Изложба на Велимир Жерновски во Акантус

06.05.2019 11:19
Изложба на Велимир Жерновски во Акантус

Утре (вторник, 7 мај) од 19:30, во галеријата „Акантус“ ќе биде отворена изложбата што се состои од уште едно ново поглавје од проектот ОТАДЕ на Велимир Жерновски. За неговата изложба „Отаде црнилото“ која беше поставена минатата година во МСУ и за самиот проект веќе пишувавме, а интервјуто можете да го прочитате овде.

Ова ново поглавје од проектот ОТАДЕ „Beyond “ на кој Жерновски работи во последните пет години, обединува повеќе серии на: сито графика; рачно позлатен сито печат и 3Д печат. Во процесот на настанувањето на графиките Жерновски експериментира со строгите канони на припрема и изведба на графика, во просторот помеѓу монотипија и сито печат.

Резултатот се вибрантни дела кои не можат да се повторат заради тоа што во себе го сублимираат и просторот и времето во кое се создадени преку процес во кој авторот спонтано дозволува да реобмислува, пре-печатува, брише, додава и воопшто да си игра со композицијата и боите. Сито печатот е една од најпопуларните графички техники која заради својата изведба дозволува уникатен авторски пристап, па овие дела во својот финален израз ги следи отворен простор, минимализам и очигледната ранливост на материјалното.

Имено, генералниот проект ОТАДЕ „Beyond “е инспириран од популарните слики на НАСА / Националната астрономска и вселенска администрација / и ЕСА / Европската вселенска агенција , и ја зема човековата љубопитност и знаењето за нашиот универзум како појдовна точка за наративното градење преку продукција на објекти и видео инсталации. Контрастот се гради преку пејзажи на нашата планета и осамени астронаути во вселената со минималистички естетски пристап.

Проектот ОТАДЕ го отсликува меланхоличниот пат на човековата интеракција со природата. Тој споделува и загриженост за еколошките промени предизвикани од човечкиот фактор и ја поттикнува потребата да придонесе за свеста за кршливоста на нашата планета и нејзиниот одржлив живот. Претпоставува осаменичка иднина за човечкиот род како резултат на недостаток на грижа за природата.

 

Слични содржини

Активизам / Уметност

ОкоБоли главаВицФото