Последниот час на професорката

06.05.2019 10:21
Последниот час на професорката

Гордана Сиљановска Давкова и на „последниот час“ што го одржа на овие претседателски избори – нејзиниот долг и неверојатно здодевен проштален изборен говор – ефектно ги потсети сите оние кои решија да не гласаат за неа дека имале добра причина за тоа. Да победеше, професорката со своето грандиозно его ќе ја задушеше претседателската функција како што се дави некој со перница на кревет.
Таква огромна самобендисаност, заљубеност во себе, во себе и само во себе, не сме имале можност да посведочиме кај стотици други политичари во Македонија, а сме виделе разни. Разбравме дека таа е убедена дека изборите не се спроведени за државата да добие претседател, туку за нејзе да ѝ се приреди незаборавно искуство за, пред пензија, да ја запознае татковината и народот што живее во неа. И видно е воодушевена од тоа, малку задоцнето, но незаборавно туристичко доживување!
Поразот го призна, но не му ја честиташе победата на својот противник. При фер и демократски избори, какви што беа тукушто завршените, тоа е елементарна непристојност за која нема што паметно да се додаде. По таа срамота ќе се памти нејзиниот пораз.

Од друга страна, Заев и Пендаровски и во победата најдоа многу зборови за самокритичност, наспроти комплетниот автокритички молк на Мицкоски при прославата и на овој пораз. Од него чувме едно конфузно политичко пелтечење за тоа колку им е добар резултатот, колку се тие во право за сè и дека ќе победеа ако не изгубеа, ама изгубија, за што се виновни сите нечесни Македонци и не-Македонци кои гласале за власта. Дури и неколкуте „клакерски“ аплаузи во салата беа млаки, без душа, каков што е и фрустрирачкиот впечаток од изборниот резултат. Загубија дури и во Охрид и во Ново Село.
Лидерот на опозицијата и сега не разбира дека и на овие избори е поразен политичкиот концепт, тој застарен националистички модел зад кој тој и неговата партија цврсто застанаа и не испорачаа победнички резултат. Со таа политика, никогаш и нема да заслужат да дојдат на власт. Неверојатно политичко слепило, проследено со менталитет на размазено шестгодишно дете кое мисли дека тоа никогаш и за ништо не е виновно, бидејќи не го сакаат воспитувачките во забавиште. „Мрзив га учитељи“, што би рекле кумановци.

Македонија, пак, испорача добро спроведени претседателски избори, на кои победи мнозинската евро-атлантска ориентација на земјата. Има во таа агенда уште многу што да се сработи, но ова беше неопходен чекор во вистински правец. Власта сега добива време да се консолидира и да почне поефикасно да го испорачува она за што во неколку последователни наврати гласачите ѝ даваат поддршка на избори. Политичкиот наратив ѝ е сè уште победнички, но ако остане без поитни, убедливи резултати, тој наратив ќе се распадне побрзо одошто е потребното време за демократска реформа на опозицијата. Ќе биде лошо ако таа политичка и идеолошка платформа, заради сопствената политичка импотентност, сама себе се порази, без голема заслуга на оваа млака опозиција, заробена во сопствените ла-ла-бла-бла политички и персонални мистификации. Тоа е најлошата варијанта за среднорочната иднина на Македонија.
За среќа, тоа нема да се случи. Зошто? Бидејќи Заев и оваа победа никому не му ја должи, а целиот влог е преголем за да биде прокоцкан од распространетата ароганција и местимичната неспособност на луѓето од структурите на власта. Има во тој Муртинец уште енергија за победи, а времето за изговори истече.

Фотографии: Marcus Palmqvist и Gem Fletcher
Извор:
Цивил медиа