Стан што се распаѓа

11.05.2019 08:32
Стан што се распаѓа

 

Биљана Стојановска е родена 1984 година. Има дипломирано на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности. Во 2015 година е објавена нејзината прва збирка поезија „Зборовите немаат значење“. Биљана Стојановска е третиот добитник на наградата „Тодор Чаловски“ која Здружението за култура, литература и уметност „ГАЛИКУЛ“ ја доделува на млад автор од Македонија во областа на поезијата, книжевната критика, есеистика и проза.

„Песните на Биљана Стојановска се малечки кондензирани вистини. Пишувани од луциден субјект што го набљудува светот со силно фокусирано внимание, нешто како сноп сончева светлина што пали оган кога поминува низ лупа. Моќни се во својата едноставност и непретенциозност, пишувани со секојдневен јазик, но со веќе јасно изграден и препознатлив стил. Тоа се песни во кои ќе се препознае секој човек што има храброст барем за миг да го сврти погледот кон својот внатрешен свет. Затоа што, како што е внатре, така е и надвор. Светот постои во нас, не постоиме ние во светот“, вели Ѓоко Здравески.

Во продолжение ви пренесуваме неколку песни од нејзината нова книга „Стан што се распаѓа“.



 

9.
Мојата љубов е далеку вечерва.
Јас само дојдов да се испијанам
и да не мислам на станот што се распаѓа.
На соништата со две лица.
Кога губиш некој само што си го нашол.
Кога барајќи детство наоѓаш старост.
Кога ја подаваш раката кон небото,
а морето ти ги заплиснува стапалата
небаре милно те кани да влезеш
и да се удавиш.

 

15.
Во овој град малку од жените
што ги познавам имаат свој дом.
Во овој град жените пренесуваат камења,
бојадисуваат ѕидови,
поправаат електрични уреди, одат на работа,
прават јадење, раснат деца, плаќаат сметки,
поместуваат плакари, копаат гробови,
тераат говеда, одгледуваат цвеќиња,
плаќаат кредити, одат по банки, доктори и автомеханичари,
го фрлаат ѓубрето, штедат, колат животни,
чистат градилишта, градат светилишта.
Во овој град жените имаат 99 раце,
мошне топли дланки
и бескрајно трпение.
Во овој град жените сѐ што сакаат е да си купат еден кревет,
макар и половно, да си легнат во него и да речат:
„Креветот е мој, ќе спијам во него колку сакам.
Те молам, разбуди ме во следниот живот“.

 

21.
Кога не можам да заспијам,
замислувам дека телото ми е спружено на бел облак.
Облакот се прилагодува на обликот на телото
и ми раскажува приказни дека не постоело време во кое не сум постоела.

 

23.
Само вистината може да нѐ ослободи,
зборува една пријателка додека седиме на кафе,
а на која неодамна ѝ кажаа дека мора да оди на хемотерапија.
Кога ја знам вистината, знам што да преземам,
вели додека до усните ја принесува шолјата
и ликот почнува да ѝ се грчи како да го пробала најгрдото кафе на светот.
На крајот келнерот ни ја принесува сметката и нѐ прашува
дали сѐ било во ред.
Да, да, сѐ беше одлично, одговара мојата пријателка.

 

 

26.
Не знам што да правам со луѓе што зборуваат многу.
Најголема казна е да слушаш празни муабети
и да климнуваш со глава додека скришно погледнуваш на часовникот
за да видиш дека поминале само десетина минути.
Во такви мигови секогаш ми текнува да ги понудам со јадење
за барем на неколку минути да замолчат додека ги џвакаат залчињата.
Се имам изгорено така повеќепати.
Храната ја сфаќаат како гостопримство
и остануваат уште подолго од што планирале.
Да ги сфаќаа работите како што треба,
немаше ни да зборуваат толку.

 

30.
Купи и вештачко ѓубриво,
ми вели продавачката додека ми објаснува
како се одгледува цвеќето што си го одбрав.
А не ме гледа дека не сакам вештачки работи,
пластични нокти, градници со корпи, високи потпетици,
шминка, стокмена фризура, накит
и сите реквизити што лажно сјаат.
Си знам јас кое цвеќе каде успева,
петуниите лани ми цветаа цело лето, си мислам.
Не купив ѓубриво, а петуниите годинава ми ги сардисаа вошки.

 

9.
Секоја посета на лекар ме вознемирува.
Од обичен преглед на ехо, правење крвна слика,
па до стандардна процедура на чистење забен камен.
Напорно ми е чекањето ред,
принудното правење муабет со докторот,
како и цупкањето во место со ногата додека ги чекаш резултатите.
Затоа по секој преглед одам на масажа за опуштање.
И кога доаѓа редот масерката да ми ја масира главата,
редовно ја предупредувам:
Полека таму, имам брадавица, треба да одам на лекар.

 

17.
Баба ми пред неколку години ми сплете шал.
Убав, широк, долг и црн,
баш онаков каков што јас сакав.
Секоја зима не го вадам од себе,
и покрај тоа што на неколку места ми е изгорен
од паднат жар од цигара.
Го шетам на промоции, на гала-вечери,
на важни и на неважни настани
и покрај тоа што сосема свесно знам
дека сите ќе гледаат во изгорениците
наместо во топлите бабини раце
свиени околу вратот.

 

Слики: Carmel Seymour

ОкоБоли главаВицФото