Пендаровски победи со 436.212 гласови

06.05.2019 09:57
Пендаровски победи со 436.212 гласови

Кандидатот на СДСМ Стево Пендаровски е победник на претседателските избори, откако вчера (5. 05) освои 436.212 (51,66%) гласови во вториот круг, според 100 отсто од преброените избирачки места. Неговиот противкандидат, Гордана Силјановска-Давкова од ВМРО-ДПМНЕ, освои 377.713 (44,73%) гласови. Неважечки ливчиња имало 30.442 (3,61%).

Претседателот на Државната изборна комисија го прогласи Пендаровски за победник на претседателските избори.

„Му честитам на Стево Пендаровски на изборот и се надевам дека функцијата ќе ја извршува успешно“, рече Дерковски на синоќешната прес-конференција.

Тој рече дека вкупно на гласање излегле 46,44 отсто од граѓаните или 816.649 од вкупно запишаните 1.808.131 во Избирачкиот список и додаде дека изборите поминале во фер и коректна атмосфера, а до ДИК во текот на денот не пристигнале никакви забелешки за нерегуларности на избирачките места.

По прогласувањето на победата, Пендаровски кажа дека ќе биде претседател на сите и ќе ја води Северна Македонија кон ЕУ и НАТО.

„Излеговме од темното дно, ова е победа на обединување и заедништво. Јас ќе бидам претседател кој ќе обединува, а нема да делам, фактор на стабилност, а не на кризи. Ќе ја поддржувам Владата, но богами и ќе ја критикувам кога треба“, рече Пендаровски.

Силјановска-Давкова рече дека иако нејзиниот противкандидат победил, таа не ја изгубила битката.

„Победи противкандидатот, но не мислам дека јас како поединец и јас како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ ја загубив битката. Политиката во Македонија сè уште не е уметност, политиката овде сè уште е во рацете на политичарите“, изјави Силјановска-Давкова.

 Честитки за победата на Пендаровски пристигнаа од голем број државни лидери и водечки луѓе од меѓународните организации.

„Честитки до Стево Пендаровски за победата на претседателските избори, со нетрпение чекам да работам за вас за прием на Северна Македонија како триесетта членка на НАТО“, напиша на Твитер, Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Пендаровски ќе биде петтиот претседател од независноста на земјава. Претходно оваа функција ја вршеа Киро Глигоров, Борис Трајковски, Бранко Црвенковски и досегашниот претседател Ѓорге Иванов.