Зборови кои неприфатливото го прават прифатливо

20.05.2019 00:23
Зборови кои неприфатливото го прават прифатливо

Средношколците во Франција од кои се бара да кажат што значи зборот идеологија, спонтано како синоним го наведуваат зборот идеално... Кандидатите на матурскиот испит, кога им била претставена една анализа на спортот како „потфат кој придонесува за деполитизација“, веруваат дека со тоа е искажана пофалба од прв степен: да живее спортот, кој помага да се заборави политиката, со нејзините проблеми и сплетки! Учениците не можат да ја сфатат разликата помеѓу политиката (како експлицитна моќ) и политиката (како општествена активност): и самите жртви на овој феномен не би знаеле да согледаат како наносите на политичкото (дејствување) направија нивните сограѓани да ја изгубат свеста за политиката...

Оваа длабока деполитизација, за која дополнително сведочи бројот млади кои не се запишани или се неодлучни како да гласаат на претседателските избори, има многу причини1. Една од нив, не и најмалку важна, несомнено е во збунувачката употреба на зборот од страна на учесниците во политичко-медиумските класи.

На пример, зборот комуникација, пред дваесет години сѐ уште имаше општоприфатена позитивна смисла за размена на информации помеѓу соговорници кои се на исто ниво. Наскоро, огласувачите ја монополизираа за да го прикријат својот едностран пропаганден потфат. Политичарите го следеа тој образец заменувајќи ја реалноста на политичкото дејствување со опсесивни слики со кои можеа да ја претстават медиумите. Ова попречување не беше успешно при измамувањето на јавноста. Денес, збунетото јавно мислење може за некој човек кој е на управувачка позиција истовремено да мисли дека е одличен министер но и дека тој не може да направи ништо против невработеноста2. Соочен со ваков вид дисторзија, еден новинар смета дека треба „со сите сили да се води борба против комуникацијата; инаку информацијата ќе биде изгубена во комуникацијата“. Но, тука изјавата за оваа вистинска идеја, во самата формулација ѝ оддава признание на корумпираната употреба на зборот комуникација! Како некој млад граѓанин да се снајде во сето тоа?

Зборот консензус ужива неоправдан углед. Намерата е тој да се претстави како врв на демократијата, општа согласност дека никој не е присилен; во реалноста, тоа е фалсификување. Идеологијата на „консензусот“ има цел ви сите области да ги елиминира опозицијата, дебатата, политичкото промислување во вистинска смисла. Таа претпоставува дека постои тајно колективно согласување и дека е доволно тоа да се „открие“ па потоа сите да се приклучат. Ова брзо станува принцип на притисок на мнозинството кој им ја затвора устата на злонамерните. Значи, паметната власт мора да ги претстави само своите избори како израз на консензус вообичаено фабрикуван со помош на анкети; и граѓанинот ќе мора да го следи тоа. Без консензус, нема спас!

Истото важи и за мистифицирачката употреба на зборот дијалог. Со него се камуфлираат авторитарните одлуку со кои најчесто се дава привид на отвореност. Дијалогот го маскира конфликтот. Како што покажаа студентските бунтови во врска со договорите за професионална интеграција (ЦИП), потоа за иднината на универзитетските технолошки институти (ИУТ), владата на Едуар Баладур повика на дијалог само затоа што се покажа неспособна да слуша... Дојдете да водиме дијалог; дојде до недоразбирање; нашиот текст е лошо уреден, итн.

На ист начин, глаголот обединува, кој го злоупотребуваат кандидатите кои го оспоруваат гласачкото тело, служи само за со него да се прикрие токму она што му е спротивно, чин на делење. Наскоро овие термини ќе ги сметаме за синоними...

Обединување, дијалог, консензус, комуникација: сите овие зборови, и многу други, се користат за да ја прикријат реалноста до таа мера што го зборуваат спротивното, прават да ги заборавите подлабоките исходи од политиката како места на заеднички проект, дебата за можното, ангажирање во служење на граѓанството, борба за општо добро, итн. Тука се работи за нешто што е многу повеќе од феномен на еуфемизми според американската мода („политички коректно“); станува збор за еден јазик кој спречува да се стане свесен за општественополитичкиот поредок чија анализа би можела да доведе до бунт. „Ортодоксијата е несвесност“, зборуваше Џорџ Орвел3.

Поедноставено, деполитизацијата преку говорот се врши на три начини: со користење на јазикот на природата, јазикот на моралот и јазикот на функциjата.

Јазикот на природата

Претставувањето на нешната како природни е докажан начин да се скрие нивниот политички карактер. Еден од првите чекори кои ги направија пријателите на Едуар Баладур беше францускиот премиер да го претстават како „природен кандидат“ за претседател, како да беше непристојно да се посомнева дека кај тој човек постои каква било политичка амбиција! Впрочем, Жорж Помпиду, исто како и Жак Ширак, Валери Жискар Д’Естен, и многу други, беа „природни“ кандидати, да не го заборавиме Ален Жипе, именуван за градоначалник на Бордо, кој функцијата ја смета за „избор на срцето“ и потреба да ги „наполни батериите“... Повикувањето на „природата“, како што покажа Ролан Барт во својот есеј Митологика4, е идеолошко лукавство кое има за цел појавите во реалноста, кои немаат ништо природно да ги претстави како невини.

Оваа натурализација на политиката често се врши преку метафори. Без разлика дали ги осудуваме „монетарните бури“, „болеста на невработеноста“ или „општествените крахови“, ние го претставуваме човечкиот свет и неговите жртви како поредок на нештата за кои нема политичка одговорност, што воедно ни забранува да го анализираме и оспоруваме. Биолошките слики стануваат сѐ почести: изразите како „да се зајакнат мускулите на економијата“, „да се одмастат претпријатијата“ (што е превод на изразот degraisser, на кој му одговара англискиот downsizing што значи отфрлање сѐ што ја намалува ефикасноста на работењето и спроведување административни и други реформи) убаво ги опишуваат отпуштањата во економијата од аспект на здравјето. Во тој дух, владата на Мишел Рокар подготви еден „закон кој ќе помогне јавниот сектор да продише“. И секојдневно на телевизија ја слушаме најавата на рекламите со следните зборови: „Сега ќе одмориме со реклами“...

Јазикот на моралот

Вредностите се благородно покритие за давањето легитимитет на политики кои се претставуваат лажно. Предноста на хуманите намери и добронамерните ориентации, како програмите или приоритетите, е во тоа што никој не може да им се противи. Лажењето со зборови (правда, слобода, Франција, убедување, братство) го зајакнува лажењето со нештата (со вистинските избори обвиткани со тие зборови). Ставајќи во употреба дури и религиски термини („верувај во Франција“, „воскреснување на надежта“), „политичкиот“ дискурс има тенденција да се претвори во мистичен јазик за да го измами гласачот идеалист.

Проблем е тоа што овие зборови брзо се трошат и, за оние кои ги воведуваат во употреба, подразбираат приватни непогрешливи облици на однесување5. Но, не е важно, тоа се прави постојано, и постојано се измислува... Еден од зборовите кој во последно време влезе во мода е терминот правичност, кој ненадејно се појави за да ги замени поимите еднаквост и правда6. Тоа е операција која е опасна од два аспекти. Од една страна, правичноста требаше да го оправда поимот динамична нееднаквост во служба на економијата, што е донекаде насилно; од друга страна, повторното признавање на вредноста, претставено како проект, се врати за однапред да им даде легитимитет на политичките избори кои, по природа, се несовршени и се под знак прашање. „Со признавањето на правичноста“, вели Николас Тензер, „на помош се бара непобитна основа за политика која по својата природа е работа на избор, а не откриена вистина“. Како идеологија, правичноста го претставува како аполитично она што по дефиниција е политичко7“.

Јазикот на функцијата

Кога станува збор за технократскиот дискурс, тој своите одлуки, чии последици секогаш се однесуваат на луѓето, ги толкува во термини кои сѐ уште е тешко да се напаѓаат зашто изгледаат чисто функционални. Дерегулацијата, делокализацијата, економската логика, флексибилноста, реструктурирањето и, погенерално, термините својствени на економизмот на дадениот амбиент имаат цел да ги затворат политичките избори, општествената стварност, во техничка визија на светот. Големата социопрофесионална механика е претставена како збир технички проблеми-решенија. Нема ни збор за тоа да се покажат човечките битија прегазени од тркалата: тоа ќе биде предмет на други регистри, тоа ќе биде претходно споменатиот морален говор, кои ќе збунуваат со осудата на „злата кои ги предизвикуваат модерните општества“ или „дехуманизацијата“ на современиот свет.

На тој јазик му припаѓаат бројките, статистиките, процентите кои на граѓаните им го одземаат она што може да се нарече егзистенцијална свест за политичката ситуација. Истото може да се каже и за злоупотребата на сите видови акроними, кои ги дереализираат човечките нешта со нижење апстрактни букви. Самиот збор дисфункционалност, кој се користи сѐ повеќе и повеќе, од нивната политичка свест ги отстранува недостатоците кои ги изразува: од една страна, со својата апстрактна природа ги лишува драматичностите на човечките прилики за кои зборува; од друга, таа сугерира дека тие жални реални настани се последица на една чисто техничка причинителност која може да се отстрани со технологијата, маскирајќи ја одговорноста на оние кои се одговорни, или погрешноста на нивните стратегии.

Долгорочно гледано, сите овие јазици во очите на луѓето доведуваат до деполитизација и на самиот политичар. Премногу загрижен за медиумската слика за себеси, додека бил зафатен со претставување на својата моќ како невина, тој завршува така што предизвикува сомнеж во самата политичка акција. Врвот на мистификацијата се постигнува кога нашите лидери јавно го покажуваат своето внатрешно јас: формално сочувство, хуманост на големо срце (сеќавање на кризата), несебични чувства, длабоки убедувања, пророчка вера (песна со ветувања). Има премногу функционери кои повеќе го сакаат јазикот на сожалувањето отколку аналитичкиот дискурс. Слушаме премногу жалење заради судбината на отпуштените, но недоволна осуда на механизмите кои доведуваат до отпуштања. Тоа доведува до двојна деполитизација на јавното мислење: без разлика дали е потполно збунето или потонало во неверување, тоа не зазема став за политичката реалност која се однесува на него.

Франсоа Брун е автор на книгата Bonheur conforme, Essai sur la normalisation publicitaire, Gallimard, 1985, и Les medias pensent comme moi! Fragments du discours anonyme. L'Harmattan, Париз, 1993.

(1) Меѓу овие причини е и медијацијата на „политичкиот живот“. Види Francois Brune, "Nefastes effets de l'ideologie politico-mediatique", Le Monde diplomatique, мај 1993.
(2) Анкета, Telerama, 18 јануари 1995.
(3) Во романот 1984 Властите во романот, се сеќаваме на тоа, го преобликуваат јазикот, ги бришат зборовите со јасно значење и впечатливите зборови, смислувајќи двосмислени зборови кои можат имаат значење спротивно од реалноста на која се однесуваат: послушниот граѓанин смее да му верува само на официјалниот јази.
(4) Roland Barthes, Mythologies, Le Seull, Париз, 1957.
(5) Се чини дека „бизнисот“ ненадејно ги „реполитизираше“ нештата, откривајќи практики кои ги кријат политичките говори. Впрочем, тој само го зголеми гадењето на веќе деполитизираните граѓани: зошто некој да се ангажира во тој „расипан свет“ кога ништо не може да се промени?
(6) Cf. Извештај Les defis de l'an 2000.
(7) La Croix, 10 февруари 1995.

Илустрации: Yevgenia Nayberg

Извор: Le Monde Diplomatique

ОкоБоли главаВицФото