По што посегаме ние?

21.05.2019 11:07
По што посегаме ние?

Читам деновиве дека Израел, вредна и вибрантна нација и држава, се обидел да спушти летало на месечината. Поради дефект на моторот експериментот завршил неуспешно, но прашањето кое ми се поставува е што бара една мала држава и народ да посега по месечината. Одговорот е во нас луѓето. Сите ние, како поединци и како нации, можеме, како што се вели во секојневниот говор, да посегаме по месечината или, поинаку кажано, да поставиме пред себе високи амбиции за да оствариме нешто што тешко се остварува. Едноставно, за да се испробаме, да се ставиме на тест!


Се восхитувам на народи и на поединци кои, посегајќи по месечината, направиле подвизи со откритија во медицината или во технологијата. Благодарение на нивните катадневни напори, брзината на технолошкиот развој, на пример, е вртоглава: едно момче коешто го туркало авионот на браќата Рајт да полета на една полјана во Охајо, тој 17 декември 1903 година, доживеало да го гледа спуштањето на човекот на месечината на 16 јули 1969 година. Израелците, деновиве, и буквално посегнале по месечината, ставајќи го своето знаење во служба на остварување на една „невозможна мисија“. Така, имено, се дисциплинираат поединци и цели народи, за да постигнат висока цел.


Но, како што добро забележал Хенри Кисинџер, зад сите откритија на западната цивилизација стои една работна етика и една политичка филозофија која не е популарна кај многу народи. Спаѓаме ли и ние меѓу нив? Дефинитивно. Им се восхитуваме на производите на западната цивилизација, од автомобилот до мобилниот, но ни од блиску не ја сакаме работната етика која ги произвела. Ја сакаме нивната слобода, демократија и независно судство, ама за тие идеали не сме спремни ништо да жртвуваме. А, сепак, животот на европскиот континент нѐ принудува и ние да посегаме по истите идеали. Да посегаме, ако не сакаме да пропаднеме, по шансата да станеме дел од тој модерен свет на дисциплина и научни откритија, но и на слобода и правна држава.

Меѓутоа, за да нѐ примат во своите редови, имаме политички услови за исполнување. Од нас се бара напор да станеме правна држава и демократска држава. Така, во Македонија, плуралистичката државната структура е поставена уште во деведесеттите. Формално-правно гледано, таа не се разликува од структурата на други демократски држави. Нашите закони се препишани од европските.


Друга приказна е како таа структура фактички функционира. Имено, начинот на кој функционира политичкиот систем на една земја зависи од менталитетот на народот. Поинаку кажано, важна е политичката култура на едно општество, разбрана како споделени погледи и вредности од страна на популацијата во однос на политичкиот систем. Класичната студија за политичката култура напишана од американските политички научници Габриел Алмонд и Сидни Верба, производ на истражувања во САД, Британија, Германија, Италија и Мексико, настојува да покаже во која политичка култура најдобро вирее либералната демократија. Тие разликуваат три вида политички култури: парохијална, поданичка и партиципативна. Парохијална може да се преведе како локална, тесна,провинциска политичка култура. Во ваквата политичка култура граѓаните не се сосема свесни за улогата на централната власт.


Кај поданичката политичката култура граѓаните не се доживуваат себеси како учесници во политичките процеси, туку како објекти на власта. Во партиципативната политичка култура, пак, граѓаните веруваат дека тие влијаат врз политиката. Алмонд и Верба заклучуваат дека демократијата ќе биде најстабилна во општества во кои доминира партиципативната политичка култура, а парохијалната и поданичката политичка култура се маргинални. Во ваква политичка култура граѓаните се доволно активни во политиката за да ги изразат своите барања кон управувачите, но не толку инволвирани за да не ги прифаќаат одлуките со кои не се согласуваат. Таквата граѓанска култура, велат тие, ја решава тензијата во демократиите помеѓу народната контрола и ефикасното управување. Во оваа студија најблиску до идеалот се Британија и САД, каде што граѓаните веруваат дека влијаат врз власта.

Нашата македонска политичка традиција секако не е партиципативната култура. Локалната, провинциската или парохијалната политичка култура убаво се илустрира со една стара анегдотата од минати времиња, за синот кој се враќа од Скопје во Галичник, и му раскажува на таткото како таму видел расправии меѓу луѓе кои себеси се нарекувале Срби, Бугари или Македонци, на што добива одговор од татку му:„Ич да не ти е гајле, ти си Галичанец“. Тој, таканаречен локал патриотизам ни е близок и препознатлив. И вториот облик на поданичка политичка култура е дел од нашата столетна традиција. Од петте векови отоманска власт, преку авторитарните режими од нашето поблиско минато.


Третиот вид, партиципативната политичка култура има само триесетгодишна традиција, еден миг во демократската еманципација на народите. Сепак, и во овој временски миг луѓето стануваат свесни за своето влијание врз централната власт, пред сѐ преку избори. Тоа се нашите први чекори кон нешто што уште еден американски политички научник Роберт Патман го опишува како општество во кое има високо ниво на политички интерес, социјална еднаквост, меѓучовечка доверба и доброволно здружување, кое придонесува кон ефикасно управување и демократија.


Како човек од науката и образованието, немам проблем со оваа шема, туку со центрите на интелектуално собирање какви што се универзитетите, Академијата на науките и институтите кои би требало, а не се, со збор и со дело, предводници на идеите на партиципативната демократија. Кога би било така, тие би биле места каде врие и клокоти од интелектуална атмосфера насочена кон афирмацијата на партиципативната политичка култура. Толку да врие и да клокоти што да се прелева врз целото општество! Ако оние кои работат во нив или ги раководат тоа не го разбираат и не го дадат својот придонес кон трансформација на нашето општество, не разбрале ништо за својата мисија сега кога ни се отворени вратите кон Западот. Освен, се разбира, ако со мнозинството од умовите во тие институции не владее провинциската и поданичката политичка култура.

Слики: Jorge Santos
Извор:
Инбокс 7

Слични содржини

Општество / Активизам / Став / Екологија

ОкоБоли главаВицФото