Отаде правата на човекот

08.05.2019 23:22
Отаде правата на човекот

1. Во 1943 година, Хана Арент го објавува есејот Ние бегалците (We refugees) на англиски јазик во малото еврејско списание The Menorah Journal. При крајот од овој краток но значаен текст, откако содржајно ќе го скицира портретот на г-нот Кон, еден асимилиран Евреин кој по бивањето 150% Германец, 150% виенец, 150% Французин треба на крај горчливо да води сметка дека on ne parvient pas deux fois, таа ја открива состојбата на бегалецот и на бездржавјаните – во која и самата се наоѓала, за потоа и да ја предложи како парадигма за нова историска свест. Бегалецот кој ги изгубил сите права но и одбива да биде асимилиран по секоја цена во новиот национален идентитет, при што за својата состојба луцидно ќе контемплира, во замена за една сигурна непополурност добива непроценлива предност: „Историјата повеќе не е затворена книга за него а политиката престанува да биде привилегија на сите освен на Евреите [gentiles]. Тој знае дека од-законувањето на Евреите во Европа беше веднаш проследено со од-законување на повеќето европски нации. Бегалците носени од една во друга држава ја претставуваат авангардата на нивните народи“1.

Во духот на оваа анализа, може да се увиди дека денес, со дистанца од точно 50 години, не е изгубено ништо од нејзината актуелност. Не само што проблемот се појавува во и вон Европа со истата ургентност, туку во несопирливиот пад на нацијата-држава и општата корозија на традиционалните јуридичко-политички категории, бегалецот веројатно е единствената можна мисловна фигура на народот на нашето време; и сѐ додека не овоплоди процесот на дисолуција на нацијата-држава и нејзиниот суверенитет, бегалецот е единствената категорија во која би можеле да ги видиме формите и границите на една политичка заедница која доаѓа. Прилично е можно, доколку сакаме да бидеме на висина на новите задачи кои стојат пред нас, да треба да одлучиме да ги напуштиме фундаменталните концепти, и тоа без резерви, со кои досега ги претставувавме субјектите на политичкото (човекот и граѓанинот со нивните права, како и суверениот народ, работникот итн.) и да ја реконструираме нашата политичка филозофија тргнувајќи со оваа посебна фигура –бегалецот.

2. Првото појавување на бегалците како масовен феномен зазема место на крајот на Првата светска војна, кога падот на руската, австро-унгарската и отоманската империја и новиот ред воспоставен со мировните договори длабоко ја потресува демографската и територијалната устроеност на Централно-источна Европа. Во краток период, од земјите на овие империи се преместуваат 1500000 бели Руси, 700000 Ерменци, 500000 Бугари, 1000000 Грци, стотици илјадници Германци, Унгарци и Романци. Кон овие маси во движење се додава и експлозивната ситуација изведена од фактот дека околу 30% од популациите на новите државни организми, креирани со мировните договори според моделот на нација-држава (како на пример Југославија и Чехословачка) се конституирани од малцинства кои требаше да бидат заштитени преку една серија на меѓународни договори (т.н. малцински договори), кои често остануваа мртво слово. Некоја година подоцна, расистичките закони во Германија и граѓанската војна во Шпанија ќе десиминираат за Европа нов и важен контингент на бегалци.

Ние сме навикнати да разликуваме бездржавјани и бегалци, сепак ниту тогаш ниту денес таа разлика не е едноставна како што може да се чини на прв поглед. Уште од почетокот, многу бегалци кои технички не беа бездржавјани, повеќе сакаа да бидат бегалци отколку да се вратат во нивните татковини (каков што е случајот на полските Евреи и Романците кои се наоѓаа во Франција или во Германија на крајот на војната, и денес како случајот на прогонетите политички чинители и другите за кои враќањето во нивната татковина значи неможност да се преживее). Од друга страна, руските бегалци, Ерменците и Унгарците беа веднаш денационализирани од страна на новите советски, турски власти итн. Важно е да се забележи како тргнувајќи од Првата светска војна, многу европски држави почнаа да воведуваат закони кои дозволуваат денатурализација и денационализација на сопствените граѓани: прва беше Франција, во 1915 г. во однос на натурализираните граѓани со „непријателско“ потекло; потоа во 1922 г. примерот беше следен од Белгија која ја повлече натурализацијата на граѓаните кои сториле „анти-национални“ дејства во текот на војната; во 1926 г. фашистичкиот режим спроведе едно аналогно законско решение во однос на граѓаните кои се покажаа како „незаслужни за италијанското државјанство“; во 1933 г. следуваше редот на Австрија и сѐ така додека во 1935 г. Нирнбершките закони не ги поделија германските граѓани на граѓани со целосен граѓански статус и граѓани без политички права. Овие закони, како и последователното масовно обездржавување, означуваат клучен свиок во животот на модерната нација-држава и нејзиното дефинитивно ослободување од наивните претстави за народот и граѓанинот.

Овде не е место да се преправи историјата на различни меѓународни заложби преку кои државите, заедницата на нации и подоцна ООН се обидуваат да се справат со проблемот на бегалците, од Bureau Nansen за руските и ерменските бегалци (1921), до Високиот комесар за бегалци од Германија (1936), до Меѓувладиниот комитет за бегалци (1938), до Меѓународната организација за бегалци при ООН (1946), па до актуелниот Висок комесар за бегалците (1951), чија што активност според нивниот статут нема политички карактер, туку само „хуманитарен и социјален“. Клучното е тоа што секогаш кога бегалците не претставуваа поединечни случаи, туку феномен на масовност (како што се случи помеѓу двете светски војни, а и сега одново), и покрај официјалните евокации на неотуѓивите права на човекот, овие организации како и самите држави се покажаа апсолутно неспособни и тоа не само при решавањето на проблемот, туку и при неговото соодветно воочување. Така, целото прашање беше префрлено во рацете на полицијата и хуманитарните организации.

3. Причините за оваа немоќ не се само во егоизмот и слепилото на бирократските апарати, туку и во двосмисленоста на нивните длабоки идеи за регулација на впишување на раѓањето (односно животот) во јуридичкиот поредок на нацијата-држава. Петтото поглавје од делот за Империјализмот во нејзината книга, Хана Арент го именуваше „Падот на нацијата-држава и крајот на правата на човекот“2. Вреди обидот да се земе за сериозно оваа формулација, која нераскинливо ги поврзува судбината на правата на човекот со онаа на модерната нација-држава, на начин на кој залезот на нацијата-држава нужно имплицира правата да бидат вон употреба. Овде, парадоксот го открива токму фигурата на бегалецот, кој требаше да ги отелотвори правата на човекот но наместо тоа ја сигнализира радикалната криза на овој концепт. „Концепцијата на правата на човекот основана на претпоставената егзистенција на едно човечко суштество како такво“ пишува Хана Арент „се руши веднаш штом тие кои проповедаат [за правата на човекот] се наоѓаат во судир, за прв пат, со луѓе кои навистина го изгубиле секој квалитет и сите специфични врски, освен самиот факт на бивање човек“3. Во системот на нација-држава, т.н. свети и неотуѓиви права на човекот стануваат незаштитени во моментот кога повеќе не е можно да фигурираат како права на граѓанин на една држава. И токму тоа имплицира добра анализа на двосмисленоста на самиот наслов на декларацијата од 1978: Déclaration des droits de l'homme et du citoyen, каде што не е јасно дали двата поими именуваат две различни реалности или спротивно на тоа – формираат кованица во која првиот поим, всушност, веќе е содржан во вториот. Како во политичкиот поредок на нацијата-држава да не постои автономен простор за човек по себе, станува јасно дотолку поради фактот дека статусот на бегалецот (дури и во најдобрите случаи) секогаш бил согледуван како привремена состојба која треба да подлегне или на натурализација или на репатријација. Стабилен статус на самиот човек не е замисливо како концепт во правото на нацијата-држава.

4. Време е да се прекине со гледање на декларациите од 1789 г. до денес како на прокламирани вечни и мета-јуридички вредности, настојчиви да го потчинат законодавецот на нивна почит, и да се воочат преку нивната реална функција која ја имаат во модерната држава. Правата на човекот, всушност, ја претставуваат пред сѐ почетната фигура на впишување на голиот живот во јуридичко-политичкиот поредок на нацијата-држава. Голиот живот (човечкото суштество) кој во стариот режим припаѓал на Бог, а во класичниот свет бил јасно разликуван (како zoé) од политичкиот живот (bios), сега влегува во прв план на грижа на државата и така да се каже – станува нејзиниот основен терен. Нација-држава значи: држава која од потеклото и раѓањето (односно од голиот човечки живот) прави основа на сопствениот суверенитет. Ова е смислата (дури и не толку скриена) на првите три членови од Декларацијата од 1789 г.: само бидејќи го впишала (чл. 1 и 2) елементот на раѓање во срцето на секоја политичка организација (чл. 3), може да го обезбеди принципот на суверенитет на нацијата (според етимологијата, natio во својот корен едноставно значи nascita/раѓање).

Декларациите за правата на човекот, значи, се гледани како место во кое се актуелизира преминот од кралскиот суверенитет со божествено потекло кон национален суверенитет. Истиве го осигуруваат впишувањето на животот во новиот државен поредок кој треба да произлезе од рушењето на Ancien Regime. Оттука, потчинетиот се трансформира во граѓанин, и тоа значи дека раѓањето или голиот биолошки живот, за прв пат (инаку преку трансформација чии биополитички последици можеме дури сега да почнеме да ги одмеруваме) станува носител на суверенитетот. Принципот на потекло и принципот на суверенитет кои во стариот режим [Ancien Regime] биле разделени, сега се соединуваат неповратно со цел да ја конструираат основата на новата нација-држава. Имплицираната фикција, така, се однесува на раѓањето кое веднаш станува нација и тоа на начин на кој не може да постои раздор помеѓу двата моменти. Правата се атрибути на човекот но само во мера во која човекот е брзата, исчезнувачка претпоставка за граѓанинот (и која како таква не треба да го види светлото на денот никогаш).

5. Ако во поредокот на нацијата-држава бегалецот претставува еден толку вознемирувачки елемент, пред сѐ заради расцепувањето на идентитетот помеѓу човекот и граѓанинот, раѓањето и националноста, тогаш тој ја втурнува во криза изворната фикција за суверенитетот. По некои исклучоци од принципот на суверенитет отсекогаш биле присутни; новината на нашето време која се заканува на самите основи на нацијата-држава е растот на различни делови на човештвото, кои повеќе не може да бидат целосно застапувани во неговите рамки. Оттука и колку повеќе се растројува старото тројство држава-нација-територија, фигурата на бегалецот (навидум маргинална фигура) достигнува да биде централната фигура на нашата политичка историја. Важно е да не се заборави дека првите логори беа изградени во Европа како простори за контрола на бегалците, и дека следствените логори за притворање-концентрациони логори-логори за истребување покажуваат јасно сродство. Едно од малкуте правила кон кое нацистите постојано се придржуваа во текот на т.н. „крајно решение“ беше дека Евреите и циганите [gli zingari] ќе бидат испратени во логорите за истребување само откако ќе бидат целосно обездржавени (дури и од тоа државјанство од втор ред кое беше воведено со Нирнбершките закони). Кога нивните права повеќе не се права на граѓанинот, човекот навистина станува свет во смисла дека овој поим во архаичното римско право значи: повикан на смрт.

6. Концептот на бегалецот треба да биде расчленет од оној на човековите права, и правото на азил (инаку, во секој случај, право кое драстично се стеснува во законодавствата на европските земји) не треба да биде земено како концептуална категорија која го врамува феноменот на бегалецот (еден поглед кон неодамнешната теза за правото на азил на Агнес Хелер открива дека тоа не може а да не води кон чудни забуни). Бегалецот е земен предвид за тоа што е, односно ништо повеќе од граничен-концепт кој ги втурнува во радикална криза принципите на нацијата-држава и истовремено понудува чистење на просторот за несопирлива обнова на некои категории. Во меѓувреме, феноменот на т.н. илегална миграција во земјите од Европската унија достигна карактеристики и пропорции кои ја оправдуваат следнава обратна перспектива (и ќе достигнува уште повеќе во наредните години, со предвидените 20 милиони мигранти од Централна Европа). Тоа што денес пред себе го имаат индустријализираните земји е една маса на не-граѓани со стабилизирано престојувалиште, кои не можат и не сакаат да бидат натурализирани или вратени назад во нивните земји на потекло. Овие не-граѓани имаат националност која произлегува од нивното потекло но бидејќи не сакаат да ја користат заштитата на нивните земји, доаѓаат и се затекнуваат во состојба како и онаа на бегалците односно на „фактички бездржавјани“. Томас Хамер за овие не-граѓани го предлага терминот denizens4 со цел да покаже дека концептот на граѓанин отсекогаш бил несоодветен за да ја опише политичко-социјалната реалност на модерните држави. Од друга страна, граѓаните на напредните индустријализирани држави (како Соединетите американски држави или европските држави) преку зачестено напуштање на кодифицираните можности за партиципативни политики, и самите покажуваат јасна склоност кон трансформирање во denizens, во стабилни жители не-граѓани, на начин на кој што (барем во некои социјални фази) граѓаните и denizens почнуваат да влегуваат во зона на потенцијално неразликување. Паралелно, растат ксенофобичното поведение и агресивните мобилизации, во согласност со добро познатиот принцип според кој длабоката асимилација во присуство на формални разлики – предизвикува омраза и нетолеранција.

7. Пред да се реотворат логорите за истребување во Европа (нешто што почнува да се случува), потребно е нациите-држави да изнајдат храброст и да го постават прашањето за нивниот принцип на впишување на раѓањето и светото тројство држава-нација-територија во нивната основа. Досега не е лесно да се утврдат начините преку кои тоа може конкретно да се направи. До овде, доволно е да се предложи една можна насока. Познато е дека една од опциите, кои се испитуваат како можно решение за проблемот на Ерусалим, е едновремено и без никаква територијална поделба да стане главен град на два различни државни организми. Парадоксалната ситуација на екстра-територијален реципроцитет (или подобро а-територијалност) која што би била предизвикана со оваа опција, би можела да биде воопштена како модел на нови меѓународни односи. Наместо две држави-нации кои се поделени со неизвесни и заканувачки граници, би било можно да се замислат две политички заедници кои постојат на единствен простор и во состојба на егзодус од една кон друга, меѓусебно артикулирани преку серија на реципрочна екстра-територијалност, при што водечкиот концепт повеќе нема да биде правото (ius) на граѓанинот туку бегството (refugium) на сингуларниот живот. Аналогно, би можеле да гледаме на Европа не како на невозможна „Европа на нации“, за која веќе се наѕира катастрофа на краток рок, туку како на а-територијален или екстра-територијален простор во кој сите жители на европските држави (граѓани и не-граѓани) би биле во позиција на егзодус или подобро кажано во позиција на бегство и така статусот на Европеецот ќе биде бивството-во-егзодус на граѓанинот (очигледно, статус кој може да се има и во недвижечка состојба). На овој начин, европскиот простор ќе го сведе и означи остатокот помеѓу раѓањето и нацијата, така што стариот концепт на народ (за кој може да се забележи дека е секогаш веќе малцинство) може да го возобнови своето политичко значење, одлучно спротивставувајќи се на значењето на нација (што досега го обременуваше и узурпираше значењето на народ). Овој простор не би коинцидирал со некој национален и хомоген простор ниту со неговата топографија, туку врз нив ќе влијае преку расцеп и тополошка артикулација како со Klein шише или Möbius лента, каде што надворешното и внатрешното се предодредуваат. Во овој нов простор, со влегувањето на европските градови во врска на реципрочна екстра-територијалност, тие ќе ја пронајдат нивната античка вокација на градови на светот.

Во еден вид ничија земја помеѓу Либан и Израел денес се наоѓаат 425 Палестинци кои се протерани од израелската држава. Овие луѓе, според Хана Арент – ја сочинуваат авангардата на нивниот народ. Но не во нужна смисла дека тие ќе го формираат зачетокот на некоја следна нација-држава, која би го решила (недоволно) проблемот на Палестинците толку колку што Израел го реши еврејското прашање. Попрво, оваа ничија земја каде што тие се наоаѓаат како бегалци е место од кое што се активира отпор кон израелската држава, пробивајќи и заменувајќи ја на начин што таа заснежена планина стана највнатрешниот дел од било кој друг регион во Израел (Eretz Yisrael). Денес, само во земја во која просторите помеѓу државите ќе бидат отворени и тополошки деформирани, и во кои граѓанинот ќе знае да го препознае бегалецот, бидејќи и тој самиот е токму тоа, може да се замисли политичкото преживување на луѓето.

(1) Hannah Arendt, ‘We Refugees’, Menorah Journal, no. ll 1 (1943), 77 (заб.прев)
(2) Hannah Arendt, Imperialism, Part II of The Origins of Totalitarianism (New York: Harcourt Brace, 1951), 266-298 (заб.прев
(3) Ibid, 290-95 (заб.прев)
(4) Tomas Hammar, Democracy and the Nation State: Aliens, Denizens, and Citizens in a World of International Migration (Brookfield, Vt.: Gower, 1990) (заб.прев)

Слики: Alex Roulette

Превод од италијански: Вики Младенова
Преглед и корекции на преводот: Борјана Мојсовска

Извор: Giorgio Agamben, Mezzi Senza Fine; Torino: Bollati Boringhieri, 1996 (ristampa: 2016) / Al di là dei diritti dell’uomo, p. 20-30

ОкоБоли главаВицФото