Корупција

14.05.2019 02:00
Корупција

Одамна, во времето на социологијата на Парсонс, на корупцијата се гледало како на индикатор на модернизацијата.

Традиционалната или заостаната заедница немала многу пазари, туку многу работи се извршувале како резултат на еден или друг вид обврзност. Притоа рангот или статусот играле голема улога. Дури и да нашол пари, обичниот човек не би можел, да речеме, да купи благородничка титула или да едноставно да напредува во општеството. Може да се претпостави дека, на пример, трговскиот слој во отоманската империја каде милитаризираните власти живееле од различни видови даноци, со пари купувал услуги од оние кои располагале со монополот на сила. Така што можело да се купи со пари она што било недостапно. Во социолошките теории за модернизација се сметало дека тоа бил начин на кој пазарот продирал во работите, кои, инаку се извршувале заради обврска, значи под закана на разни видови сила.

Да го разгледаме традиционалното општество засновано на ропство, кметски односи, кастински и сталешки разлики, односно на привилегирани и маргинални групи. Да речеме дека ако во турско време власта не се занимавала со трговија, туку живеела од даноци, српските поданици, ако би се посветиле на трговијата, би можеле да купуваат услуги од турската власт. Така, корупцијата не би била само начин да се извршуваат работите, кои инаку не би постоеле, туку таа и позитивно влијаела на стопанскиот развој и на општата благосостојба. Со тек на време, слојот што би се збогатил корумпирајќи ја власта, јасно недемократска, можел дури и да одлучи да пружи отпор или да направи револуција.

Некогаш во времето кога се изучуваа комунистичките или релно социјалистичките општества, корупцијата беше еден од индикаторите на општествените промени. Колку беше распостранет црниот или обоениот пазар, да речеме во Југославија? Или поконкретно кажано, колкаво беше влијанието на Трст врз стопанскиот развој и благосостојбата на луѓето во социјалистичка Југославија? Шверцот не беше толку мала работа, а тој не можеше да се случува доколку немаше корупција. Во тоа време имаше значителен број добри истражувања за регионалните разлики во степенот на корупција во Советскиот сојуз. Тие беа навистина големи.

Слично беше и во Југославија. И всушност разликите во перцепцијата на значењето на корупцијата во значителна мерка произлегуваат од тоа време. Многу често во истражувањата на јавното мислење подароците и друг вид натурална надокнада за работи кои треба да се извршуваат по професионална должност не се гледаат како корупција. Ако треба да се дадат пари, тоа е корупција, услугата или противуслугата – не е. Тоа оди заедно со широко распостранетото уверување дека сите се корумпирани и дека сите се еден или друг вид крадци – освен оние кои немаат што да понудат или немаат средства да купат услуга.

Така, се сметало дека корупцијата е раширена таму кадешто постои значително изразена дискрециона власт. И во мерката во која е проширена, корупцијата таа власт ја рационализира, како што и им обезбедува на оние на кои им е потребна услуга, да го пресметаат и трошокот што оди со тоа и на тој начин порационално да одлучат дали се исплати да влезат во некоја работа или не. Конечно, да земеме држава во која даночниот товар е висок, да речеме како во реално социјалистичките земји, ако сите препреки во приватниот сектор се изразат во некој даночен еквивалент. Во тој случај, корупцијата ги намалува деловните трошоци и последично води кон тоа да има повеќе бизниси или зделки.

Истото важи и за државите со висок степен на неорганизираност или дезорганизација. Митото може да биде единствениот начин да се направи нешто. А тоа е помалку или повеќе начинот на кој се завршуваат работите на црните или обоени пазари. Потребна е дозвола за нешто, често и истовремено и заштита, сето тоа има своја цена. Притоа обично е потребна и заштита на власта за што оди еден дел од митото. На пример, во времето на војната во Босна и Херцеговина имало странски набљудувачи и стручњаци кои биле импресионирани од неформалниот пазар кој се викал „Arizona Road“ и на кој меѓусебно тргувале сите завојувани страни. Таа ангедота имала големо влијание врз начинот на кој се пристапило кон повоената обнова на земјите во регионот, но тоа е друга тема. Токму на тој пазар се правеле зделки и од нив се финансирала војната.

Така, не е едноставно да се утврдат сите влијанија на корупцијата. На пример, според сите стручни истражувања кои ми се познати, неформалниот сектор во Советскиот сојуз, кој плаќал мито за да работи, имал повисока продуктивност од државниот сектор. Па, така на пример, во Србија се субвенционираат инвеститорите, особено странските, што би значело дека власта ги корумпира приватните деловни луѓе. Се смета дека со тоа барем ќе се придобие некој глас повеќе на изборите, што повторно е некој вид надокнада за услугата.

Своевремено, пак, по завршувањето на Првата светска војна, Шумпетер укажувал на предностите на даночната во однос на воената држава, а истото тоа важи и за корумпираната држава. Секако дека е подобро со закони и даноци да се овозможи конкуренција и еднакви услови и тогаш последиците би биле позитивни за напредокот и благосостојбата. Но, да речеме ако се постави прашањето Турски тек или не, затоа што постои проблемот на посебен третман, што би бил очекуваниот одговор на јавноста? Ете, тоа е проблемот со корупцијата.

Извор: Novi magazin