Грош за Харон

13.05.2019 15:24
Грош за Харон

Деновиве се појави уште една нова книга, „Грош за Харон“, во едицијата „Триста ветрила!“ Авторот, Борислав Јарчевски (1993), е роден и живее во Скопје. Дипломирал на Катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Меѓу другото, се занимава со музика, превод и поезија. Поранешен член е на музичките состави „Нова Генерација“ и „Клетото Тројство“. „Грош за Харон“ е негова дебитантска стихозбирка.

Ѓоко Здравески за книгата на Јарчевски вели: „Ова е поезија што има сѐ. Има игра, има правила на игра, има слобода, има строгост, има заебанција, има курташак, има стапка, има отстапка и има јазик различен од обичен, и без претерување и без ласка ќе кажам дека друга слична на оваа книга поезија кај нас – нема.


Во продолжение пренесуваме три песни од книгата.


Гомора-ноар

Седeше момче на речниот брег,
Гледаше ѕвезди и јорговани,
Насмеани моми со зумбули в коси,
И момци со розни букети без трње,
Баби, внуци, другари на скара
И безбројни такви шаренила ведри
На билбордите од карши.

И старец му пријде,испокинат, валкан,
Со оловен замор, со трска на рамо,
Си помисли белки од по риба се враќа,
Зад галиине заринкани во земја
Од клоаката в река кај извира помор.
Старецот рече „јас сум рибарот, кралот.“
„Перо!“ му викна на момчето младо.
„Персивале!“

И момчето стана и појде по него.
Кај Харона појдоа, река да минат.
Бродарот рече: враќање нема.

Заврвија по врвици калливи, и калдрми
Кај јазици пламни со мирис на бензин и гума
Од буриња железни лижеа образи ладни
На сенки без лица со шила во поглед,
На пци коскоглодци, и мачки пцовисани црни
Призраци направени од кошмарска граѓа
Чиј ништожен живот е завиен в гозба на црви.

Старецот и Персивал седнаа в клубот зад сокак,
И со Богарт запалија цигара, трета, седма,
Тројка со Адам и Ева во црвената соба.
Со овошје кобно на софра.
Дома.
Орфеј дур свиреше соло на труба,
А Мингус на бас,
Персивал рече: Враќање нема.

Светулка

Bright effluence of bright essence increate!
(John Milton – Paradise Lost)*

Другар на трип си фати светулка,
Замелушена! и тој од неа.
Од светлосна загаденост ѕвезди веќе
Нема, ни во Левант нема пророк;
Во почетокот беше Порокот.
Ниче е крив, а Спиноза е прав,
Како и Сеган сега, ѕвезден.
Вишно над земниот превез од смог:
Бојазлива мома пред свадба со бог.
Да, Земјата го роди Норман Бејтс,
Оти лебедот либе и беше.
Со време, повторно ќе јадеме пита кај Норма.

Во меѓувреме, вон време и простор
Светулката чинам се стори нов господ,
И посветла далек од предците сури,
Аполон, Хелиј, непобедлив Сол,
И Дажбог и Хорс и двоок Хорус
И златен Ра и срмена Феба
И UY Scuti и квазари без име,
Ситно светлоносна ко самиот Биг бенг.
Воздишката беше единствена дума,
Единствена кума.
А тие очи видоа за миг,
Работи невидливи за смртниот вид.


* Сјаен напливу од сјајна несоздадена сушност
Џон Милтон – Загубениот Рај (3. пеење; прев. Д. М.)

 

 

Огледало

Се видов во огледало и тилот си го видов,
Оптичка илузија на неменливото јас,
Јас што име си заборава често,
Јас – отфрлениот производ
На кратковидно време и место
Непреместено, непребродливиот Елисиј,
Непредвидливиот вител на сплетена вистина,
Недомислица на минати доби,
И дамари зарѓани од премногу воздух,
Далечни очи засрамени сами од себе,
Зашто сè што знаат и сè што ги опкружува
Е незнајна спирала на надреални слики
Во кои наводно постојат нормални битија,
И перфектна сразмерност на лудило и триумф.

Слики: Stephen Mackey
Извор: Борислав Јарчевски - Грош за Харон; Темплум, 2019

Слични содржини

Книжевност
Книжевност / Живот
Графички Дизајн / Книжевност / Психологија / Стрип
Пандалф Вулкански
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото