Сеир и Ништо

09.05.2019 10:42
Сеир и Ништо

Брадестиот Џо и Тања Аждаја им се добро познати на читателите на Окно. Нивната заедничка работа создаде книга, „Сеир и ништо“, која деновиве (од 8 до 14 мај) ја промовираме на Саемот на книгата што се одржува во салата „Борис Трајковски“.

„Сеир и ништо“ е илустрирана игранка со зборови која на посебен начин ги обединува стрипот и реченицата како жанр. Прва е од ваков вид на овие простори и има за цел на забавен и поттикнувачки начин да ги обликува визуелните кадри во главата на читателот кои се производ од прочитаните зборови, реченици и сите нивни смисли. Подеднакво е забавна за гледање за најмладите, како и за ментално вежбање за повозрасните; сосема веродостојна метафора за овој тип на книга е - „книжевна Лего-коцка”. 

 

Како настана соработката меѓу Аждаја и Брадестиот?

 

Џо&Аждаја се родени 2018 година на Фесјбук од мајка Фора и татко Ребус. Како електро и машински инженери, решаваат да го внесат светот на технологијата во светот на јазикот и уметноста, лансирајќи го за прв пат терминот за човек што менува дизни: дизнисмен. Набргу потоа доаѓа и парадигмата за зелки кои пијат нафта за да преживеат - дизелки, после која Џо&Аждаја сфаќаат дека пред нив се отвара цело поле за илустрирање на тие зборовни играрии, блесави слики и прилики. Кон крајот на првата година од својот живот на Џо&Аждаја им станува јасно дека плодот од нивната соработка всушност и не постои – тој е само низа од единици и нули во меморијата на интернетот разнесена по непознати сервер соби на сите краеви од светот. Тоа води и кон првиот обид за материјализирање на нивните дигитални креации во ова печатено издание, и свесни за ризиците, сепак одат на сеир и ништо.

 

Во продолжение погледнете неколку цртежи од книгата.

 

ОкоБоли главаВицФото