Куќа на Марс

11.05.2019 11:49
Куќа на Марс

Книгата на Будимка Поповска Буде, „Куќа на Марс“, содржи седумдесетина песни. Самата Буде во поговорот вели:
„Книгава настана во еден здив за време на мојот престој „Во хотелот за Марсовки“, помеѓу смртта на Милан, Хинки, Меги и Шуки во средната точка помеѓу Индиски и Тихи Океан...Помеѓу „Само чекам да помине“ и „Тргни, трни кон мене“, „Ми треба свет отворен за 5000 луѓе“, и „Не се доволни зборови, само обични зборови“. На само 50 метри од Вардар, реката во која сосема случајно потона мојот кревет, една мирна ноќ во јуни. Среќа што во тој миг (не) бев во него. Скопје мирисаше на задоцнети јорговани, печени пиперки и цимет, а градската служба за влечење никогаш не успеа да го најде... Ме извадија само мене, и тоа одеше како ударна вест на сите портали. И додека од реката вадеа стари шпорети, телевизори, грамофони и машини за мраз, сфатив дека за да сонуваш на големо, сонот не мора да е голем, и не ти треба кревет. Треба само да знаеш дека сѐ е сон, и дека ти си сонувачот што го држи воланот.“

Во продолжение ги пренесуваме трите уводни песни од книгата.

Трансплантација на архетип

Сè околу мене
Има тенденција
Да ја навлече на себе маската ала црна дупка, протон
Со големина на показалец и домал прст
Едноставно исчезнувам
Во огледалото коешто глуми
Дека ја одбива мојата рефлексија
А всушност ме голта
Ме вари и ме исфрла
Надвор од себе како мал фецес
Накинџурен смет со мириси од други планети
Поинаква, друга
Без да ја разберам претходната
Без воопшто да се сетам дека имало
Архиверзија на ова сега
Некоја друга затрчана да живее низ мене
Не можам да се сетам зошто го држи
Финиот сребрен нож
Го користи мојот хардвер
За да стопи уште едно кутро авокадо
Потем, зборува преку разгласниот систем
На нешама и руах збрчкани заедно
Во гркланот на таа нова супер нова
Небиднина во раст
Небаре точка скокалница
Од која моето бившо јас треба да скокне
Во океанот од маслинки и кремав балсамико
Оцет на раните
Излачувајќи секрет во вид на пластични кеси
Некаде на брегот на слоновите коски
А потоа ѕирка низ улиците на светот
И се враќа назад користејќи камера, огледало и корпа за отпадоци
Полна со корички од авокадо
И дршки од рукола
Додека минувачите салутираат
Гугл! Глеј! Гугл!


Шејн

Во мојот град
Има толку многу сиромашни луѓе
Што не можат да си дозволат да бидат живи
Па живеат со помош
На трикови и магија
И цртки во локалните продавнички
Коишто од ден во ден
Стануваат скали кон небото
На новиот либерализам
Како космичка нерезонанца на
Оние што не можат да си дозволат живот
А сепак некако дошле на планетава
Се ставаат себеси во шпајз
И заличуваат на туршија
Со поминат рок на траење
И стануваат робови на шпајзот
Го трампаат за Платоновата пештера
Им веруваат на теглите и капаците
И сенките што се пробиваат низ клучалката
Додека ги гледам трошните куќи
И додека ги острам ушите за битка
Го слушам забот на времето
Во синергија со моќната ентропија
Како ги грицка
И како во даските од нивните умови
Посадува црвци
На сомнеж и хаос
И од нигде-никаде
Во мене почнува да ечи,
Нежно да татни
Една подзаборавена мантра на Рундек
Глас којшто вели
Излези и бори се...(Хаустор, Шејн)
И тогаш стравот
Се буди и почнува да расте
Како квасец
Дека ако излезам
Или ќе ме убијат
Веднаш
Или ќе ме замајат
Со некаква дрога
Повторно да заборавам
Зошто излегов
Затоа од овде
Од мојот бункер
Те прашувам, Шејн, каде си?
Не можам сама

 



Шалом Воден

Денот кога се сретнаа
Далечниот Исток и блискиот Запад
Во едно село на југ
Се обидов да бидам
Некој кој не сум
И на сметка на својата замислена негација
Отпатував во селото
Кои ти се овие ликови
Ме прашува замислената негација
Во јавното веце
Додека чекам воз за Таму кај што не сум
И го читам дневниот локален весник
Со извештаи за бомбите во Сирија
Ах, тие
Ги гледав Таму кај што не бев
Ги гледав во ножните прсти на мајка ми
Додека таа шепотејќи разговараше
Со своето алтер-его
Не знаејќи дека сум таму кај што не сум
И го рециклираше својот ресантиман
Со елегантен спокој на вдлабнатина
Во дишановски писоар
Во предворјето на пеколот
Бесот особено насамо
Оттурнувајќи ме надолж и попреку
За да може на раат да го пцуе
Оној што ја создал
Додека заедно неколку години подоцна
Го читаме дневникот за бомбите во Сирија
Таму кај што не сме
И се подбутнуваат низ нејзините ножни прсти
Напалм-бомбите во местото наречено Воден
А таа трча
Таму кај што не е
А јас по неа
Трчам
Таму кај што не сум
Обете
Маратонки




Белешка за авторката
Будимка Поповска е родена 03.03. 1967 во Скопје. Средно училиште завршила во Гимназијата „Раде Јовчевски Корчагин“, генерација 1981-85, а потоа студирала на Факултет за класична филологија на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.

Главното образование го добила од директниот линк со рокенрол музиката. Светска, југословенска, македонска.

Во периодот од 1996 до 2015 живеела во манастир. Во тој период живеела по помалите градови и села низ Македонија, користејќи го мотото: запознај ја својата земја за да ја сфатиш подобро.

Потоа се вратила дома. Живее во Скопје, и работи како иконописец, колумнист (фриленсер) во македонската периодика. Член е на Друштвото на Писатели на Македонија од 2013 година.

Авторка е на книгите:
„Врата“ Темплум, Скопје 1994.
„Полигони“, Темплум, Скопје 2007.
„Друга визура“, Премин, Скопје, 2008.
„Невидливи вежби“, Пунктум, Скопје, 2011.

Извор: Будимка Поповска – Куќа на Марс; Темплум, 2019.
Слики: Будимка Поповска

Слични содржини

Книжевност / Настан
Книжевност / Уметност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото