1017 hPa
38 %
23 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 14:59
На програмата на 22 издание на Скопје филм фестивал, кој годинава се одржа од 17 до 25 април, како специјална проекција во кафе – киното Котур, беше прикажан американскиот документарен филм „Виолината на Џо“ (Joe’s Violin) на режисерката и продуцентка Кахане Купермeн (Kahane Cooperman).
Нејзиниот краток документарен филм „Виолината на Џо“ беше номиниран за Оскар во 2017 година. Таа продуцираше седум кратки документарни филмови за аутизмот, а режираше два од нив за Ејч-Би-О (HBO). Неодамна беше и извршна продуцентка и режисерка на „Ладнокрвно: убиствата на семејството Клатер“, четиричасовна крими серија за вистински криминалци за Санденс ТВ на Амазон Прајм. Беше извршна продуцентка за „Њујоркер претставува“, серија за Амазон Прајм. Од 1996 до 2015 гoдина, таа имаше важна улога во познатата и култна телевизиска емисија „Дејли шоу со Џон Стјуарт“, каде што првично беше ангажирана како теренска продуцентка во 1996-та година, а потоа напредуваше до коизвршна продуцентка од 2005 до 2015 година. За нејзината работа во „Дејли шоу“ таа доби 11 Прајмтајм Еми награди и три Пибоди награди.
Во 2017 година. Кахане Купермeн беше прогласена за „Влијателна жена“од списанието „Варајати“. Својата кариера ја започнала во „Мејслес Филмс“ во Њујорк. Нејзиниот филм „Студена вода“ беше прикажан на филмскиот фестивал „Санденс“. Магистрирала филм на Универзитетот „Колумбија“ во Њујорк. Благодарение на Американската амбасада , таа беше гостинка на Скопје филм фестивал и по порекцијата, публиката имаше можност да разгова со неа. „Многу сум среќна што имав можност да дојадам во вашата убава земја, да учествувам на Скопје филм фестивал и да се сретнам со многу инспиритавни млади филмаџии и со други интересни луѓе“, рече таа на проекцијата на филмот. Ова беше прилика и за кус разговор со Кахане Купермен за Окно.
Како дознавте за приказната во „Виолината на Џо“?
Почна многу едноставно. Возев кон работа и слушав радио во колата. Се емитуваше куса реклама за акцијата на радио станицата со која се собираат музички инструменти што потоа ќе им бидат донирани на сиромашни ученици во Њујорк. Наведоа неколку инструменти што веќе биле донирани, меѓу кои и виолина што ја донирал 91-годишен маж што го преживеал Холокаустот. Се запрашав дали виолината има приказна. А потоа се запрашав дали ученикот што ја добил некогаш ќе ја дознае таа приказна. Па се прашав и каква е приказната на ученикот. Додека дојдов на паркингот, сфатив дека тие двајца туѓинци ќе ги поврзе музичкиот инструмент. Мислев дека идејата е многу трогателна и почнав да работам на неа.
Дали беше тешко да добиете пристап до главните ликови во филмот и да ја стекнете нивната доверба?
Знаев дека треба да почнам со Џозеф, човекот што ја донираше виолината, за да дознаам дали има приказна, но прво требаше да ја стекнам довербата на радио станицата за да може да ме спојат со него. Им пишав, а потоа и се сретнавме еднаш – двапати пред да ми веруваат доволно за да му побараат дозвола да ми го даде телефонскиот број. Џозеф се согласи, се сретнавме и по еден час знаев дека има трогателна приказна и дека е добар раскажувач, и дека вреди да ја истражам приказната за да видам што ќе се случи следно. Пристапот до училиштето, кој често може да биде тежок, одеше лесно по првичната средба, кога се запознавме. Мислам дека сите сфатија колкава е потенцијалната емотивна моќ на приказната и чувствував голема поддршка. Едно е да добиеш пристап, но друго е да стекнеш доверба – луѓето треба да споделат многу емотивни сеќавања и искуства со вас и треба да се чувствуваат пријатно и да ви веруваат дека правилно ќе ја раскажете приказната. Сакам прво да се подружам со луѓето пред да ги интервјуирам и со нив споделувам доста работи за себе. На тој начин, кога ќе седнете на интервју, тоа повеќе лични на неформален разговор и се надевам дека им е полесно да зборуваат за потешките работи. Ваквиот пристап помага и при поинтимните сцени, како што беше средбата меѓу Џозеф и Бриана – дотогаш се надевате дека тие веќе и не се свесни за вашето присуство.
Како беше кога првпат се видовте?
На почетокот беше супер кога разбрав дека Џозеф има добра приказна, но се воодушевив кога сфатив дека е добар раскажувач и дека е топол, интересен и има неверојатна меморија. Со Бриана се запознав дента кога ја доби виолината – и бев изненадена што девојче од 12 години знаеше и чувствуваше дека виолината не е само обична виолина.
Дали беше многу емотивно искуство да се слушнат нивните приказни? Сега, по три години, се чини дека на сè се сеќавте многу добро
Снимањето на филмот, генерално, беше многу емотивно искуство. Повеќепати сум кажала дека плачев цели две години додека се снимаше – тоа е преувеличување, но сепак не големо. Кон крајот на филмот, кога двата лика конечно ќе се запознаат, е момент што никогаш нема да го заборавам. Целата екипа плачеше.
Бриана е ќерка на имигранти. Кога зборувавте за документарецот во Скопје, спомнавте дека филмот отворил прашања што не сте ги имале на ум за време на снимањето на филмот
Луѓето ги гледаат филмовите и уметност воопшто, низ призмата на сопственото искуство. Кога ја гледаат „Виолината на Џо“ гледаат приказна за многу различни работи, во зависност од перспективата: врска меѓу туѓици, пријателство меѓу различни генерации, моќта на музиката, итн. Но по претседателските избори во САД во ноември 2016 година, кога одеднаш дојде до пораст на анти-имигрантските чувства во САД, луѓето почнаа да го гледаат филмот како приказна за имигранти/бегалци – а тоа не го очекував. Но, како ќерка на имигрант, се гордеам со тоа. Џозеф дошол овде како бегалец, а родителите на Бриана дошле од Доминиканската Република со надеж за подобар живот за семејството.
Кое откритие најмногу Ве изненади при снимањето на филмот?
Најмногу ме изненади тоа што структурата на приказната излезе токму онака како што си ја замислував тие 10 минути во колата откако првпат ја слушнав рекламата. Вистинската приказна исто така се одвиваше и така јас и монтажерите ја одредивме структурата на приказната – со испреплетување на приказните на Џозеф и Бриана.
Ве изненади ли кандидатурата за Оскар?
Се шокирав што „Виолината на Џо“, плод на мојата љубов што беше финансирана со донации на Кикстартер (272 донации од пријатели, роднини и непознати), стигна сè до Оскарите, но неочекуван беше и целиот пат на филмот – фестивали, награди и проекции низ целиот свет, како што е неодамнешниот Скопски филмски фестивал благодарение на напорите на Американ филм шоукејс и на Американската амбасада. А за Оскарите, за тоа не ни сонував ниту го очекував сè додека луѓето не почнаа да ми шепотат дека тоа е можно откако го гледаа филмот.
„Виолината на Џо“ е вашиот најпознат филм, но имате уште неколку, па што е најважно за Вас како авторка на документарци? Приказната, општественото влијание, важноста на темата...
Сè е важно, но за мене најважно не е само точно да доловам нечија приказна, туку и да ги илустрирам емотивните патешествија и човечки искуства што се дел од таа приказна – емоциите се она што го делиме како луѓе и тоа се надевам ќе го доловам во моите филмови, на овој или оној начин. Ако можете емотивно да допрете до луѓето, тогаш потенцијалот на приказната, темата и општественото влијание е многу поголем.
Работевте на познатото “Дејли шоу со Џон Стјуарт“, потоа продуциравте и други проекти, па каква е телевизијата денес, каква ќе биде во иднина?
Можам да зборувам само за американската телевизија и стриминг мрежите. Имав среќа да работам на многу влијателна емисија, „Дејли шоу со Џон Стјуарт“, што навистина постави високи стандарди и засекогаш смени одредени аспекти на телевизијата. Не можам да знам каква ќе биде иднината, но можам да кажам дека сегашноста е многу возбудлива и надежна – сега повеќе од кога и да е има можности за емитување на документарци, а сериите стануваат сè помоќни и посинематски.
На каков проект работите сега?
Режирам и продуцирам долгометражен документарец за љубезноста и пристојноста во Америка.
Фотографии: Јована Савевска