Од актер до автор на сопствениот живот

17.05.2019 01:26
Од актер до автор на сопствениот живот

Некој лудак беше тргнал да го бара каментот на мудроста. Косата му беше бушава, побелена од сонцето и покриена со прашина. Слаб како сенка, со стиснати усни како затворените прегради на неговото срце, со оган во очите како светлост на молња која го бара својот сопатник. Пред него рикаше бескраен океан. Веќе не му остануваше никаква надеж, но не сакаше да одмори бидејќи потрагата му стана неговиот живот. Еден ден го беше сретнал еден селанец и го прашал:
- Од каде ти е овој златен синџир околу струкот?.
Тогаш лудакот е вџаши, ланецот кој беше од железо станал златен, но тој не знаеше кога се претворил во тоа. Бесно се удри по главата. Каде тоа му испаднал каменот, а да не забележал? Беше навикнат да собира камчиња и со нив да го трие појасот без да забележи кога тој се променил. Така лудакот го пронашол и го изгубил каменот на мудроста. Тој тргна назад по сопствената трага да го бара одново изгубеното богатство со изгубена сила, подгрбавенот тело и срце извалкано од прав, како дрво искорнато од корен.

(Рабиндранат Тагоре - “Градинар”)

Овој лиричен расказ на Тагоре е соодветен да се опише човековата потрага по замислена среќа, по каменот на мудроста или „светиот грал” како метафори на тајната супстанца која животот ќе ни го претвори во „злато”.

Потрага по „идеален” партнер, „совршена” професија, пари, куќа од соништата, исполнување на општествено наметнатиот „модел на совршенство”, сите тие „камчиња што недостасуваат” за да се дојде до среќата, многу често не се услов за среќа. Слично како што на јунакот во приказната кому ништо не му се сменило со тоа што го нашол и фрлил каменот на мудроста, потрагата по среќата надвор тешко би можела да го надомести чувството на неисполнетост внатре.

Се разбира, не треба да се извлече лекција дека човек не треба да трага по личната среќа и да ги прифати дадените околности и ситуации. Напротив, само промената води до развој и, во најголема мера, животот се состои од потрага по лична среќа. Но ако потрагата се сведе на идеализирани модели надвор, без прифаќање на себе и запознавање на сопствените потреби, среќата ќе остане “светиот грал”.

На пример, некој нема храброст да го следи својот сон, верувајќи слепо дека околностите не му се наклонети и не прави промени кои можеби ќе го направат поисполнет. Некој, пак, трага без да знае точно што му недостасува, мисли дека проблемот е во партнерот, па затоа не се чувствува исполнет, па го менува, потоа ја менува можеби и професијата, кругот на пријатели и слично, сè додека не дојде до сознанието дека треба да се позанимава со коренот на празнината или незадоволството однатре.

Всушност, таа потрага бара растење на личноста од дете, кому му се ограничени можностите да влијае на светот и да го менува, во возрасен кој се познава себе си и своите потреби, ја прифаќа одговорноста на своето делување и го моделира животот според целта кон која тежнее.
Патот од дете до она што популарно го нарекуваме зрел човек, многу често не оди според биолошкиот тек на развој. Многумина остануваат деца и по завршување на адолесценцијата. Некои остануваат „деца” и на старост. Очекуваат околостите сами да се сменат во нивна корист, бараат друг да ја преземе одговорноста за нивната несреќа, како брачниот партнер, родителите, децата и слично. Некои луѓе, пак, влегуваат во својот живот во зрели години, тогаш се чувствуваат слободни, како штотуку родени. До слободата да се живее сопствениот живот, да се дише според своја замисла и да се моделира животот најчесто се доаѓа преку патот на себеспознавање.

Соња Љубомирски, професор на катедрата по психологија на Универзитетот Калифорнија, која се занимава со проучување на среќата, вели дека 50% од среќата се должи на генетика, на хормоналниот баланс на хормоните на среќа (окситоцин, допамин, серотонин, ендорфини), 40% се должи на самосвесни одлуки, а само 10% на околностите во кои некој живее. Хормоните на среќа може да се поттикнуваат, на околностите некогаш може, некогаш не може да се влијае, но оние високи 40% кои се должат на самосвесни одлуки, практично зависат лично од нас. Но повторно, патот човек да успее да носи самосвесни одлуки е долг пат на созревање.

Многумина од нас можат да се фатат себе си како постојано исполнуваат туѓи очекувања, се прилагодуваат за да бидат прифатени од средината, жртвувајќи ги сопствените потреби. И тоа не е нелогично. Луѓето се социјални суштества, секогаш делуваат во некаков систем и од огромна важност е нивното место во средината и како се прифатени. Но личниот развој е во полза на разграничувањето каде ние правиме разумни компромиси, каде ги моделираме нашите аспирации според потребите на луѓето кои ни значат (системот во кој делуваме), а каде внимаваме на нашите потреби. Поточно, каде сум јас, каде сум јас во корелација со другите, а каде се другите. Тој баланс (се разбира никогаш идеален) се постигнува со растење и што подобро познавање на себе.
Само преку тој процес на личен развој, каде интроспекцијата е важен елемент, од несвесно одење низ сопствениот живот стануваме свесни креатори. Од актери, стануваме автори на својот живот.

За да се дојде до свесен избор и одлуки, една од важните предизвици е да се научи разликата помеѓу „морам” и „сакам”. Детето вели морам, возрасниот вели сакам. Притоа, може да постои една замка за чие објаснување ќе се послужам со терминологија на Трансакционата анализа (психотераписки правец). Во Трансакционата анализа (ТА) аспектите на човекот се поделени на дете, родител и возрасен. Детето е класификувано на адаптирано, бунтовно и слободно. На пример, во разговор со човек кај кого доминира неговото интернализирано дете во личноста (во случајов „адаптираното дете”), може да се соочите со илјадници оправдувања зошто е тој приморан нешто да прави. Или е постојано во очекување на инструкции, несвесен дека има избор да ги прифати, отфрли и направи сопствен избор. Ако му понудите поинаква перспектива, дека има право на избор и одлука, можно е таа перспектива да ја разбере како “дозвола” да ги стави сопствените потреби и амбиции на прво место. Практично, тој од адаптирано влегува во бунтовно дете, но не и во возрасен.

Сите ние во животот правиме компромиси, жртвуваме некои наши желби и потреби. На пример, некој што има бизнис идеја, треба да помине куп административни процедури за да отвори фирма, да ја разработи идејата; тие активности не му се по волја, а неопходни се да дојде до целта. Најчесто изјавите во такви случаи се „морам” да го направам тоа, а не „сакам“. Кога одлуката е свесна изјавата може да гласи и „не ми се по волја тие активности, но свесно одбирам да ги поминам бидејќи ми е битна крајната цел”.

Разликата меѓу „морам“ и „сакам“ не е само разлика меѓу дете и возрасен, туку и во прифаќањето на одговорноста која е многу важен елемент во нашиот развој. „Самоослободувањето” на личноста која од актер станува автор на сопствениот живот, значи и прифаќање на одговорноста. Имам право на избор и одлука значи и стојам зад мојот избор и одлука.

Оној што вели „морам“, има алиби дека некој го приморал, па така и неуспехот го припишува на тој што „ги нарачал” или наметнал обврските. Возрасниот кој вели „сакам”, ја презема и одговорноста на личниот избор. Притоа многу луѓе не се охрабруваат да преземат активност кон промена, зашто не се сигурни дека таа нова активност ќе биде „исправната”. Дека може да погрешат, а потоа да не можат да ги исправат работите.

Кундера во својата книга „Неподносливата леснотија на постоењето” зборува за товарот на неповторливоста на моментот. Имено, за разлика од источната цивилизација која верува во реинкарнација и со тоа, во „втора шанса” во наредниот живот, западната е оптоварена дека сè се случува сега и во овој живот. Така стравот од грешка е поголем зашто нема „втора шанса”. Човекот доживува сè по прв пат и нема можност за споредба ниту подготовка, вели Кундера и прашува „па колку тогаш вреди животот ако првата проба е всушност самиот живот?”

Оваа теза на писателот може да се гледа и низ друга, позитивна призма. Ако во животот нема генерална проба и сите наши акции се без познат исход, и за прв пат, тогаш како можеме да знаеме дали нешто ќе погрешиме? Нели е тогаш подобро да се зборува за лекции отколку за грешки? Секое искуство, позитивно или негативно, е лекција. Со тоа се збогатува и нашиот „репертоар” на реакции според новите искуства. Се зголемуваат нашите ресурси. Ние не грешиме, ние растеме преку лекции од грешките. Денес не сме тоа што сме биле вчера. Лекциите се дел од нашиот личен развој. И ако е тој на свесно ниво, тоа води до свесни одлуки и со тоа до живот каков што посакуваме.

Слики: Atsushi Kaga

Извор: www.idaprotuger.com

 

 

 

Слични содржини

Психологија / Живот
Психологија / Наука
Психологија / Живот

ОкоБоли главаВицФото