Книга за секоја жена

14.05.2019 04:18
Книга за секоја жена

Постои една книга. Една книга. Мешавина од хумор, старомодност, модерност, корисни и бескорисни совети, упатства како да се живее животот. Книга која ја имало или уште ја има во секое домаќинство, некаде таму во мрачните предели на полиците за книги (поточно, витрини!) помеѓу хрватско-унгарскиот речник на прабабата, Уметноста на плетењето и спокојниот таблет. Книга за жени – Книга за секоја жена. Книга која прв пат е издадена во 1952 и од тогаш е редизајнирана, редактирана, „репрограмирана“ дури 18 пати во издание на Znanje, една од хрватските најстари издавачки куќи.

Книга за секоја жена не е интересна единствено по содржината, туку е и културолошки уметнички објект. Омотот, насловната страна, дизајнот, фонтот, тврдиот или мек повез, илустрациите, контекстот или приказната за настанувањето на одредено издание – сето тоа ја прави книгата објект кој е претставник на специфична култура во одредена точка во времето. Семантички е ограничена според содржината, но е и отворена според својата физичка манифестација, реинтерпретациите. И најневината тема може во одреден контекст да содржи политички и идеолошки замки. Некои книги нè насмејуваат, некои не плашат, некои и двете. А некогаш најдобро е оние страшните да се направат смешни. И оние смешните да се сфатат сериозно.

Ова конкретно издание на Книга за секоја жена датира од 1981 во време кога Југославија сè уште постоела, се држела со заби на куп во последната декада на активна културна дејност, константно растечка инфлација и се поочигледните националистички тензии. Интензивно и контрадикторно време кое се огледа и во ова издание. Иако присутна во голем број домаќинства, често била игнорирана во поглед на анализа на содржината, јазикот и организацијата на темите – нешто што сега ќе се обидеме да го исправиме.

Секое ново издание е надополнување со теми за нови технологии, закони и трендови во куќниот живот. Книга за секоја жена е поделена на поголеми темати – жената и домот, жена домаќинка, мајка, женско здравје, жена воспитувачка, жената и модата, жената и спортот, женски права – и на помали поглавја кои ги обработуваат сите теми, од употреба на производи за коса, секс и сексуално здравје до тоа како да се замени електричен приклучок.

Освен општиот дух на направи-сам(а) културата, забележуваме и импликација на сеопшта социјалистичка пропаганда – промовирање на идеалот на проактивниот/та и вклучен/а член/ка на одново заеднички изграденото социјалистичко општество. Или се работи само за општиот дух на прединтернетската направи-сам(а) култура, кога, за нешто да се создаде/направи/поправи, била потребна внимателна припрема и проучување.

Во интересниот текст објавен на порталот Popular Science на тема исчезнувањето токму на ваквите прирачници, авторот Mark Svenvold забележува: „Ваквите книги, полни со вешти методи на решавање нешта понудиле нешто сосем ново и демократско: самостојност/делување, вештина и ракување било кому кој можел да го чита“. Меѓутоа, „единствената константа е промената – што говори за нас тоа што денес практично употребуваме алати за кои немаме можност ниту вештина да ги разбереме или поправиме? Дали на тој начин сме изгубиле нешто многу важно, можеби дури и клучно за нашиот идентитет – чувство на автономија и контрола над алатите – за крајно сомнителната добробит на удобноста?“

Премисата на Книгата и е да стане прирачник/референтна точка во која жените можат да пронајдат совет на која било тема. Две теми се истакнуваат и ни се чинат интересни: аспектот направи-сама, текстови кои се напишани од над 40 автори/ки, и женски теми со големо Ж – теми за женското здравје, општествени позиции и законски права. И на крајот хуморот, кој е попатен резултат на старомодноста на изразот и навистина бизарните решенија на проблемите. На пример, Книгата ни порачува дека ако детето го цица прстот, родителите честопати се закануваат со „Ќе ти го отсечам прстот!“ или „Ќе ти ја сошијам устата со игла!“ (стр. 491). Не знам дали кој било сведочел на слични закани, но звучат истовремено и комично и ханс-андереновски готски.

Направи-сам(а) и хуморот

Во Книгата сè е важно – од тоа како да се заменат завеси и како да се одгледува живина до тоа како да се поправи телевизиска или радио антена. Сите текстови се пропратени со шармантни илустрации на академките сликари Саша Форенбахер и Нинослав Кунц.

Секакви совети можеме да пронајдеме во Книгата. Дознаваме дека ако имаме мравки во куќата, мораме да ја проследиме нивната патека и да ја подвлечеме со бела креда – наводно мравките нема да ја преминат цртата. Меѓутоа, секако подобро е да се купи средство против инсекти (се прашуваме зошто ли тогаш целата процедура опишана на стр. 85?). Дознаваме и дека при селидбата потребно е теписите - изненадувачки! – да се завиткаат во ролна (стр. 94).

Најинтересниот аспект, и нешто што Книгата ја прави посебно шармантна, е случајниот хумор кој се воочува во некои животни упатства. Причините за тоа можат да бидат бројни – можеби фактор е оддалеченоста од времето кога е напишана, можеби културолошката празнина и неповрзаноста која ја отворило времето или неодамнешното поедноставување на интернетскиот сам-свој-мајтор дискурс. Во Книгата кон најбизарните и најненобичните проблеми се пристапува сериозно и со формален дискурс. Ниту една тема (како што ќе видиме подоцна кај темите на женското здравје и сексуалноста) не е табу ниту тривијална. Во поглавјето „Жена-воспитувачка“ книгата екстензивно се посветува на темите на децата и туѓите тела. На пример, ако на детето му се заглави зрно грашок во кој било телесен отвор, потребно е да се отиде во болница. Меѓутоа, ако зрното е заглавено во носот, се советува да се отстрани со пинцета.

Советите не се ограничуваат само на одгледување деца и цепење дрва, туку покриваат и подрачја на естетиката. Во делот кој се бави со накит, се наведува дека „Не е вкусно да се види рака со прстени како бере компир.“ Потребно е секогаш да се биде елегантен и достоинствен (и очигледно да не се комбинира накит со агрикултура). Естетиката е многу важна и во развојот на детето, токму затоа што „Родителите мораат да знаат дека невкусната играчка, лошата книга, неуметничката слика, лошата музика, не развиваат смисла за сфаќање на убавото.“ Можеби треба Книгата да се воведе како задолжителен учебник за родителите на основците?

Делот кој се занимава со бон-тонот очекувано е најконзервативниот во јазична и содржинска смисла. Нè инструира да не носиме шешир во театар, како да чекориме по скали (дамата секогаш прва слегува по скалите, но последна се качува), нè упатува да не шепотиме во друштво, како да разговарме и да јадеме (строго е забрането да се кива на маса, да се згрбавува над чинијата и да читаат весници за време на оброкот). За чудо, според Книгата никој веќе не вели „Пријатно“ – модата очигледно се менува. Исто така, јајцата можат да се јадат на 6 начини. Добриот гостин ќе изеде сè на чинијата. И „насмевката честопати е сонце за жалосните“. Како што е и оваа книга.

Баш секоја жена?

Секоја книга, па така и оваа, е сведок на одредено време, култура и општ контекст, како што и наведовме, и понекогаш она што прво ни привлекува внимание се јазикот, откачените слики или дизајнот. Книга за секоја жена е сложена и осмислена за жени и како таква можеби и попатно многу ни говори за позицијата и перцепцијата на жените во тоа време. Духот и намерата на изданието е да се покријат сите можни и неможни теми кои се сметаат за корисни за жените – спорт, образование, мода, деца, здравје, итн. Во недостаток од Книга за секој маж, се наметнува идејата дека секоја жена е всушност супержена – „фиксер“, поправачка, негувателка, мајка, воспитувачка, работничка... Некои нешта никогаш не се менуваат. Но, да го задржиме оптимизмот и да разгледаме што тоа ја прави Книгата сведок на едно, по многу нешта, прогресивно минато.

Во едно од најинтересните поглавја, „Жената и здравјето“, забележлива е отвореноста во пристапот кон темите за секс, брак, абортус и репродуктивно здравје. Жените се разубедуваат од стапување во брак од причини како тоа е „ред“, „исправно“ или како одговор на несакана бременост (стр.279). Детето не е, ниту би требало да биде, причина за останување во брак (стр. 302). Вашите родители или родителите на вашите партнери не ви се автоматски пријатели. Еднаквоста во бракот е најважна.

Женското здравје исто така е разработено во детали – темите како болести, репродуктивно здравје, сексуални активности... Абортусот е опишан во детали, медицинската постапка, можните ментални и физички последици. Се заговара одговорност и употреба на контрацепција. Колку освежувачки и неосудувачки! На крајот од Книгата во детали е наведена и објаснета најважната информација – уставните и законските права на жените како граѓанки. Знаењето навистина е моќ.

Некои книги излегуваат од мода, некои стануваат застарени како што минува времето. Некои се истуркани од развојот на технологијата во беспаќето на заборавот и прирачниците од овој тип остануваат единствени релевантни во функција на сведоци на една специфична точка во времето. Интернетот, кој ја презеде улогата на советодавач, место каде бараме решенија и кој бил возвишуван и нарекуван големиот изедначувач, всушност ги подели информациите по категории и поткатегории, алгоритми, персонализирани и специјализирани прегледи и прикази, на таков начин што веќе никој не знае каде и како да побара толку потребен совет. Едноставно прашање отвора толку опции и толку патишта кои, се чини, секогаш завршуваат со напади на паника и гледање видеа со мачки. Завршува и со заборав, би рекле и некаков општ, а и таков кој се однесува на она што сме сакале да го поправиме и направиме кога сме започнале да бараме.

Која е тогаш улогата на прирачник како Книга за секоја жена откако ќе ја изгуби својата примарна функција? Можеби да нè потсети на времето кога телевизорите имале антени, кога децата си играле со нешта кои можеле да завршат во нос или уво, кога било важно да се свири на инструмент и кога женските граѓански и репродуктивни права не биле доведени во прашање? Па, ете, жени, госпоѓи, госпоѓици, дами - добра ноќ. И среќно.

Извор: Voxfeminae

ОкоБоли главаВицФото