Северна Македонија меѓу најлошите во Европа според почитување на правата на ЛГБТИ заедницата

15.05.2019 02:21
Северна Македонија меѓу најлошите во Европа според почитување на правата на ЛГБТИ заедницата

Северна Македонија се најде на 40-то место од вкупно 49 европски држави според почитувањето на човековите права на ЛГБТИ луѓето, во новото рангирање на ИЛГА-Европа, која ја анализира ситуацијата за 2018 година.

Со само 16 отсто реализација на законите и политиките кои влијаат на животите на ЛГБТИ луѓето, земјава во споредба со минатогодишното рангирање има напредок од само една позиција и скоро никакво подобрување во поглед на регулативата. Тоа беше доволно за да се најде на дното на листата која ја предводи Малта со 90%, а последна е Азербејџан со само 3% реализирани закони и политики.

Северна Македонија е најлошо позиционирана во Балканскиот регион. Водечка е Грција (14 место), по што следуваат Хрватска (16), Словенија (20), Црна Гора (22), Албанија (23), Босна и Херцеговина (25), Косово (28), Србија (30), додека нешто подолу на листата се и Романија (36) и Бугарија (37).

Во делот од извештајот за Северна Македонија се наведува дека ЛГБТИ заедницата во државава се соочува со дискриминација, закани, говор на омраза и ограничен пристап до мејнстрим медиумите. За минатата 2018 година, која е предмет на извештајот, регистрирани се и 43 злосторства од омраза и шест случаи на полициска злоупотреба.

Според поединечните фактори, земјава има најлош скор во однос на ЛГБТИ политиките за азил (0% законска регулатива) и семејството (4%), додека најдобро стои во категоријата на граѓански сектор (67%).

Во рангирањето за 2018 година, Малта е првопласирана со убедлива предност пред Белгија, Луксембург, Финска и Данска кои ги заземаат првите пет места.

Најлошите пет европски земји за ЛГБТИ заедницата се Азербејџан, која го зазеде последното место на рангирањето, Турција, Ерменија, Русија и Монако.

Генералниот извештај за оваа година укажува дека во повеќето земји членки на Европската Унија состојбата со правата на ЛГБТИ лицата е непроменета или влошена во споредба со минатата година и забележуваат дека за првпат во последната деценија кај дел од државите се забележува регрес.

„Минатата година предупредивме за опасноста да се мисли дека работата е завршена, за жал оваа година гледаме конкретни докази за назадување на политичко и законско ниво во растечки број на земји, нема повеќе време за губење“, објаснува Евелин Паради, извршна директорката на ИЛГА Европа.

Рангирањата на ИЛГА-Европа се засноваат на законите и политиките во секоја земја и нивното влијание врз животот на ЛГБТИ лицата. Организацијата разгледува поголем број на различни индикатори, кои покриваат теми од еднаквост, семејни прашања и говор на омраза, до правното препознавање на родот, слободата на изразување и правата за азил.

Извор: www.ilga-europe.org

Слични содржини

Општество / Европа / Теорија
Квир / Култура / Теорија

ОкоБоли главаВицФото