1017 hPa
27 %

35 °C
Скопје - Вто, 17.06.2025 15:59
Пред точно два дена Тиииитовки со тимот и волонтерките го затворија седмото по ред издание на фестивалот за феминистичка култура и акција Прво па женско. Не можам да пишувам објективно кога станува збор за овој фестивал, кој верувам дека имал огромен удел во градењето на базата на моите феминистички вредности во минатото, а секоја година продолжува да ме инспирира, надоградува и поврзува со луѓе чии пријателства ми значат неизмерно. Оваа година Медуза беше дел од многуте сестрински иницијативи на фестивалот, па така умешавме прсти во дискурзивната програма на фестивалот. Бидејќи ниеден феминистички настан не може да помине без да биде прославен на Медуза, со четирите Тиииитовки – Јана Коцевска, Јана Старделова, Кристина Леловац и Моника Јамандиловска разменивме впечатоци од овогодинешната програма, се потсетивме на другите фестивалски изданија и воздивнавме пред убавината на женското другарство.
Драги Јани, Кика и Моника, пред некој ден заврши седмото издание на фестивалот за феминистичка култура и акција Прво па женско! За оние читателки и читатели кои можеби не се запознаени со фестивалот, да направиме кратко враќање во 2013 кај почетоците на ППЖ. Како почнавте со фестивалот кој веќе станува важна точка во културниот живот во Скопје?
Jана С: Нашите амбиции на почетокот не беа многу големи, туку другарски и со голема желба да допринесеме кон културната сцена во градот. Почнавме со организација на помали настани кои растеа од година во година. Настаните како Woody Allen in Skopje, Let’s Dance! David Bowie night и Скопје во 90-ти, ни овозможија да стекнеме искуство и да го рашириме кругот на соработнички/ци и поддржувачк/и. Првиот фестивал го организиравме во 2013-та и оттогаш сѐ повеќе и повеќе расте. Се надеваме дека ќе (о)стане важно место каде сите (ќе) се чувствуваат безбедно и комфорно со своите тела и идентитети.
Дали и како досегашните фестивалски изданија ви ги сменија целите и очекувањата од фестивалот и дали можеме веќе да зборуваме за влијанието кое ППЖ го има на културната сцена во Македонија, со оглед на тоа што една од целите на фестивалот е етаблирање на женските уметнички пракси, со посебен фокус на независната сцена?
Кика: ПРВО ПА ЖЕНСКО расте и се развива далеку подобро од што можевме и да сонуваме. Со тоа растат и целите и очекувањата, но и одговорноста што ја имаме. Кога почнувавме, пред 7 години, зборот феминизам речиси го немаше во јавниот дискурс, а покрај нашиот имаше само уште еден настан од областа на културата кој ги промовираше женските права. Сакаме да веруваме дека ПРВО ПА ЖЕНСКО го прошири и го одржува тој простор за промислување на културата и воопшто на општеството од феминистичка позиција. Имаме цела генерација девојки кои пораснаа заедно со ППЖ, кои денес одважно се нарекуваат феминистки. Се радуваме што сега го имаме суперпопуларниот ПИЧ ПРИЧ, и на сцена и на радио, ја имаме МЕДУЗА која на автентичен начин ја еманципира младинската публика, со кои здружено продолжуваме да го инспирираме и поддржуваме автентичното женско творештво во културата. Веруваме дека секоја година ППЖ нуди уметничка програма која е поттик и на домашната сцена да гледаме почести и посмели обиди за уметничко промислување на женското и на феминизмот.
Дали и како лично ве промени работата на фестивалот?
Моника: Како најнова Тиииитовка со задоволство го преземам прашањево. Работата на овој фестивал не само што ме промени, туку јас израснав на ПРВО ПА ЖЕНСКО. Идеолошки и професионално. На првото издание во 2013 сосем случајно се пријавив на фејсбук за да бидам волонтерка. Оттогаш продолжив да работам покрај Јаните и Кика на ПРВО ПА ЖЕНСКО и останатите активности кои ги организира Тиииит! Инк. и ова искуство неизмерно ми помогна да се остварам во феминистката која сум денес. Можноста која овој фестивал и Тиииитовки ми ја овозможија, да работам и учам во феминистички простор, одигра неспоредлива и неизмерно важна улога во градењето на мојата личност. Денес за мене нема ништо подраго од работата на овој фестивал, ниту поубави денови во годината од овие четири фестивалски денови.
Фестивалската архива станува сé побогата, публиката побројна, а и тимот зад ППЖ расте. Што значи тоа за Тиииит! Инк? Дали Тиииит! Инк ќе почне да нуди и други програми или ќе го задржи фокусот на Прво па женско?
Јана С: Фестивалот ПРВО ПА ЖЕНСКО без домашната подршка не би можел да се развива; таа најмногу ни значи и се трудиме да биде што поинклузивна, иако сме свесни дека понекогаш е тешко да се вклучат и претстават сите родови и етнички погледи. Во однос на тоа што го нуди фестивалот морам да признам дека големо влијание и поддршка наоѓаме и на регионално ниво преку нашите пријателства со феминистички организации и нашето учество на феминистички фестивали преку кои се обидуваме да следиме што се случува во регионот и пошироко, и тоа да го приближиме на нашата публика. Тиииитовки секогаш работат на нешто ново, затоа сум сигурна дека иднината ќе ни донесе и нови програми надвор од рамките на ПРВО ПА ЖЕНСКО.
Кога мислам на Прво па женско, мислам на разговорите во женска соба, фанзините на Wasted Rita, предавањата на Сандра Дален, концертите во денсинг сала и многу многу други содржини. Дали би можеле да издвоите најдраги сеќавања од претходните изданија на фестивалот?
Јана К: Искрено, не знам од каде да почнам со одговорот на ова прашање, а да не го одземам целиот простор предвиден за ова интервју.
Извор: meduza.mk