Муезија

13.05.2019 10:57

Звук. Глас. Штуро слово.
Свиоци во патишта на невроните
Без крајно одредиште. Без патоказ.
Нешто прислушнато, нешто прочитано,
Некој клавиш во сетилата,
Спомени во сивата смеса,
Дурска среќа, Молска тага,
Зелена радост, Сива скрб,
Бродење низ канали на туѓи универзуми,
Грабење на туѓи ризници,
Пленење на игли во плевни,
Посета, посвета
на посвети од светлина мудрости древни,
Плод сред плевел,
Предзакокичена стапка во снег,
Закалени очи што ѕурат низ брчки
Во староста на времето,
Во дарот на бремето јадро,
Начулени уши в туѓозвучен тритон
На најтопол преграб вавилонски.
Азбуки. Бројки. Октави.
Орудија прости за слога на хаосот.
Прашалник на сè што човек знае,
И максима на сето незнајно.
Громославејски усет на сето неусетно,
Споменар на сето несетено.
Самите мисли на космосот,
Препеани во солипсистичка енигма.

 

Борислав Јарчевски (1993), е роден и живее во Скопје. Дипломирал на Катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Меѓу другото, се занимава со музика, превод и поезија. Поранешен член е на музичките состави „Нова Генерација“ и „Клетото Тројство“. Деновиве излезе неговата дебитантска стихозбирка, „Грош за Харон“. 

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото