Тајван - прва земја во Азија што ги легализираше истополовите бракови

18.05.2019 02:36
Тајван - прва земја во Азија што ги легализираше истополовите бракови

Застапниците на законот на 17 мај го изгласаа законот кој им го дава правото на хомосексуалните парови да влезат во „ексклузивни постојани заедници“ и да поднесат барање за регистрација на брак во владините агенции. 

Претседателот на Тајван, Цаи Инг - вен, кој ја водеше кампањата за рамноправност и право на брак, по гласањето напиша на Твитер: „Направивме голем чекор кон вистинска еднаквост и Тајван го направивме подобра држава“. 

„Она што го постигнавме не беше лесно“, изјави Викторија Хсу, извршна директорка на тајванскиот сојуз за промовирање на правото на цивилно партнерство. „Законот нема да биде 100 отсто совршен, но е добар почеток и голем чекор кон укинувањето на дискриминацијата врз основа на сексуалната ориентација. Сега законот вели дека секој треба да биде еднакво третиран без оглед кој си и кого сакаш“. 

Тајван, чија годишна парада на гордоста е најголема во регионот, одамна е средиште на ЛГБТ активизмот. Застапниците ги повикаа и останатите азиски земји да го следат нивниот пример. 

Владејачката Демократска напредна партија има мнозинство во парламентот со 68 од вкупно 118 пратенички места и наместо прмена на постоечкиот граѓански законик, изгласа нов закон со кој ќе се регулираат истополовите бракови. Конзервативната опозиција се повикува на резултатите на минатогодишниот референдум во кој повеќето граѓани се изјасниле за бракот како заедница меѓу маж и жена.

Сепак, активистите истакнуваат дека и натаму ќе се борат за проширување на правата како признавањето на транснационални истополови бракови, во кои еден од партнерите е од држава што не ги признава истополовите бракови. 

„Денеска ќе ја славиме победата, а утре продолжуваме со борбата“, велат активистите. 

Извор: The Guardian