Московска политика на сила со руски пасоши

12.05.2019 23:24
Московска политика на сила со руски пасоши

На Владимир Путин му се брза. Во само една недела рускиот претседател потпиша два декрети за забрзување на натурализацијата на украински државјани; на вториот стави потпис на 1. мај. Од Киев и неговите сојузници остро критикуваните иницијативи, доаѓаат по смената на претседателот во Украина и со тоа поврзаната несигурност: досегашниот претседател Петро Порошенко ги минува последните седмици од мандатот, а неговиот наследник Володимир Зеленски уште не е на функцијата.

Со првиот декрет од 24 април, шефот на Кремљ за цел ги имаше луѓето од источноукраинските сепаратистички области Доњецк и Луганс. Москва ја оправдуваше иницијативата со „хуманитарни причини“, на пример да им го олесни патувањето на Украинците на кои им истекла важноста на пасошите.

Вториот декрет значително ја проширува целната група. Во иднина луѓето кои се родени на Крим и кои го напуштиле полуостровот пред руската анексија, можат да побараат руски пасош по „поедноставена процедура“. Тоа важи и за нивните роднини.

Двојно државјанство

Освен тоа, понудата е насочена кон сите Украинци кои пред избивањето на војната во април 2014 година живееле во погодените области во источна Украина, без оглед дали во меѓувреме живеат некаде на друго место. Се мисли очигледно како на бегалците и легалните украински гастарбајтери во Русија, така и на внатрешно раселените лица во Украина.

Во образложението, декретот на Путин укажува на „заштита на човековите права и слободи“. Важен детал: не е задолжително откажување од украинското државјанство, што инаку во Русија во други случаи е правило.

Сите наведени Украинци можат да добијат руски пасоши во рок од три месеци и по поедноставена постапка. Досега таа можеше да трае со години. Декретите на Путин може да засегнат милиони луѓе.

Руски пасоши за жителите на Донбас - карикатура од Сергеј Елкин

Благодарение на Донбас

Најголема група би биле оние Украинци кои живееле во регионот богат со јаглен, Донбас, пред избивањето на војната или кои побегнале оттаму. Според украински проценки, на почетокот на 2014 година во областите кои Киев ги означува како територија окупирана од Русија, живееле околу четири милиони луѓе. Точни бројки нема.

Втора по големина категорија би биле легалните украински гастарбајтери или во Русија регистрираните бегалци од Украина, зашто голем дел од нив се луѓе од Донбас. Украинскиот министер за надворешни работи Павло Климкин во 2018 година изнесе проценки дека вкупниот број на сите украински државјани во Русија изнесува околу три милиони. Ако кон тоа се додадат Украинците родени на Крим, како и нивните деца и роднини, бројот на потенцијални баратели на руски пасоши би се движела помеѓу пет и десет милиони лица.

Русија очигледно не очекува брза навала. Во руската област Ростов близу источноукраинската граница, на крајот на април почнаа со пробна работа само два центри за примање апликации и доделување државјанство. Но, Путин планира да оди чекор натаму. На крајот на април рускиот претседател изјави дека се размислува на сите, околу 40 милиони Украинци, да им се понудат руски пасоши според поедноставена постапка.

„Политика на руски свет“

Додека од аспект на Москва моментот на офанзивата се чини посебно поволен, во Киев се шпекулира околу заднината. Украинската влада и експерти како Вилфрид Јилге од Германското друштво за надворешна политика претпоставуваат дека Москва можеби сака да создаде основа за воена интервенција, слично како во 2008 година во отцепениот грузиски регион Јужна Осетија.

„Владимир Путин во Украина ја продолжува својата политика на руски свет“, вели Јилге во разговор за Дојче веле. „Тој се обидува да пројави право врз луѓето во окупираните подрачја“. Експертот смета дека Кремљ би бил во состојба овие Украинци со руски пасоши „да ги штити, во нужен случај и против владата во Киев“, па во тоа лежи коренот на опасноста од указот на Путин.

Друга важна причина се чини е демографскиот развој во Русија, чие население се осипува. Според информациите на руската статистичка служба Росстат, бројот жители во 2018 година првпат по десет години е намален, за околу 100.000 луѓе. Прогнозите се негативни.

Руски пасоши не само за Источноукраинците

Со доделување државјанста во голем стил, можно е запирање на трендот во демографијата, убедена е шефицата на телевизијата за странство - РТ, Маргарита Симонјан. Треба да се продолжи во таа насока и „сите Руси“ од странство да се доведат „дома“, пишува таа на Фејсбук. Се мисли сигурно не само на етничките Руси, кои по распадот на Советскиот Сојуа живееја во поранешните советски републики, туку и на луѓето кои се чувствуваат поврзани со Русија.

Извор: https://www.dw.com

ОкоБоли главаВицФото