Добрите и лошите страни на глобализацијата

11.05.2019 00:45
Добрите и лошите страни на глобализацијата

Јавен превоз, Читагонг, Бангладеш, фотографија: Константин Новаковиќ

За правилно да ја разбереме глобализацијата мора да ја поставиме во историски контекст. Тоа значи дека денешната глобализација и нејзините ефекти, позитивни и негативни, треба да се разгледуваат како процес кој на повеќе начини, верно ги одразува тековите на првата глобализација во периодот од средината на 19-от век до Првата светска војна.

Првата глобализација течела паралаелно со индустриската револуција во западна Европа и ја променила економската конфигурација на светот, придонесувајќи Европа да биде побогата и политички и воено помоќна од кој било друг дел на планетата. На европските држави и подоцна на Соединетите држави, тоа им овозможило да ги освојат најголемите делови на Африка и големи делови од Азија. Дури и кога формално не се наоѓале под контролана западните сили, тие региони трпеле силно влијание во доемнот на економската политика (отворање за трговија, контрола на царинските приходи), па дури и им давале екстериторијален статус на европските доселеници.

Напредните европски земји се збогатиле, па во 1914 година, разликата во доходот по глава на жител помеѓу Британија и Кина, според податоците од базата на Проект Медисон, изнесувала 8 спрема 1, додека порано тој однос бил 3 спрема 1. (Дијаграмот прикажан во продолжение укажува на свртување на овој тренд: кинескиот, индискиот и индонезискиот БДП по глава на жител изразени се како процент на споредбен БДП по глава на жител во западна Европа. Кривите јасно илустрираат подем на азиските држави). Уште повеќе, плодовите на индустрализацијата и глобализацијата се прошириле на целата дистрибуција на доходот во западните земји, па дури и сиромашните луѓе од европските земји биле побогати од сите Африканци и мнозинството жители на Азија. Исто така, доминацијата ѝ овозможила на Европа да го „извезува“ вишокот население и така да ја затапи острицата на класните судири во своите држави.

Оваа кратка скица на добро познатите ефекти на првата глобализација треба да нè потсети дека тој процес секогаш има добри и лоши страни, огромен технолошки напредок од една страна и од друга страна, експлоатација; зголемување на приходите за многумина и застрашувачка сиромаштија и исклучување за други; еврпска доминација и колонијален статус за Африка и голем дел од Азија.

Како сето ова треба да придонесе за разбирањето на денешната глобализација? Прво, мора да сфатиме дека големите историски промени не можат на сите да им донесат само корист. Некој ќе трпи загуби, додека други ќе профитираат; понекогаш загубата на едната страна е предуслов за придобивка на на другата страна. Исто така, со размислувањето за минатото откриваме дека денешната глобализација е верен одраз на првата глобализација, иако без најбруталните епизоди во форма на освојувачките походи и експлоатацијата.

БДП по глава на жител во Кина и Индија изразен како процент на БДП на Велика Британија (и БДП по глава на жител во Индонезија изразен како процент на БДП на Холандија), 1820-2017

Односот на релативните доходи и вкупната дистрибуција на економската активност покажуваат дека евроазискиот континент (кој за оваа прилика може да го прошириме со вклучување и на Северна Америка) повторно се наоѓа таму кадешто се наоѓаше пред индустриската револуција, кога делови на Азија (главно Кина и Индија) имале приближно ит доход како поразвиените региони на западна Европа. Кога во 13- от век, Марко Поло патувал во Кина бил импресиониран од каналите, мостовите и пазарите на Хангџоу; во тоа време немало голема разлика во доходот или нивото на технолошки развој меѓу Венеција и Кина. Но, за неколку следни векови тоа се сменило и Западот стекнал голема предност во однос на сите останати. Сега повторно сме во процес на промена која светот го враќа кон релативните односи од далечното минато, се разбира, на многу повисоко ниво на апсолутно изразени бројки на доход.

Како тогаш да судиме за добрите и лошите страни на тековната глобализација? Во поглед на релативните гео – економски односи треба да се забележи дека денешната глобализација ѝ носи добивка на Азија и релативен губиток на Западот. Оттаму може да се тврди дека денешната глобализација навистина е верен одраз во огледалото на големата глобализација од пред стотина години. Можеби е уште поважно тоа што јасно гледаме дека многу ефекти се пожелни: зголемен просечен реален доход, значајно намалување на глобалната сиромаштија, продолжување на очекуваниот животен век, повисоко просечно ниво на образование, пристап до електрична енергија, вода за пиење и канализација, а како и во сите големи трансформации, нужно се појавуваат непожелни ефекти: уништување на животната средина, комодификација на активностите што некогаш биле резервирани за членовите на семејството и пријателите, стрес и осаменост, па дури и бројни патолошки појави (злоупотреба на дрогата, корупција, тероризам).

Но освен што е некомплетно, простото набројување на „добрите“ и „лошите“ страни страда и од уште еден голем недостиг; имено, на тој начин се споредуваат само просеците: просечниот очекуван животен век, просечното ниво на приход итн. што не мора да биде особено релевантно. Со порастот на нееднаквоста во повеќето земји во светот, просечните вредности имаа сè помалку смисла. Во нееднакво или поларизирано општество, фактот дека пораснал просечниот доход не мора да говори ништо за промените низ кои поминуваат богатите (чиишто реални приходи пораснале многу повеќе од просекот) или сиромашните (чиишто реални приходи главно стагнирале).

Оттаму длабоката неусогласеност на она што застапниците на глобализацијата го опишуваат како нејзини еднозначно посакувани ефекти и честите изливи на незадоволство или разочарување на широките народни маси. Дури и кога се точни, просечните вредности немаат многу значење во светот на нееднаквоста. Исто така, во глобализираниот свет имаме прилика своите приходи, пристапот до јавните услуги, слободното време, стабилноста на пријателствата, среќата итн. и натаму да ги споредуваме со луѓето од сите страни на светот. Дури и кога „објективно“ ни е добро, меѓу 7,4 милијарди жители на светот ќе се најдат многумина кои се побогати и посреќни од нас. Затоа објективно измерените подобрувања кои ги донесе глобализацијата, речиси по дефиниција се проследени од субјективно чувство на неисполнетост. Ако го разбереме процесот што стои зад тоа, можеби ќе ни биде полесно да го прифатиме тој темелен дуалитет кој можеби е и составен дел на човековата ситуација.

Извор: Global inequality

ОкоБоли главаВицФото