Враќање на местото на злосторството

08.05.2019 00:30
Враќање на местото на злосторството

Елиот Ејбрамс

Најавата на американскиот државен секретар Мајкл Помпео за именувањето на неоконзервативецот Елиот Ејмбрамс за специјален пратеник во Венецуела, на 25 јануари, не остана незабележана. Одлуката на овој човек да му се довери задачата да работи на соборување на претседателот Николас Мадуро, печатот ја протолкува како сведоштво за независноста на Помпео од претседателот Доналд Трамп.

Неговиот несреќен претходник, Рекс Тилерсон, поранешен претседател и извршен директор на Ексон мобил, навистина се надеваше дека ќе го ангажира Ејбрамс. Но, Трамп се противеше на тоа, и покрај лобирањето на десничарскиот сенатор Шелдон Аделсон, кој изгледа дека од претседателот го добива она што го сака. Која е причината за ова одбивање? Ејбрамс се здружи со другите неоконзервативци за да го критикува Трамп на републиканските внатрепартиски избори во 2016 година.

Дури и напорите на зетот на претседателот Џаред Кушнер се покажаа залудни, Стивен Бенон, неговиот советник во тоа време ги убеди станарите во Белата куќа дека Ејбрамс го дискредитирала неговата репутација како „глобалист“.

Масакри и акти на геноцид

Според списанието Блумберг, ова унапредување открива дека дошло до „пресврт“: „Неговите ставови се репрезентативни за политиката која ја исмеваше Трамп во текот на својата кампања - вклучувајќи ја поддршката за војната во Ирак, која долго ја критикуваше. Но изгледа дека Ејбрамс, исто како и претседателот, се променил“1.

Оваа идеја дека „луѓето се менуваат“ исто така се наоѓа меѓу објаснувањата кои ги даде Ејбрамс за да ја избрише својата улога во скандалот „Ирангејт“ - кога администрацијата на Роналд Реган ја финансираше својата поддршка за антисандинистичките сили контрас во Никарагва со тајна продажба на оружје за Техеран - претставувајќи ја како безначајна. Меѓутоа, фатен во замката на оваа афера, Ејбрамс мораше да ја признае вината по две точки од обвинението за прикривање информации од Конгресот.

Тој беше отстранет од Окружниот суд во Колумбија, пред да го помилува претседателот Џорџ В. Буш. „Мислам дека тоа не е ни најмалку важно, коментираше тој. Нас не нѐ интересира она што се случи во осумдесеттите, туку тоа што се случува во 2019 година2“.

Судејќи според минатото на Ејбрамс, 2019 година може да биде катастрофална народот во Венецуела. Како млад помошник во Конгресот пред да биде именуван во администрацијата на Реган на низа позиции во врска со човековите права во Централна Америка, повторно активен во втората администрација на Џорџ В. Буш, тој тогаш играше милитантна улога во тинк тенкот Совет за меѓународни односи, и неколку конзервативни еврејски организации.

Со исклучок на Хенри Кисинџер и Ричард Дик Чејни, мал број високи американски функционери многу придонесоа за примена на мачењето и масовните убиства во име на демократијата. После „Ирангејт“, неговото напредување во високите сфери на американската надворешна политика, благодарение на медиумскиот третман кој го претставува како респектибилна личност, добиваме појасна слика за функционирањето на овој тесен круг. А особено затоа што тој нималку не се грижи за вредностите во чија одбрана редовно се ангажираат американските политичари.

На почетокот на својата кариера, додека беше во служба на демократските сенатори Хенри Скоп Џексон и Даниел Патрик Мојнихан, Ејбрамс придонесе за напорите на неоконзервативците Демократската партија во седумдесеттите да го прифати борбениот интервенционизам. Но, отпуштени од највисоките позиции на администрацијата од страна на Џејмс Картер, тие го менуваат курсот. „Бевме потполно исклучени, се жали Ејбрамс. Добивме една безначајна позиција: специјален преговарач. Не за Полинезија. Ни за Макронезија. Туку за Микронезија3“. Откако си изгради удобно гнездо во срцето на администрацијата на Реган, брзо се проби во редовите на Стејт департментот. Тој помина преку функцијата секретар за меѓународни организации, а потоа - мошне иронично - за „човекови права“, и најпосле за меѓуамерикански работи. На последнава, тој го штитеше државниот секретар Џорџ Шулц од гневот на регановците кои сакаа да влезат во војна со Советскиот сојуз, започнувајќи низа посредни конфликти во Централна Америка.

Латиноамериканската радикална десница тешко ќе има толку енергичен американски сојузник како што е Ејбрамс. Дури и кога се води полемика за масакрот на стотици, ако не и илјадници, невини селани во Салвадор, Никарагва, Гватемала или дури Панама (која најпосле ја покори Џорџ Буш), тој секогаш знае да најде жртвено јагне за да ја прикрие својата одговорност: новинари, борци за правда, па дури и жртви.

Во март 1982 година, гватемалскиот генерал Ефреин Риос Монт ја презема власта со државен удар. Заменик државниот секретар за човекови права Ејбрамс побрза да му честита што „остварил значаен напредок“ во поглед на темелните човекови права. Тој го нагласи фактот дека „бројот на убиени невини цивили сѐ повеќе се намалува“4. Во исто време, според еден официјално потврден документ, кој го доби Стејт департментот, „според основани наоди војската во едно оддалечено подрачје врши масакри над мажите, жените и децата“. Ова не го спречи Ејбрамс да бара од Конгресот да ја снабди војската на Гватемала со софистицирано оружје, со објаснување дека „напредокот мора да биде награден и охрабрен“. Во 2013 година Комисијата за расветлување на историски настани..., основана под покровителство на Обединетите нации, го прогласи Риос Монти виновен за геноцид против народот Маја Иксил во областа Кише.

Имагинарни цитати

Именуван за заменик државен секретар за меѓуамерикански работи во 1985 година, Ејбрамс продолжи да ги прогонува организациите кои ги осудуваат масовните убиства извршени од диктаторот Риос Монти, а потоа од неговите наследници, Оскар Мехиа Викторес и Марко Винисио Серезо Аревала. Во април 1985 година активистката од Гватемала, Марија Росарио Годој де Куевас, предводничка на групата Апојо мутуо, организација во која членуваат мајки на исчезнати лица, е најдена мртва во сообраќајна несреќа во автомобил со својот тригодишен син и братот. Незадоволен од поддршката за хипотезата (малку веројатно) која ја шири режимот, Ејбрамс ги прогонува оние кои инсистираат да се отвори истрага. Кога Њујорк тајмс објави отворено писмо во кое се оспоруваат ставовите на Стејт департментот за масовните убиства, а кое го напиша една жена сведок на егзекуции кои по кратка постапка среде бел ден биле извршени во Гватемала, а тоа во печатот немаше никаков одек, тој му испрати писмо на уредникот и бесрамно лажеше. Тоа отиде толку далеку што цитираше измислена статија, објавена во непостоечки весник, за да докаже дека за тоа убиство се дознало токму од медиумите.

Во 1982 година, Њујорк тајмс и Вашингтон пост објавија статии потсетувајќи на масакрот кој една година претходно го извршија трупи кои ги формираа и опремија Соединетите Држави во регионот Ел Мозоте, во Салвадор. Помагајќи им на убијците, Ејбрамс пред комисијата на Сенатот изјави дека тие статии не се „веродостојни“ и дека „очигледно“ се работело за „настан кој е инструментализиран“ од страна на герилците. Во 1993 година, Комисијата на Обединетите нации за вистина заклучи дека 5 илјади цивили биле „намерно и систематски“ убиени во Ел Мозоте.

Во 1985 година, кога панамскиот диктатор Мануел Нориега нареди мачење и обезглавување на Хуго Спадафор, Ејбрамс интервенираше во Стејт департментот и Конгресот барајќи да се молчи за тој случај. „[Мануел Нориега] ни помага многу“, објасни тој. „(...) Тој навистина не прави проблеми. (...) Панамците ни ветија дека ќе ни помогнат да се бориме против контрасите. Ако подигнете обвинение против него, веќе нема да можеме да сметаме на нив“.5

Ејбрамс на повеќе нивоа беше вмешан во скандалот „Ирангејт“. Еден пилот, американски платеник, во 1986 година беше убиен додека пренесуваше илегално оружје наменето за движењето контрас во Никарагва. Тогаш Ејбрамс се појави на СиЕнЕн за да потврди дека американската влада на никаков начин не е поврзана со овие летови. „Тоа би било незаконски“, објасни тој. „Немаме право но и не го правиме тоа. Тоа не беше операција на американската влада. (...) Ако се случуваат такви нешта, ако се убиени Американци или се соборени нивни авиони, тоа е затоа што Конгресот не го прави тоа [не ги финансира силите на контрасите]“. Потоа пред двете комисии на Конгресот повтори дека тој лет „ниту го организирала, ниту го наредила, ниту го финансирала американската влада“. Во неколку наврати го уверуваше Конгресот дека „функцијата на Стејт департментот [кога се работи за помошта на движењето контрас] не беше собирање средства, туку обид тие средства да се добијат од Конгресот“. Тој лаже постојано. Испораките на оружје ги финансираа потполковникот Оливие Норт и Централната разузнавачка агенција (ЦИА). Во моментот кога ги изнесе овие забелешки, Ејбрамс беше штотуку вратен од Брунеи, каде собираше средства за контрас. Откривањето на овие фалсификати во 1991 година доведе тој да биде осуден за прикривање информации од Конгресот.

Легитимитетот на „експертите“

Заради сето тоа, Ејбрамс го нема во администрацијата на Вилијам Клинтон, но неговиот наследник Џорџ В. Буш го регрутираше да работи во Советот за национална безбедност на прашања во врска со Израел и Палестина. Негов најголем успех во тоа време, кој го откри Дејвид Рос во Венити фер, беше спречувањето изборите во 2006 да доведат до коалициска влада помеѓу Хамас и Фатах на Западниот брег и во Газа, со правење заговор со споменатите да ја присили избраната влада во која доминира Хамас да оди во прогонство во Газа.6

Со овој маневар е запечатена поделбата на која не ѝ се гледа крајот, помеѓу двете фракции, сега неспособни да се договорат за траен мир со Израел (ако Израел би се согласил). Најпосле, според истражувањето на британскиот весник Гардијан 7, Ејбрамс во 2002 година поттикна воен удар во Венецуела против демократски избраната влада на Хуго Чавез (кој пропадна по огромната мобилизација на народот).

Ниедна од овие демонстрации на моќта не го спречи Советот за надворешни односи во 2009 година да го прими Ејбрамс за свој постојан член, на тој начин давајќи му легитимитет како „експерт“. Овој престижен тинк тенк покажа извесна доза непријатност кога тој го нападна Барак Обама заради именувањето на Чарлс Хагел за министер за одбрана - „антисемит“ кој „изгледа дека има проблеми со Евреите“, како што рече тогаш (Национално јавно радио, 7 јануари 2013 година). Ричард Хас, директорот на оваа организација го оцени тој коментар како „апсурд“ (ABC, 13 јануари 2013 година). Меѓутоа, изгледа дека на ниеден член не му пречи неговиот придонес за изборните манипулации, масакрите или геноцидот. Неговото именување во Советот за надворешни односи и, сега, на местото специјален пратеник на САД во Венецуела го означува притисокот на конзервативците на американската надворешна политика.

Ерик Алтерман е новинар.

(1) Jennifer Jacobs et Nick Wadhams, <"Never Trumpers" can get State Department jobs with Pompeo there>, Bloomberg, Њујорк, 31 јануари 2019.
(2) Цитирано во: Grace Segers, <"US envoy to Venezuela Elliot Abrams says his histori with Iran-Contra isn's an issue>, CBS News, 30 јануари 2019, www.cbsnews.com
(3) Цитирано во: Sidney Blumenthal, The Rise of the Counter-Establishment. The Conservative Ascent to Political Power, Union Square Press, Њујорк, 2008 (прво издание: 1988).
(4) Elisabeth Malkin, <Trial on Guatemalan civil war carnage leaves out U.S role>, The New York Times, 16 мај 2013.
(5) Цитирано во: Stephen Kinzer, Overthrow: America's Century of Regime Change From Hawai to Iraq, Times Books, Њујорк, 2006.
(6) David Rose, <The Gaza bombshell>, Hive, 3 март 2008, www.vanityfair.com
(7) Ed Vulliamy, <Venezuela coup linked to Bush team>, The Guardian, Лондон, 21 април 2002.

Извор: Le Monde diplomatique

ОкоБоли главаВицФото