Зошто сè уште постои стигма околу вирус кој можеме да го контролираме?

16.05.2019 15:08
Зошто сè уште постои стигма околу вирус кој можеме да го контролираме?

Знаеме како изгледа ХИВ-криминалец. Тоа е Жденек Фајфер, чешкиот „раширувач на ХИВ“, кој намерно ги инфицирал своите хомосексуални партнери. Тоа е Дерил Роу, британскиот фризер кој рекол дека бил „измамен“ со ХИВ и инфицирал петмина луѓе. Роу исто така саботирал кондоми за време на секс со петмина други, и ѝ кажал на една од жртвите: „Те фатив. Го имаш“. ХИВ-криминалец е Валентино Талуто, сметководител од Рим кој среќавал жени онлајн, имал секс со нив и ги оставал заразени. Тоа е измамничкиот и неодговорен злобник од таблоидите со неговата или нејзината - главно се мажи, но ја има и повремената жена – трага од инфицирани и згрозени љубовници, невнимателен со сексот, и решен да им наштети на другите. Овие чудовишта, овие намерни инфицирачи.

Во 2006, Лесли Флегз сретнала маж во нејзината група за проучување на Библијата. Таа била 40-годишна ХИВ-позитивна жена во Ајова; тој, пак, излегол насилен партнер кој редовно ја тепал. Ѝ велел дека ако повика полиција ќе каже дека таа го изложила на ХИВ. Таа не повикала полиција, но соседите го направиле тоа. Според законот на Ајова, таа добила одложена казна затвор од 25 години, условна казна од 4 години и 10 години регистрација како сексуален престапник откако нејзиниот партнер тврдел дека не го обзнанила својот статус. Флегз, жртвата на домашно насилство, станала ХИВ-криминалец. Во 2009 Ник Роадс од Ајова бил осуден на 25 години затвор бидејќи не го обзнанил својот ХИВ статус на партнерот. Истата година, Роберт Сатл направил спогодба кога бил обвинет дека не го обзнанил својот статус од страна на поранешен партнер, и одлежал 6 месеци затвор во Луизијана.

Флегз, Роадс и Сатл имаат нешто заедничко, покрај ХИВ: тие не заразиле никого. Никој не бил повреден. Но, не мораш да инфицираш некого за да бидеш оценет како ХИВ-криминалец. Помеѓу 2013 и 2015 во Русија биле уапсени, гонети и осудени барем 115 луѓе за ХИВ криминал, широка категорија која вклучува необзнанување (да не му кажеш на сексуалниот партнер дека имаш ХИВ), изложување (да ставиш некого под ризик преку сексуална или активност на конзумирање дрога бидејќи имаш ХИВ), или трансмисија (да инфицираш некого); САД ставиле во затвор 104; Италија најмалку 6; Австралија најмалку 5; Германија исто. Помеѓу 2015 и 2017 Белорусија гонела 128 случаи под членот 157, закон за ХИВ сметан за еден од најдраконските во светот, бидејќи го гони инфицирањето поради непромисленост или „индиректна инфекција“. Во Јута, ХИВ-негативните луѓе вклучени во проституција или кои влегуваат во релација со проститутка добиваат казна за прекршок од не повеќе од шест месеци; за ХИВ-позитивен пречекорувач тоа е кривично дело со петгодишна затворска казна без разлика дали некој бил инфициран или не.

Во 2016 Светската здравствена организација (СВО) пресметала дека 46 проценти од планетата сега обезбедува антиретровирусни лекарства (АРВ) бесплатно. Во тие области, ако ХИВ-позитивна личност ги прима лековите, вирусот може да биде недетектибилен и непренослив. Лековите го намалуваат нивото на вирусот во телото до точка каде не може да биде виден на стандарден тест, и ризикот на трансмисија се смета за „научно еквивалентен на нула“, според авторите на огромната ПАРТНЕР-2 студија. Како и да е, овој спектакуларен медицински напредок е неважен во споредба со статутите во премногу земји. Во САД единаесет држави ја криминализираат трансмисијата на ХИВ преку плукање или гризење, што е речиси невозможно да се постигне. Во 2018 науката за ХИВ и законите развиени за ограничување на неговото ширење беа вџашувачки неусогласени. Самиот факт да се има ХИВ сè уште може да биде криминално дело во земји каде живеењето со вирусот сега претежно значи да се има нормален животен век без шанса за инфицирање на кој било друг. Што се случува?

„Стигма“, од грчки: зборот доаѓа од практиката на обележување на робовите со жиг или со обоена точка. Стигмата создава граница и ѕид помеѓу нив и нас, иако „ние“ се менува, а се менува и „тие“. Стигмата е вообичаено видлива, но не секогаш: сум запознала девојки и жени во Непал затворени во незатоплени колиби за време на нивните менструации поради невидливо табу – исто толку моќно како стигма, но без друго жигосување освен протерувањето. Табу, стигма, чистота и загадување: сите тие се практики на управување за праведното население да се држи безбедно.

Со време, како што американската авторка Сузан Сонтаг пишува во Сидата и нејзините метафори (1989), најзастрашувачки епидемии биле оние кои обележале и деформирале. Тие стануваат чумите: „Болестите кои предизвикуваат најмногу страв, оние кои не се само фатални туку и го трасформираат телото во нешто оттуѓувачко, како лепрата, сифилисот, колерата и (во фантазијата на многумина) ракот, се оние кои изгледа се особено подложни на воздигнување во ‘чума’“. Логиката нема многу врска со ова обележување: некои од најстрашните болести не се фатални и тешко се добиваат. Друга состојка која помага стигмата да се налепи е сексот: кога може да се посочи човекова вина, многу е полесно стигмата да се оправда. Помислете на нечесниот сифилитичар, неморалниот лепрозен (лепрата се сметало дека е сексуално пренослива болест, иако не е). Стигмата го обележува валканото и загадувачкото; чистите остануваат безбедни. Редот е зачуван.

„Не постои нешто како апсолутна нечистотија: таа постои во очите на набљудувачот“, пишува британската антропологинка Мери Даглас во Чистота и опасност (1966). „Ниту пак нашите идеи за болеста го објаснуваат распонот на нашето однесување при чистењето или избегнувањето на нечистотија. Нечистотијата прати престап против редот. Нејзината елиминација не е негативно движење, туку позитивен напор да се организира околината.“ Чистотата и табуто, две страни на истиот систем на уредување.

ХИВ/СИДА ги поседуваше сите состојки да биде модерна чума. Луѓето на Западот веруваа дека дошла од друго место (Африка), како и колерата (Азија) и лепрата (од Бог), па така можат да се обвинат странците. Таргетираше нише популации – геј мажи, корисници на дрога, сексуални работници – кои можеа да бидат сметани за одговорни на сметка на нивната развратност. И оставаше видлива стигмата, со Капошиевиот сарком и истоштените тела. Сиве овие нешта резултирале во лесно бирање на жртвено јагне и стигматизацијата била грда и ендемична: американскиот конзервативец Вилијам Бакли сакал хомосексуалците да бидат тетовирани. На лицата со хемофилија инфицирани со ХИВ преку контаминирана крв во 1970-тите и 1980-тите во Британија им цртале графити на куќите со натписи „СИДА-ѓубре“ и ги злоупотребувале нивните млади синови. Вревењето го држело стравот на далечина.

И тогаш, вирусот направил нешто непростливо и се проширил низ општото население. Ако одбрани групи не можеле да бидат обвинети за вирусот, тогаш сите морале да бидат исплашени.

Неодамна, BBC објави серија на стари филмови за јавно информирање кои ги опиша како „владино одобрени мини хорор филмови“. Датираат претежно од 1970-тите и 1980-тите, и се сеќавам на сите бидејќи сите беа застрашувачки. Бесрамното заплашување изгледа претставувало разумен пристап кон менување на однесувањето пред 30 години, и функционирало. Фигурата без лице со злокобна монашка наметка која е Духот на темната и осамена вода која чека децата да паднат во резервоари, јами и езерца. Ужасните опасности од фрлање фризби од електрични столбови. Овие слики поттикнувале нервна реакција – онаа планираната – стравот. Имаше толку многу нешта од кои требаше да се плашиме: вирови вода, електрични столбови, облаци во форма на печурки. Сепак, има еден филм кој BBC не го вклучи, и тој беше најстрашниот од сите.

Секој кој гледал телевизија во Британија во 1986 ќе се сети на рекламата со надгробниот споменик. Вознемирувачка музика со морничави метални звуци. Колорит од црно и сиво. Вулкан кој експлодира, камења што паѓаат, и наеднаш, отсечен пар дланки кои го резбаат на темна карпа зборот „СИДА“. Нараторот Џон Харт, со морничав баритон предупредува за опасноста која на сите ни се заканувала. Секој можел да ја добие, маж или жена. „Досега било ограничено на мали групи, но сега се шири“. Надгробен споменик се издига од темната магла, па паѓа наназад додека ни се кажува да не умреме од незнаење, пред букет од бели цвеќиња да падне на земјата, заедно со владин памфлет. На You Tube некој го закачил видеото со текст: „Ова е филм за јавно информирање кој ги преплашил до смрт сите во осумдесеттите.“ Рекламата била критикувана поради претерано ширење страв. Всушност, режисерите првично сакале да започнат со нуклеарни сирени, но премиерката Маргарет Тачер сметала дека тоа би било претерано драматизирање на нештата. Како што еден од создавачите на филмот, Малком Гаскин, рекол за Гардијан во 2017: „Да го задржевме така мислам дека сите ќе се упатеа кон плажите“.

СИДА беше чудовиштето на мојот живот. Сè уште се плашам од неа, бидејќи условите успеале. Но други луѓе не се плашат. Денес, рекламата со надгробниот споменик е заборавена, заедно со фактот дека ХИВ е сè уште закана, но вообичаено само во сиромашните земји или помеѓу населението со висок ризик (затвореници, стигматизирани хомосексуалци на Блискиот Исток, стрејт жени инфицирани од нивните партнери). Прашајте го кој било млад човек во многу земји низ светот, вклучително и мојата, дали се грижат за СИДА. Не се грижат. Виролозите ми велат дека нивните студенти мислат дека предавањата за ХИВ се часови по историја. 

Професионалците за СИДА сега зборуваат за состојба на стабилност. Нештата се подобри: заболуваат помалку деца, умираат помалку луѓе (речиси 2 милиони годишно пред 10 години, и помалку од 1 милион годишно сега). Јас не мислам дека е стабилност туку крстосница. ХИВ сè уште убива и сега, но сега повторно се вратило на убивање на Другиот. Низ светот, ХИВ сега е епидемија на стрејт жени, но овие стрејт жени се во развиениот свет. Младите луѓе кои мислат дека ХИВ е историја ќе ги погледнат оние 36.9 милиони луѓе кои сега живеат со ХИВ, и ќе помислат дека сите тие се некаде другде. Незнаењето за АРВ еднакво силно оградува од болеста.

Во 2017 владата на САД го промени својот вебсајт од AIDS.gov во HIV.gov, за да го одрази фактот дека сега толку малку Американци умираат од СИДА. (Ова не се однесува на црните геј мажи во САД, кои, ако продолжат моменталните стапки, ќе бидат инфицирани со стапка на еден од двајца). Формалните рестрикции за влез и патување за луѓе со ХИВ се олеснети во повеќето земји, иако би имале проблем во Бахреин (каде го депортираат секој кој е ХИВ-позитивен), Иран (каде секој кој останува повеќе од три месеци мора да е ХИВ-негативен), Ирак (каде се бара секој кој останува повеќе од 10 дена да има ХИВ-тест, и го депортира секој кој е ХИВ-позитивен), и уште пет-шест други.

САД ги отстрани рестрикциите за влез во 2010, 14 години после развивањето на HAART (високо активна антиретровирусна терапија). Не само што луѓето што живеат со ХИВ влегуваат во САД „како сите други“ според Глобалната датабаза за ХИВ-специфични рестрикции за патување и престој, туку програмата за откажување визи на САД веќе не ја смета ХИВ за комуникабилна болест. Ова е збунувачка одлука, бидејќи тоа не е точно. ХИВ е комуникабилна болест бидејќи зависи од немарното однесување на луѓето: имање незаштитен секс и земање дроги. Луѓето не престанале да ги прават овие нешта и никогаш нема да престанат. Промената на правилата издадена од Центарот на САД за контрола и превенција на болести е попрецизна во јазикот. Нивните упатства за лекарите околу тоа за што мораат да тестираат кај имигрантите и бегалците велат дека ХИВ повеќе не е „комуникабилна болест од значење за јавното здравје“.

Во 46-те проценти од светот благословени со АРВ, вирусот може да биде скротен во недетектибилност, и ХИВ-позитивна личност може да има нормален животен век. Вирусот повторно е гледан како чума единствено на нише-популациите: корисниците на дрога, хомосексуалците, небезбедните, другите. Не ние. Не нормалните луѓе. И, со тоа, стигмата повторно се појавува. Обележувањата на СИДА сега ретко се гледаат, освен кај сиромашните. И така се нафрламе врз пречекорувачите кои нè потсетуваат дека ХИВ е сè уште тука, затворајќи ги. Стигмата сега повторно се појавува не како графит полн со омраза, туку како студена (неправедна) правда.

Проблемот започнал со Рајан Вајт. Во 1990, Конгресот на САД донел закон именуван според тинејџерот кој бил исфрлен од училиште бидејќи имал ХИВ, и кој починал од СИДА истата година. Законот, кој имал за цел да алоцира средства на луѓе со ниски приходи заболени од ХИВ, истовремено барал државите во САД да покажат дека нивните статути овозможуваат гонење луѓе кои изложиле други на ХИВ, или кои го пренеле вирусот. Тогаш, секое изложување на ХИВ било сметано за еднакво на трансмисија. Сега, виролозите знаат дека ХИВ е всушност тешко да се добие. Постојат други вируси кои се појаки од овој кревок, кој патува само преку одредени телесни течности, и не може да биде пренесен преку воздух или тоалетни школки или бакнување.

Но, 72 земји низ светот имаат специфични закони во однос на необзнанувањето на ХИВ, изложување или трансмисија, и 61 од нив ги имаат употребено. Стотици луѓе се во затвор не поради тоа што инфицирале некого, туку поради распад на љубовните врски или огорченост. Законите на Шкотска се користат за гонење луѓе за изложување и трансмисија на ХИВ; Англија и Велс гонат само за „немарна“ трансмисија. ХИВ се користи како оружје, но вообичаено не од страна на луѓето кои го имаат.

Да смениме една согласка, ХПВ, хуман папилома вирус. Ги предизвикува речиси сите цервикални, анално-генитални и ректални видови на рак. Во Велика Британија 3000 жени се дијагнозирани со рак на грлото на матката секоја година. Тоа е најчест вид на рак за жени под 35 години, и речиси секој случај е предизвикан од ХПВ. Вирусот е сексуално пренослива инфекција, најчесто се пренесува преку вагинален, орален или анален секс. Звучи ли познато? Никој во Велика Британија не бил гонет за пренесување ХПВ, иако во Велика Британија речиси 1000 жени годишно умираат од рак на грлото на матката.

Разликата не се состои во согласката која ја има акронимот. Разликата е во популацијата која ја има болеста. За да се разберат правилата на чистотата, вели Даглас во 1966, мора да се забележи кого исклучуваат. За чистота, заменете „здравје“. Овие ХИВ пречекорувачи ја загадуваат општата популација. Тие се нечистотијата која се заканува на останатите или се барем моменталното отелотворување на заканувачката нечистотија. За да ја одржиме нашата куќа чиста, за да ги задржиме опасностите надвор, мораме да ги оградиме. Луѓето секогаш го правеле ова во очи на неочекуван напаѓач. ХИВ сега е објаснета, но не е решена. Во Јужна Африка, каде 7 милиони луѓе сè уште живеат со со ХИВ и покрај декади пристап до бесплатно лекување, ХИВ-позитивните тинејџери на кои им е смачено да ги земаат лековите престануваат со нив, зголемувајќи ја отпорноста на вирусот, и не се во можност да си ги дозволат поскапите АРВ од втора или трета линија. Експертите таму се навистина исплашени од втор бран на епидемија.

Не треба да се плашиме од ХИВ-позитивните луѓе, туку од моќта на овој вирус. Скротен вирус не е победен вирус. Наместо тоа, го таргетираме она што можеме полесно да го нападнеме, и острото осудување е доказ за нашите стравови под површината – стравови кои требаше да бидат намалени после пробивот на АРВ. Законот се користи како казна за пречекорувачите, казна за оние кои нè потсетуваат дека ХИВ/СИДА не е победен. Некои култури користат амајлии, врачови и напивки. Еднаш, згрозено набљудував како еден локален лекувач во Непал ѝ удри шлаканица на една млада девојка, врескајќи на ѓаволот во неа да го напушти нејзиното тело. Нејзината маларија, веројатно, не обрна внимание.

Стигмата е прастара иако не е неизбежна, бидејќи се прелева во формите потребни да ги држат моменталните загадувачи на место. Таа е продукт на страв, и можеби не треба да очекуваме луѓето да ја надминуваат во опасни времиња. Но тука нештата од кои треба да се плашиме вклучуваат луѓе со недетектибилен, непренослив вирус кој не предизвикува штета. Премногу широките и остри закони за ХИВ се реликвии исто колку и амајлиите или вуду-куклите.

Во 2017 Калифорнија ги смени своите закони за ХИВ на подобро, намалувајќи го криминалот на нечие намерно изложување на ХИВ во прекршок, и ја намалила прикачената затворска казна од неколку години на шест месеци. Сега, изложеноста на ХИВ е на исто ниво со намерната изложеност на останатите комуникабилни болести. Илиноис и Ајова ги омекнале нивните казнени статути. Дури и Белорусија објавила дека ќе го реформира членот 157, и одново ќе ги отвори случаите каде биле гонети жени и покрај тоа што нивните партнери дале согласност за можноста за трансмисија. ХИВ-законите се немарни. Но, можеби полошо, криминализацијата на ХИВ ги охрабрува луѓето да молчат во врска со својот статус, и ги обесхрабрува воопшто да се тестираат: ако не знаеш дека го имаш не можеш да бидеш гонет за необзнанување.

Не предлагам маж кој им вели на своите поранешни љубовници „Пукни. Го имаш“ да биде ослободен. Но би сакал опасноста која ја предизвикал да биде докажана за намерна. Ако тоа не може да биде докажано тогаш нека биде гонет. Инаку, застарените криминални закони морада бидат во чекор со науката и би требало гласно да протестираме кога потфрлаат во тоа, заедно со одличните членови на кампањата на Sero Project и HIV Justice Network. Ако не го направиме тоа и ако го прифатиме затворањето на луѓето со ХИВ кои не инфицирале никого, и веројатно и не би можеле и кога би се обиделе, тогаш не сме ништо подобри од оној лекувач кој удира шлаканици, нашите закони ништо посупериорни од неговото суеверие.




Извор. www.aeon.cо

Слики: Audun Grimstad

 

Слични содржини

Општество / Европа / Теорија
Сеад Џигал

ОкоБоли главаВицФото