Лазо, ти си нешто посебно - легендите на кошарката го увеличаа 80 роденден на Лазар Лечиќ

16.05.2019 00:14
Лазо, ти си нешто посебно - легендите на кошарката го увеличаа 80 роденден на Лазар Лечиќ

Си замина со многу подароци од академијата; - Лазар Лечиќ со претседателот на МОК Васил Тупурковски (Фото: СДК.МК)

Повеќе спортски легенди на едно место досега не се видени во Македонија. Дојдоа од Словенија до Грција за да му се поклонат на човекот и тренер кој, како што рекоа, од нив направил и луѓе и играчи.

Лазар Лечиќ го прослави 80. роденден на величествен начин, со академија во хотелот „Александар палас“ во Скопје, во друштво на пријатели и колеги со кои го градеше имиџот на југословенската кошарка како една од најдобрите на светот. И многумина од нив му донесоа подароци, вклучувајќи словенечко вино од 1970, година кога со Југославија стана светски првак.

Лечиќ му подари специјална топка на премиерот Заев (Фото: СДК.МК)

„Направивте величествена прослава на овој роденден на еден од најголемите југословенски тренери, кој има големи заслуги за успесите на југословенската кошарка. Нашето пријателство трае со децении и ти посакувам да дочекаш и 90 и 100 години и повторно вака да нè собереш“, изјави легендарното тренерско име Мирко Новосел.

На бината се изменуваа легенди, шампиони и врвни мајстори на кошаркарската игра, потсетници на едно друго време и сите се согласија во едно: Лазо навистина беше посебен.

И легендарните тренери Ивковиќ и Новосел дојдоа да му се наклонат на Лечиќ (Фото: СДК.МК)

„Му се поклонуваме на нашиот Лазо. Тој имаше големо влијание врз југословенската кошарка. Едно време и во Словенија нè развеселуваше со тие искри во очите, но јас не можев да останувам буден до два наутро и да ги слушам неговите приказни за кошарката, зашто морав во седум да станувам за да тренирам. Драг Лазо, ти благодарам за сè што си ѝ дал на кошарката“, кажа Иво Данеу, светскиот првак од 1970 година, тим во кој Лечиќ беше помошен тренер.

Лечиќ со сопругата Риска (Фото: СДК.МК)

Лечиќ е тренер на многу анегдоти и необични тренерски методи и говорниците често го потенцираа тоа.

„Тој секогаш беше многу поразличен од сите нас, човек со многу страст и знаење, кој внесе многу живот во кошарката. Сите ние имаме голем идол во него“, кажа гостинот од Грција Панајотис Јанакис, на кого Лечиќ му беше тренер во солунски Арис.

Специјалниот гостин од Грција Панајотис Јанакис работеше со Лечиќ во Арис (Фото: СДК.МК)

Лечиќ му подари специјална топка на премиерот Заев, а тој доби иста таква од првиот човек на МОК Васил Тупурковски.

„Академијата е одлична, но ова дека се 80 години некако многу ми тежи. Среќен сум што овдека се споивме од Словенија до Грција. Фала, фала, фала, сите ве сакам“, кратко кажа Лечиќ.

Извор: https://sdk.mk

ОкоБоли главаВицФото