Норвешка формула за среќа - избегнување на постојаната поврзаност со технологијата

10.05.2019 00:53
Норвешка формула за среќа - избегнување на постојаната поврзаност со технологијата

Луѓето од Медитеранот се добро познати по терминот „фјака“ - состојба на духот и телото, „божји дар“ што на луѓето им помага да го пребродат денот и да се чувствуваат подобро.

Она што за народите од југот е сиеста или фјака, за Норвежаните е „коселиг“. Среќно место во природата или домот во кој гори оган во каминот, а на подот седат луѓе, со топол пијалак во едната рака и книга во другата. Свири музика, тивко и полека, а тоновите се растегнуваат како поларна ноќ. Се играат друштвени игри и се раскажуваат смешни приказни. Се јаде вечера додека надвор паѓа снег или дожд. И сите се среќни и задоволни.

Овој концепт и слични на него се цврсто вкоренети меѓу Скандинавците, кои со години го заземаат првото место на листата со најсреќни народи во светот. Кој било речник ќе ви го преведе норвешкиот збор „коселиг“ како удобност, но тоа е само половина од целата слика; во описот недостига уживањето во друштво на луѓето и поврзаноста со природата. Швеѓаните за таа состојба на духот велат „мус“, Холанѓаните „гезелигхеид“, а Данците - далеку познатиот бор „хиге“.

Овој збор стана многу популарен во последните неколку години, а за него се напишани и книги. Зборот е вметнат во Оксфордскиот речник во 2016 година и се најде меѓу потесниот избор на збор на годината. Лингвистите го дефинираат како „квалитетна удобност и удобно дружење што создава чувство на задоволство и благосостојба“.

„Коселиг“, „мис“ или „хиге“, сеедно, ни даваат до знаење дека изолацијата што нè опкружува не е пресуден фактор за состојбата на нашиот дух. Мирот и задоволството се постигнуваат со создавање сопствена светлина и топлина. Ако не би било вака, повеќето Норвежани би биле длабоко депресивни барем половина од годината. Но, тие го пронајдоа рецептот за оздравување и се држат до него колку што е можно повеќе.

Пиењето топло какао со тивка музика не е единствен начин со кој ќе ја задржиме присебноста на духот и ќе ја вратиме рамнотежата. Склопувањето и одржувањето на пријателствата му даваат цел на животот и го продолжуваат животниот век. „Коселиг“ е всушност сето она што ни го намалува стресот.

Работењето од утро до мрак не е „коселиг“

Редовниот и долг одмор од работата со себе носи многубројни здравствени придобивки - и ментални и физички. Не, формулата „12 часа работа, 6 дена во неделата“, каква што пропагира Џек Ма, можеби ќе му донесе профит на сопственикот на компанијата „Алибаба“, но дефинитивно не е „коселиг“, а Кинезите дефинитивно не се наоѓаат на високо место на листата со најсреќните народи во светот. Во последниот извештај на ОН за состојбата на среќа во различни нации, наречен „Извештај за светска среќа“, Кинезите се наоѓаат на 93. место.

За да живеете „коселиг“, треба да избегнувате постојана поврзаност со технологија. Научно е докажано дека нивото на кортизол, хормонот на стрес, се зголемува со честата употреба на телефонот. А зголеменото ниво на кортизол е поврзано со раздразливост, депресија, зголемување на телесната тежина, висок крвен притисок и лош сон.

Шетањето во природа ги брка негативните мисли

Начинот на живот во рамнотежа со природата се покажа како добар за здравјето. Вегетацијата во близина на домот ги намалува ризиците за прерана смрт за 12 отсто, покажува едно истражување. Причини: ниската изложеност на загадување на воздухот, поголем социјален ангажман и физичка активност што се јавува во природните средини.

Друго истражување покажало дека луѓето што шетаат во природа немаат негативни мисли. Државната здравствена служба во Шкотска е толку уверена во менталните и физичките здравствени придобивки од изложеноста на природата, што докторите наместо да ги испратат пациентите во аптека, им припишуваат престој во природа, за таму да ги разбистрат мислите и сами да си помогнат во лекувањето на високиот крвен притисок и депресијата.

Истражувањето од Универзитетот „Јеил“ покажа дека држењето топол пијалак во раката поттикнува чувство на дарежливост и грижливост. Се покажа дека топлата светлина на свеќата или огнот во каминот поттикнуваат креативност, а гледањето во огнот ја опушта психата и го намалува крвниот притисок. Така што, и тоа е „коселиг“.

Илустрации: Matt Belk

Извор: https://www.fakulteti.mk/