Ширење на паника и страв во пресрет на посетата на Папата

07.05.2019 16:47
Ширење на паника и страв во пресрет на посетата на Папата

Линк до оригиналниот напис: Српски портал: Папата ќе биде убиен во Скопје!?- Според пророштвото на Нострадамус

На еден ден пред доаѓањето на Папата Франциск во Македонија, неколку медиуми пренесуваат текст објавен од српски портал, кој не е ништо друго туку класично ширење паника и заплашување на јавноста и верниците.

Написот во кој се тврди дека Папата ќе биде убиен при посетата на Македонија е целосно непрофесионален и прекршува низа на новинарски правила. Станува збор за теорија на заговор, втемелена на наводно прорштво на Нострадамус, сензационално пренесено како вест, која нема никаква врска со новинарски продукт затоа што не ги задоволува основните професионални предуслови за тоа.

Со ваква објава неосновано се предизвикува страв во јавноста, што е особено проблематично во конкретниов случај, бидејќи станува збор за настан кој се очекува да биде масовен, со голем број присутни од кои значителен дел странски државјани.

Згора на сè, за паниката да биде уште поголема, во написот се тврди и дека убиството на Папата ќе значило почеток на нова светска војна. Вакви констатации предизвикуваат не само паника, туку страв и загриженост кај читателите за нивната лична безбедност.

Читателите треба да знаат дека пророштвата на Нострадамус се пишувани како катрени, односно строфи од по четири реда во вид на стихови и загатки, кои не се хронолошки наредени, па често е невозможно одредено пророштво да се поврзе со конкретен историски настан. Всушност, повеќето од пророштвата на Нострадамус се слабо преведени, неодредени и нејасно формулирани, со што се отворени за разни читателски толкувања и интерпретации, што, пак, остава доволно простор да се поттикнат еден куп шпекулации.

Дури Нострадамус навистина и да напишал вакви стихови, тие во никој случај не може да се поврзат со посетата на Папата во Скопје. Иако во текстот се тврди дека Нострадамус предвидува дека некој на 7 мај ќе се обиде да го убие Папата, во стиховите, кои наводно ги има напишано проркот, не е прецизирано ниту место, ниту време на случувањето, ниту името на Папата. Тоа не значи дека е во ред стиховите секој слободно да ги интерпретира како сака и како му одговара и неосновано да ги поврзува со одредени вистински настани. Дополнително се прави и аналогија дека Скопје е градот што лежи на две реки како да е единствениот град на светот низ кој што течат две реки.

И сето ова се поврзува со ИСИС и најавата која стигна од таа терористичка организација дека планираат нови напади во Европа. Во написот се вели дека „многу страчни лица се загрижени за безбедноста на Папата“, но не е наведено кои се тие стручни лица, дали се навистина стручни и која е нивната стручност за да можат да даваат вакви силни заклучоци.

Проблематичен е и српскиот портал Webtribune, кој првично го објави написот, кој потоа е преземен во македонските медиуми. Не само што порталот е генерално непознат, туку на веб-страницата недостасуваат основни информации за него. Нема импресум, адреса, ниту, пак, е наведено името на авторот кој го напишал текстот. Освен тоа, сите останати написи кои се објавени на овој протал се напишани сензационалистички, без докази и креирани само за привлечат кликови.

Најмалку од сè, медиумите кои претендираат да бидат професионални, треба да преземаат вакви теории на заговор од нерелевантни портали и да ги објавуваат како вистинити информации, а со тоа и тенденциозно да шират паника.

Извор: crithink.mk

 

Слични содржини

Општество / Европа / Балкан
Општество / Европа / Балкан
Општество / Фотографија / Скопје 1963-2013 / Историја
Општество / Европа / Балкан
Општество / Балкан / Историја
Општество / Европа / Балкан
Општество / Балкан

ОкоБоли главаВицФото