Дрвјата се сушат – градот молчи

14.05.2019 11:12
Дрвјата се сушат – градот молчи

Повеќе од илјада дрвја во Скопје се загрозени и ќе се искушат годинава или во наредниве неколку години доколку не бидат ослободени од притисокот на бетонот, асфалтот, металните обрачи и огради со кои сега е спречен нивниот нормален развој и опстанок, ги предупредуваат градските власти од Шумарскиот факултет во Скопје.

Во јануари годинава, Шилегов и деканот на Шумарскиот факултет од Скопје, Кирил Сотировски потпишаа меморандум во име на двете институции за соработка со кој Градот со надлежните служби требаше да го почне процесот на ослободување на околу 1.000 дрвја кои се наоѓаат на приближно 500 локации во градот што поради непрописно изведените градежни активности се нашле заробени во бетон, асфалт или железни решетки кои го попречуваат нивниот раст, развој и им го загрозуваат животот.

Ветувајќи брз почеток на активностите, Шилегов тогаш ги повика и градоначалниците на скопските општини да воспостават соработка со Шумарскиот факултет со цел да се лоцираат сите градежни пропусти кои довеле до вакви појави и да се превенира идно погрешно третирање на вегетацијата во градот.

Сепак, низ градот сè уште се забележливи бројни примери на дрва чии стебла се буквално асфалтирани или забетонирани до самата кора, но не се евидентни случаи каде има ослободени дрвја, а од Шумарскиот факултет велат дека нивните обиколки на мапираните дрвја покажале дека досега ништо не е сторено.

Екологистите од „О2 Иницијатива“ во повеќе наврати им упатуваа јавни критики на градските власти за неисполнетото ветување.

„Избори поминаа, папата замина, ама заробените дрвја си останаа заробени. Предизборните изјави од типот „ја примивме пораката од граѓаните“, се покажaa празни“, им порачаа на градоначалникот Шилегов и на општинските градоначалници од „О2 Иницијтивата“.

На потребата од итна реакција укажувал и самиот декан Сотировски, кој во допис до кабинетот на Шилегов и до одговорни лица во Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ и во Општина Центар уште во март побарал ургентна реакција барем за оние дрвја кои се на лесно достапни локации и каде интервенцијата би можела да биде брза и едноставна.

„Веднаш ќе Ве упатам на најлесните за ослободување, а многу загрозени и битни стебла – Боемска улица има 19 диви костени, означени со црвено во мапата (од број 179 до 190). Сите тие се заградени со коцки од калдрма, кои за 3 минути по стебло, со најобична мистрија може да се отстранат“, се вели, меѓудругото, во дописот на Сотировски, каде се наведени и други локации во строгиот центар на градот каде интервенцијата би подразбирала едноставно вадење на бекатон коцки и мал ангажман на работна сила.

Заробените дрвја и нивната состојба можат да се следат на следната апликација.

Извор: Мета

 

ОкоБоли главаВицФото