9 мај во стариот Рим

09.05.2019 13:59
9 мај во антички Рим

9 мај, денот што денес го славиме како ден на победата над фашизмот, во Рим бил првиот од трите денови во годината кога Римјаните со обреди ги истерувале од своите домови духовите на умрените. Деветти, единаесетти и тринаесетти мај во римскиот календар биле денови на мртвите или денови посветени на верскиот празник Лемурии (лат. Lemuria, од lemures ‘души на умрените’). Според некои историчари на културата, дел од обредите што се практикувале на Лемуриите „преживеале“ во христијанскиот празник Духовден.

Овидиј пишува дека Лемуриите биле востановени од Ромул, кој, откако го убил Рем, посакал со низа обреди да го смири духот на својот убиен брат. На Лемуриите свештеничките на Веста, божицата на домашното огниште, домот и семејството, за да ги смилостиват душите на умрените подготвувале солена жртвена каша (mola salsa). Таткото на семејството на полноќ бос шетал низ куќата, зад себе фрлал зрна црн грав и девет пати извикувал: „Јас ви го испраќам ова; со овие зрна грав се откупувам себе си и ги откупувам моите блиски“ (Haec ego mitto; his redimo meque meosque fabis). Членовите на семејството удирале во бронзени тенџериња и девет пати извикувале: „Духови на предците, одете си!“ (Manes exite paterni!).

Слика: римски мозаик од Помпеи, Археолошки музеј, Наполи

ОкоБоли главаВицФото