Денеска се отвора македонскиот павилјон на Венециското биенале

08.05.2019 02:31
Денеска се отвора македонскиот павилјон на Венециското биенале

Во палатата Рота Иванчич, вечерва во 18,30 часот официјално се отвора македонскиот павилјон на 58. Венециско ликовно биенале. Македонска претставничка на оваа најголема и најстара ликовна манифестација во светот е Нада Прља со проектот „Субверзија во црвено“.

Покрај делата на Прља изложени на оваа престижна локација, на отворањето ќе се одржи и дискусија на која ќе учествуваат светски познати теоретичари и критичари на уметноста: Шантал Муф, Маурицио Лазарето, Чарлс Еш, Влад Морариу, Лаура Раицович и Артан Садику.

Носител на годинешното претставувањена Венециското биенале е Музејот на современа уметност, комесар е Мира Гаќина. Куратор на проектот е Јованка Попова, а куратор соработник Тевж Логар од Словенија.

„Субверзија во црвено“ е развоен и истражувачки проект, како што е наведено во предложениот концепт. Тој почива на постоечката историска материја, почнувајќи од општествено-политичките услови на 20 век и се до културолошките моменти на современата историја. Тие историски моменти се преработени со екпериментирање и адаптирање, со што се создава нов и единствен израз. Проектот на овој начин ја стимулира потрагата по нови облици на општествено-политичкото организирање со ревидирање на одредени минати концепти и општествени модели, поттикнувајќи нови облици на делување на уметниците и бришејќи ги границите на учесници во општеството и на културното поле.

Насловот на главната изложба на Биеналето е „Да живееш во интересни времиња“. Годинава ќе има 90 национални претставувања.