1023 hPa
100 %
7 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 23:59
Насловот, се разбира, е парафраза на исказот на Бобан „Авалон“ Милошевски за третманот на културата (како вредност) во државава, не само сега туку во децениски континуитет. И е посебно актуелен денес, во екот на потрагата по нив министер за култура како следен во редот да се зафати со сложената „операција на око“ без еден ден претходно искуство во областа. Чудењето на Милошевски за тоа како некомпетентни поединци од профилот на еден Асаф се нафаќаат „да оперираат“ таков сложен механизам каков што е културата – или „окото“, сеедно – не е само негово туку е веќе општо место и задира во самата суштина на моиве (знам, залудни) написи за нашите вредности, особено (не)културните. Зашто ако токму одговорниот за тие вредности, токму министерот за култура, минат или иден, нема ама баш никакви допирни точки не само со културата во потесната смисла на зборот туку токму со културата како темелна вредност на државата, тогаш сите наши разговори се passe. А компарацијата на Милошевски со окото е вистинската, зашто ако една држава добива „поглед“ во минатото, сегашноста и особено иднината, тоа е преку културата. Токму таа е „окото“ на државата, на народот, на системот. И фактот што ние особено во изминатава деценија бевме слепи при очи, што разноразни бараби нè дефокусираа(т) или ни одредуваа(т) погрешна диоптрија е причината што стасавме на ова дереџе.
Нашата целосна партизација, вон секоја логика и ум, направи поделби не само во владините ресори, онака – за вечност, туку и во институциите во културата, па денес точно се знае која институција (национална и локална) кому му припаѓа, повторно онака – за вечност! И тука воопшто не е битно дали дотичната партија има соодветен кадар за тоа место, дали дотичната персона е кадарна за изведбата на зададената „операција на око“. Битно е да се спроведе договореното и да се задоволат суетите. И апетитите. Таквиот „систем“ и сега, еве дури и за овие нецели две години, ги покажа „резултатите“. А тој „систем“ држи во заложништво цели ресори, па и целата држава, на (пре)долг рок.
Логиката на вредноста нема ама баш никакви допирни точки со таков „систем“. Таму таа „не игра“, и не може да игра. Затоа и резултатите се такви какви што се. Затоа и министеротот Манчевски неодамна ја соопшти јавно констатацијата која „тајно“ сите ја знае(в)ме веќе цела деценија: дека ние немаме компетентни луѓе во „системот“ за сериозни преговори за членство во ЕУ. Ние, дапаче, немаме компетентни поединци, особено партиски и особено денес, како и вчера, дури ни за некаква замислена балканска културна трка. А и како би имале, ве молам, со оваа македонска партократска „логика“? Ако државниот апарат, системот, е единственото мени за задоволувањето на (проверено) незаситите партиски апетити, тогаш од таа држава не останува ништо освен трошки. А и тие ќе ги изедат, кога-тогаш. Некомпетентна администрација не може да произведе / сервиса компетентен систем, па следствено некомпетентен систем не може да произведе нови вредности. Не може дури ни да се носи со оние „старите“, со трајните, што беше очигледно токму во толку често спомнуваното „Скопје 2014“. А ќе го спомнуваме уште многу, многу долго зашто тој монструм се трансформираше во симбол на некомпетентна, партизирана, политизирана, неука и дефинитивно заробена држава.
А во такви држави има една и само една вредност: „вредноста“ на владетелот, на окупаторот, неговите/ нивните „критериуми“, нивните „стандарди“, нивните „поимања“ за државни вредности. И со нив сè уште (божем) се справуваме, односно не се справуваме. Што ќе рече дека ги прифаќаме нивните (не)вредности? Не, во тоа сè уште не верувам, но состојбите денес односно нашето нечинење токму во насоката на нашите (проверени) вредности говори за некаква чудна, необјаснива индиферентност, за рамнодушност кон сè што значело и значи културен континуитет во оваа држава, барем од 1945 година наваму. И мислам дека наведов доволно примери за тоа. А ги има дури премногу за една ситуација која себеси сака да се види како нова, демократска, компетентна, проевропска … културна!
Како и да е, само пред некој ден, најголемата културна мрежа во Европа наречена Culture Action Europe упати писмо до претседателот на Европскиот Совет Доналд Туск, потсетувајќи го дека „културата е темелот на она што сме како човечки суштества и на нашиот заеднички живот“. Притоа, го потсетуваат Туск дека токму Римската декларација (2017) се обврзува да гради таква Европа „каде граѓаните имат нови можности за културен и социјален развој“ односно „Унија која го чува нашето културно наследство и промовира културна различност“. И поентата, секако, цели на ЕУ самитот на Заедницата во Сибиу (Романија), и вели: „да ја направиме културата интегрален дел од иднината на Европа во Сибиу“!
Каде сме ние во едни вакви процеси – не знам, односно знам, ама не сакам да кажам. Можеби некому ова ќе му звучи премногу песимистички. Ама, дали ова звучи пооптимистички: една вест – можеби е лажна, не знам – вели дека за нов министер за култура во игра е дури и пуфлата! Зошто? Па заради нејзините „заслуги“ во прифаќањето на „Преспанскиот договор“. Само што, мислам, има еден проблем: таа нема врска со операција на око, таа е „стручњак“ за операција на мозок!!!
Слики: Anthony Falbo
Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com