80 години на „Финегановото бдеење“

04.05.2019 12:44
80 години на „Финегановото бдеење“

„Големите поети се таинствени од две спротивставени причини: или поради тоа што говорат за нешто што е преголемо, та не можеме да го разбереме, или поради тоа што говорат за нешто што е премало, та не можеме да го забележиме“, вели Гилберт Честертон во воведот од својата студија за поетот Франсис Томпсон. Сродно на него, Ентони Бурџес за Џојс ќе рече дека „Не постои друг писател освен Џојс кој толку многу си го опишува својот живот и кој толку малку открива за себе. Џојс никогаш не суди, никогаш не коментира.“

Романот Финегановото бдеење од Џејмс Џојс е најкнижната, најкнижевната и најенигматичната книга напишана досега. Денес, на 4 мај, славиме 80 години од нејзиното објавување. Во ерата на постмодернизмот и во ерата на пост-вистината во политиката и социјалните мрежи Финеган е роман на 21 век. Денес, кога технологијата истовремено поврзува и отуѓува, потврдува и побива, Финеган говори за некои други реалности. И не е чудо што Финеган доживува ренесанса токму во оваа дигитална доба.

Според биографот на Џојс, Ричард Елман, Џојс започнал со пишување на романот Финегановото бдеење на 10 март 1923 година. Насловот на романот ѝ бил исклучиво доверен на неговата сопруга Нора, иако во јавноста во наредните години ќе биде познат под називот Work in Progress, и така и ќе се објавува (парцијално), прво во transatlantic review (април 1924) на Форд Мадокс Форд, Criterion на Т.С. Елиот во јули 1925 година, а во октомври истата година и во списанието на Андриен Мони; потоа во This Quarter (есен-зима 1925-1926), и на крајот, во париското списание transition на Јуџин и Марија Џолас од април 1927 со април-мај 1938 година. (Ellmann, 1992: 261).

И покрај мноштвото на објавени студии, дури и речници со толкувања на алузиите присутни во овој роман што денес го прават попристапен за читателот, не постои друга книга за која осум децении истражувачите сè уште стојат збунети пред прашањето „Што сакал Џојс да рече?“ во Финегановото бдеење или Бдеењето на Финеган. Џон Бишоп, во својата студија Џојсовата книга на мракот го опиша овој роман како „единствениот намерно обмислен книжевен артефакт во нашата култура“. Таа е книга над книгите. Песна над песните, како што пее Светото писмо на Стариот завет.

Џојс со Јуџин Џолас од списанието transition, 1938, прават корекции на ракописот, фотографија: Жизел Фројнд (Gisèle Freund)

Финеган е кулминација на неговата макотрпна, долгогодишна работа. Џојс е секогаш крајно сериозен во својата работа. Кај Џојс формата е содржина, содржината е форма. Да пишуваш роман цели седумнаесет години, да претрпиш повеќе од десетина операции на очите, да бидеш во очајни маки од глауком, да страдаш, да ти велат пријателите – дека ова што го правиш е залудно, дека е лудо – дека тоа што си го напишал нема јазик – еден – туку е напишано на педесет туѓи јазици – парчиња, фрагменти што си ги собирал со години додека си живеел во тесни станчиња низ Европа на добрата волја и милосрдие на твоите пријатели и мецени – во Пула, Трст, Рим, Париз и Цирих – да мислиш дека денот е ноќ зашто видот ти е заматен – ќерка ти, твојата Лучија Ана да ја испратат во санаториум – Јунг и Лакан да речат дека заедно со неа страдате од латентна склоност кон шизофренија – и на крајот да напишеш роман за кој самиот ќе признаеш дека го напиша за да имаат што „да се занимаваат критичарите наредните триста години“, да речеш „Она што го барам од читателот е да го посвети сиот свој живот на читање на моите дела“.

Вака заробен во својот свет на мрак и бол, Џојс се повлекол во осама. Но, дури и слабиот вид му дава творечка сила. Почнува да обмислува нови сложенки и кованици, потполно препуштајќи се на играта со зборови и нивното значење, нивните звуци. На Филип Супо (за кого се одбележува уште една годишнина – сто години од објавувањето на Магнетни полиња со Андре Бретон), кој забележал дека Џојсовото последно дело е преполно со звуци, мириси и расположенија, во една прилика Џојс му возвратил: „Имам впечаток дека е постојано самрак“.

Систематското затемнување на секој збор употребен во Финеган е неопходна постапка, поради тоа што тоа доаѓа од ноќните предели што тој ги набљудувал и за што самиот ќе рече: „мислата ми е секогаш проста“ (Budgen, 1972: 291), но тешкотијата во читањето извира од материјалот што го употребува – „недневниот дневник“ (“nonday diary” FW 489.35) во кој Џојс го „реконструира ноќниот живот“.

Самракот кој му е секојдневие ќе го смрачи јазикот во Финеган. На Вилијам Брд во една прилика ќе му се довери и ќе рече: „За моето ново дело – знаете, Брд, признавам дека не ги разбирам дел од моите критичари, како што се Паунд или г-ца Вивер, на пример. Велат дека било нејасно (опскурно). Се разбира, го споредуваат со Улис. Но дејствието во Улис главно се одвива преку ден, а дејствието во мојата нова книга се случува главно ноќе. Природно е ноќе стварите да бидат не толку јасни, зар не?“ (JJ: 590). Како што рече Бекет, пишувањето кај Џојс не говори за некоја ствар, тоа е самата ствар. Џојс ги брани своите методи на пишување, префрлајќи го вниманието од стилот на пишувањето врз предметот што го обработува во книгата. На друго место вели: „Сакам да ја опишам ноќта“ (Ellmann, 1982: 695.). А за ноќта ќе рече и: „Тука лежи непознатото“ (Mercanton, 1979: 207). На Жак Меркантон за книгата уште и ќе му рече: „Ноќ е. Темница. Едвај се гледа. Можеш само да сетиш.“ (233). Ќе рече и дека станува збор за „Ноќна состојба, лунарна. Тоа е она што сакам да го доловам: што се случува во сонот, за време на сонот. Не она што останува по сонот, во сеќавањето. После него ништо не останува.“ (207). Опскурноста, нејасноста, непристапноста, темницата на Финеган е неговата суштина и слава. Кога го опишува сонот, зборовите спијат.

Финеган е уметничка форма на chiaroscuro (кјароскуро, светло-темно) каде мрачните ствари се “clearobscure” (FW 247.34) (јаснонејасни). “Murmury” (254.18) [мрморење], “mummeries” (FW 535.27) [мумивање] и “m’m’ry” (FW 461.20) [меморија] (очевидно испишано без вокалите навестувајќи ги “дупките“ во сеќавањето), сè до metamnisia (FW 158.10) (или „отаде заборавот“). Текот на меморијата („mem“ на хебрејски значи „вода“, „народи“, „јазици“) – ја носи универзалната историја како Ана Ливија Плурабел (∆) – крајниот женски лик во Финеган означен со кратенките „ALF“ или „LAP“. А штом се разбудиме пробуваме да ги “remumble” (FW 295.4) [да ги промрмориме одново] тие соништа, да си ги раскажеме повеќе во “murmury” [мрморење] отколку во “memory” [сеќавање]. Оти сеќавањето на ноќта обично е поттикнато од некоја случајна мисла или гест и на тој начин се чини дека буди асоцијации, мали матни парченца од темницата се издвојуваат во “m’m’ry” и евоцираат други и други сè дури не се реконструираат дупките во “m[e]m[o]ry” (FW 460.20).

Џојс создава со неброени маки и во тоа создавање тој вложува огромен умствен, а со оглед на влошениот вид, дури и физички напор, но штом ќе ја заврши својата ракотворба, тој знае да „вид[и] дека тоа е добро“ (1 Мојс 1,8). „O, you were excruciated, in honour bound to the cross of your own cruelfiction! (FW 192.17-19) [О, ти беше измачуван, во честа сврзан за крстот на сопственото мачносмислие!]. Морис Беја, преку овој пасус од Финеган, ја толкува уметноста на Џојс како „мачносмислие“ (како творештво што го измачува сопствениот творец), би додала „распетие“, но истовремено и како негово спасение и негова победа. Затоа читањето на Финеган, таа циклична книга без крај, не може да има вистински крај.

„I’ve a terrible errible lot todue todie todue tootorribleday“ (FW 381.23-24). [Морам страшно грешно баеги давтасам дапапсам давтасам преужoсенден.]