Мајски Иди

15.05.2019 22:12
Мајски Иди

Мајските Иди (15 мај) во Рим биле ден посветен на Меркуралиите – празници во чест на богот Меркур. Во римскиот пантеон Меркур е бог на трговијата, красноречието и итрината, гласник на боговите и водач на душите на умрените во подземниот свет. Под негова закрила се трговците, крадците, измамниците, патниците, овчарите и поетите. Исто како Хермес, кој му е пандан во грчкиот пантеон, Меркур носи сандали со крилца и патничко шеширче, а во раката држи кадукеј – гласничка палка обвиена со две змии, со крилја на врвот (☤). Често е придружуван од петел, овен, коза или желка, од чијшто оклоп ја направил лирата.

Меркур бил чествуван токму на мајските Иди зашто на тој ден во 495 година пр. н.е. бил осветен неговиот храм на Киркус Максимус. На овој ден членовите на трговските друштва, кои се нарекувале меркуријалци (лат. mercuriales), си ги прскале главите и стоката со света вода од изворот што се наоѓал во близина на Капенската порта (porta Capena). Оваа порта била една од трите главни порти преку кои се влегувало во Рим, а водата од изворот што се наоѓал во нејзина близина била позната како aqua Mercurii („Меркурова вода“). Преку ритуалното прскање со водата од овој извор меркуријалците се обидувале да ја стекнат наклоноста на својот заштитник Меркур.

Најмалата и најблиската планета до Сонцето во Сончевиот систем, планетата Меркур, го добила името по богот Меркур. По него во англискиот бил наречен и хемискиот елемент жива (англ. mercury), кој исто како и богот е подвижен и брз. Од името на Меркур во романските јазици се изведени и имињата на третиот ден во неделата, денот среда. Овој ден, бидејќи му бил посветен на Меркур, Римјаните го викале dies Mercurii („ден на Меркур“). Затоа на француски „среда“ се вика mercredi, на италијански mercoledì, а на романски miercuri.

Слика: „Меркур“, Хендрик Голциус (1611-1613), Музеј на Франс Халс, Харлем

 

Слични содржини

Спорт / Историја
Книжевност / Историја
Историја
Европа / Историја
Балкан / Историја

ОкоБоли главаВицФото