Контраспин: ВМРО-ДПМНЕ покажува дека не ги разбира зборовите на Пендаровски

14.05.2019 00:34
Контраспин: ВМРО-ДПМНЕ покажува дека не ги разбира зборовите на Пендаровски

Неполни 24 часа по инаугуративниот говор на претседателот на државата Стево Пендаровски, врвот на партијата која освои близу 400 илјади гласови и која има(ше) најголем број пратеници во Собранието, ВМРО – ДПМНЕ покажува знаци дека не ја разбира суштината на зборовите на претседателот, кои се врзани за суштината на најболните прашања во општеството – поделба, корупција, сиромаштија.

ВМРО-ДПМНЕ na 13.05.2019 лиферуваше изјава/соопштение, во кое има извртени вистини, т.е спинување:

Спин: Пендаровски ќе биде претседател на државата, но за жал нема да биде претседател на граѓаните, бидејќи се срамеше од македонската химна, се срамеше да каже кој јазик го зборуваат Македонците во Грција, се срамеше од сопствениот народ кој го нарекуваше стока, сурати, роботи, а единствено на кое се гордееше беше поддршката на Зоран Заев и лидерите од владеачкото мнозинство. Тоа само говори дека како почна, така и ќе тера, ќе биде претседател на власта, но не и на народот. Како поддржувач и одобрувач на криминалот на Заев, едно е сигурно, Стево Пендаровски ќе биде сидрото на власта кое ќе не држи далеку од европските вредности, европската перспектива на македонските граѓани.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ, веб страна – датум: 13.05.2019]

Kонтраспин: Првиот нареден ден по инаугурацијата на претседателот Стево Пендаровски, кој, детектирајќи ги најважните слабости во општеството, најави врз што ќе работи, ВМРО-ДПМНЕ, најголемата опозициска партија во државата, покажа дека Пендаровски бил во право, но и покажа дека не ги разбира неговите зборови.

Не е тоа само гол популизам и желба за политички поени. Ако со помош на извртени вистини или спинови, кои досега повеќепати се објаснети и деспинувани (се срамел од химната, се срамел од јазикот што го зборувале Mакедонците во Грција, го нарекувал сопствениот народ стока, сурати, роботи) ВМРО-ДПМНЕ уште првиот ден од новиот мандат на Пендаровски вели дека тој ќе биде претседател само на едни граѓани, тогаш оваа партија и практично покажува дека не ги разбира процесите во општеството.

Еве што кажа Пендаровски вчера (12.05.2019) во Собранието:

Чувствувам дека моја прва обврска како претседател кој беше предложен од политичкото мнозинство е да го штитам статусот и правата на политичкото малцинство, затоа што демократијата постои само кога различните малцинства во општеството се заштитени од евентуалното самоволие на мнозинствата, а за тоа само законите, најчесто, не се доволни. Политичките разлики меѓу луѓето и партиите ќе продолжат да постојат затоа што се природни и нужни, но, енергијата и потенцијалот на општеството мораат да бидат обединети околу неколку стратешки важни работи на кои ќе инсистирам и за кои ќе предлагам модели за постигнување на поширок државен консензус.

За жал, после ваква понудена рака да ги застапува и нивните политички ставовови, ВМРО-ДПМНЕ вели дека тој ќе бил претседател само на Заев, односно ќе го држел сидрото на власта.

ВМРО-ДПМНЕ, освен спинувањата за поранешните активности на Пендаровски, спинува и дека тој не кажал ни збор за борбата со криминалот и корупцијата, пред се оние на власта.

Новиот претседател уште во првиот ден се заложи за борба против корупцијата и непотизмот и стопански раст – два најаважни услови да има напредок на државата:

Државата има два приоритети, подигнување на многу повисоки стапки на економски раст и нулта толеранција за корупција и непотизам. За успешен одговор на двата предизвици, власта, опозицијата и бизнис секторот мора да работат заедно. Нема просперитет ако најдобрите сакаат да работат во државната администрација или сакаат да си заминат надвор.

И конечно, ВМРО-ДПМНЕ не ја разбра суштинската порака на Пендаровски за подигнување на општественото здравје, здравјето на нацијата, преку заедничка работа за сузбивање на поделбите врз политичка основа:

Време е да ги залечиме отворените рани од нашето скорешно минато и реално да го започнеме граѓанското помирување, затоа што немаме резервна татковина која можеме да ја наречеме наш дом. На тој пат сакам да се вложам без остаток, не водејќи сметка за сопствениот политички рејтинг. Сите добронамерни луѓе, политичари и партии што ќе решат да одат по истиот тој пат ќе ја имаат мојата поддршка.

Наместо одговор, макар и формален дека ги чувствуваат истите проблеми и дека ќе почекаат да видат дали Пендаровски од зборови ќе прејде на дела, ВМРО-ДПМНЕ во старт го отфрлија помирувањето во општеството и тоа преку спинување, во соопштение/изјава кое божем требаше да го критикува Зоран Заев.

Ова упатува на заклучок дека врвот на најголемата опозициска партија, т.е. тој врв кој е одговорен за пораките до јавноста, не ги разбира зборовите и суштината на тие зборови на новиот претседател на државата.

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Извор: Вистиномер