Будење во кошмарот на дигиталниот пекол

20.05.2019 02:58
Мотивот на будење во телевизиската серија Црно огледало (Black Mirror)

Песната „Wake Up“ од бендот Rage Against the Machine пред дваесет години стави точка на филмот Матрикс. Во меѓувреме многу од тоа се промени, како филмовите така и светот за кој говорат. Не, машините (сè уште) не се освестија и не подигнаа побуна, но ако тоа го оставиме настрана и се фокусираме на нашето доживување на реалноста, доаѓаме до тоа дека освестени машини и не ни се потребни. Доволно е само добро да се загледаме во огледало...

Мотивот на будење во телевизиската серија Црно огледало е поинаку третиран во споредба со филмот Матрикс. Додека за Нео тој момент претставува негова иницијација во улогата на спасител, своевиден суперхерој кој би требало да донесе избавување за остатокот од човештвото (ако застанеме на првиот филм), за повеќето јунаци од Црно огледало будењето не претставува спас. Всушност, може да се следи на кој начин креаторот на серијата, Чарли Брукер, преку овој мотив дошол до еден застрашувачки концепт кој фигурира во многу епизоди – дигиталниот пекол. Не се работи за метафора туку за уверлива (во доменот на спекулативната фикција) рекреација на нешто што низ историјата на човековиот род и култура е третирано како божествено дело. Кога Данте во својата Божествена комедија ја понудил тогаш оригиналната визија на пеколот, тоа била креативна интерпретација на оностраниот, метафизички концепт во кој се верувало. Кога Чарли Брукер го создал Црно огледало, од ТВ-серијата произлегол поинаков концепт на пеколот, создаден од страна на човекот кој презема божествени ингеренции.

Една од големите заблуди во врска со серијата Црно огледало е банализираното сфаќање дека таа говори за опасностите кои лежат во новите технологии. Единствена опасност, како и отсекогаш, претставува самиот човек, односно начинот на кој тој се служи со постоечката технологија. И пред некој да се побуни како тоа е само прашање на семантика, да потсетиме дека една од најголемите доблести на оваа серија е тоа што прикажаната технологија делува значително поверојатно од што било што сме можеле да видиме во Матрикс. Брукер, значи, во поголема мера констатира отколку што предупредува; тој е помалку заинтересиран франкенштајнски да нè соочи со сопствената креација отколку кроненбергски да покаже како сето тоа е составен дел од нас како човеков вид. Автодеструкцијата никако не може да се одвои од идејата за прогресот, колку тоа парадоксално и да делува. Во склад со таквиот, некои би рекле циничен поглед на свет, е и идејата дека луѓето, доколку се укаже можност, побрзо би прибегнале да создадат дигитален пекол отколку дигитален рај; сепак, во вкупно четири сезони од серијата овој прв концепт битно фигурира во повеќе епизоди, додека на вториот е посветена само една.

Она што ѝ претходи на идејата на дигитален пекол секако е замислата на пекол на земјата, и овде Брукер тргнува од нешто што започнува како метафора кон значајно поконкретен поим. Така, веќе во втората епизода од првата сезона, насловена како „ Fifteen Million Merits“, дава приказ на општеството во кое животот е речиси во потполност преведен во една репетитивна матрица. Протагонистот е позициониран како некој кој во слична приказна би бил херој кој би го срушил системот, но таквиот вид на „будење“ овде не постои – излегувањето од една претставува само премин во друга матрица. Суштината на пеколот е токму во неможноста за промени, во постојаното повторување во рамки на временското ниво кое е доведено до застрашувачки апсолут. Херојот на оваа приказна се наоѓа во свој личен пекол, но тоа и понатаму не е вистински пекол – оставена е можноста за компромис, своевиден договор со ѓаволот.

Мотивот на повторување кој е поужасен од какви било физички маки е конкретизиран во втората епизода од втората сезона, „White Bear“. Во оваа епизода Брукер директно го врзува мотивот на будењето со повторливиот ужас. Хероината, така, се буди во кошмарот од кој не може да побегне – нејзиниот личен пекол овде претставува вештачка конструкција во стилот на разработено реалити-шоу, како замена за затворска казна. Новитетот се состои во тоа што таа секој ден се буди како личност без сеќавања, а со тоа, парадоксално, и без минатото поради кое е ставена на маки. Иако некој би помислил дека овде Брукер дошол до логичен крај каде се работи за пекол кој е создаден со помош на човекови раце (и мисли), тој оди и чекор подалеку во можеби клучната епизода, божиќниот специјал со пригодното име „White Christmas“. Ужасот на бесконечноста сепак е онаа темелна одредница на пеколните маки, а бесконечното е нешто со што човек не може да управува, ниту воопшто да го поими. Тука Брукер, во рамките на една СФ серија, опасно се приближува до хипотетичкиот творец така што ужасот на бесконечноста го поставува во доменот на научно можното. Дигиталниот пекол така станува нешто најблиско до симулација на оностраното искуство. Наместо душа станува збор за клонирана свест – дигиталните реплики се создадени само за да патат и притоа поседуваат иста самосвест како и оригиналите од крв и месо. За разлика од аналогната конструкција во епизодата „White Bear“, овде се работи за вистински дигитален пекол, кој се приближува до оној митскиот онолку колку што човековите можности дозволуваат. Клучот лежи во манипулација со времето, односно во субјективната перцепција на неговиот проток, па така нечија дигитална копија, нечиј „отпечаток од душата“, може да биде казнета со ден кој се повторува и по неколку милијарди пати. Можност за бегство не постои.

Очигледно Брукер сфатил дека овде напипал нешто важно. Помалку е важно прашањето дали технологијата која би овозможила креација на дигитален пекол е нешто што е остварливо во блиска иднина од она дали луѓето би сакале такво нешто да направат, и уште поважно, да го искористат. Се чини дека Чарли Брукер нема никакви дилеми кој е одговорот на ова прашање, бидејќи користењето исти или на тоа слични технологии станува своевиден лајтмотив на серијата.

Во петтата епизода од третата сезона, „Men Against Fire“, следиме херој кој се наоѓа во матрикс-ситуација, во смисла дека реалноста во која живее е лажирана, меѓутоа кога е ставен пред избор тој сепак не се одлучува да земе „црвена пилула“ бидејќи во неговиот случај тоа не значи само сурово будење од еден, туку и автоматско будење во нов кошмар – во кој ќе биде принуден одново и одново да преживува трауматично искуство. Во првата епизода од четвртата сезона, „USS Callister“, се кокетира со идејата за дигитален рај само со цел таквата можност да се первертира во дигиталниот свет во кој неговиот креатор себеси си доделува улога на гневен бог, кој има апсолутна контрола над дигиталните копии на луѓето од реалниот свет (каде е општествен отпадник).

Во финалната епизода од четвртата сезона, „Black Museum“, дополнително се усложнува концептот на дигитален пекол така што се воведува мотив на пеколни маки. Имено, се работи за клонирана свест на осуденик на смрт чија егзистенција е пролонгирана на неопределено време во облик на холограм кој одново и одново минува низ мигот на погубување на електричен стол. Наместо гневно и/или праведно божество, односно негов човечки еквивалент, постои само алчен манипулатор и безброј застрашувачки обични луѓе – повеќе или помалку прикриени садисти кои стојат во ред за приликата барем на неколку секунди да почувстуваат како е да се биде бог... Во истата епизода ни се нуди уште едно первертирање на идејата на нешто налик на дигитален рај – се работи за трансфер на свеста на личност која е на смртна постела во друга личност (конкретно, жена која е во кома во умот на нејзиниот сопруг), каде таа ќе функционира како патник на задно седиште (сличен концепт можевме да видиме во филмовите Being John Malkovich и Get Out). Потребата за приватност во овој случај сепак триумфира над љубовта, па така и оваа навидум племенита идеја се изопачува а сопругата завршува во телото на плишана кукла чиј „ум“ е сведен на примитивен компјутерски чип кој во пракса се сведува на две снимени реплики.

Овој вид на антрополошки песимизам сепак е сосем малку ублажен, и тоа пред сè во третата и четвртата сезона. Така, некои од гореспоменатите приказни сепак завршуваат со избавување на невините херои од дигиталниот пекол, односно казнување на оние кои тоа го заслужиле (иако, во воздухот виси неизговореното прашање: дали кој било заслужува таква казна?) Дури и инхерентно ужаснувачкиот концепт на клонираната свест успева да биде прикажан во релативно позитивно светло во четвртата епизода од четвртата сезона, „Hang the DJ“ (иако и тука остануваат извесни морални недоумици на крајот). Четвртата епизода од третата сезона, „San Junipero“, е единствената во која се изложува концептот на дигитален рај, кој не се руши до крајот на епизодата. Неслучајно рајот е претставен низ виртуелно реконструирани декади од XX век (со посебен акцент на ‘80-тите); како со тоа да се сака да се порача дека таквиот вид позитивизам сепак повеќе припаѓа на минатото.

А што се однесува до неизвесната иднина, онаа во која можеби еден (не толку далечен ) ден незабележливо ќе се разбудиме, поверојатно е да наликува на вечно бел Божиќ кој немо ни го возвраќа погледот од црното огледало.



Извор: www.libartes.rs

Слични содржини

Уметност / Филм

ОкоБоли главаВицФото