото