Како ќерката на Колинда се запиша на Харвард?

22.05.2019 00:18
Како ќерката на Колинда се запиша на Харвард?

Претседателката на Република Хрватска, Колинда Грабар Китаровиќ објави дека нејзината ќерка е примена на четирите најголеми американски универзитети и дека ќе оди да студира на познатиот американски универзитет Харвард. Притоа згрозено додаде дека е шокирана од тоа што некои мислат дека таа е примена само затоа што е нејзина ќерка и дека тоа самата го заслужила со своите способности.

Секако, секому кој не е сосема наивен за светот во кој живее тоа може да му биде само смешно. Дотолку повеќе што во САД неодамна изби голема афера во која само се откри она што впрочем го знаат сите - а тоа е дека децата на богатите практично буквално си го купуваат запишувањето на најпознатите американски универзитети.

Целта на меѓународната програма МИОЦ, која ја посетувала ќерката на претседателката Грабар Китаровиќ е преполна со пребогати деца од хрватската политичко-економска елита во која се купува буквално сѐ. Се изнајмуваат познати експерти за да им пишуваат есеи и матурски трудови.

Секако, иако на најпознатите и најголемите американски факултети се примаат и паметни и способни (зашто без нив не би можеле да ја зачуваат својата позиција), за синовите од елитата постојат други „критериуми“. Постои формула според која се влегува на факултетите како што е Харвард - во САД постојат фирми кои за големи пари буквално ја создаваат личноста на децата на богатите, ги прават интересни, креираат вештачки биографии и ги прават пожелни за најдобрите факултети. Факултетите го знаат сето тоа, но тие исто така имаат интерес кај нив да студира потомството на глобалната елита од целиот свет.

Најпосле, може да речете - па што? Сето тоа не значи дека малата Катарина секако не е паметна, а на крајот на краиштата мајка ѝ можела да ѝ ги плати најдобрите школи во светот, сите инструкции итн. И тоа исто така е точно - секако дека теоретски можела. Меѓутоа, богатите ретко застануваат само на таа „чесна“ трка - на своите деца да им ги овозможат најдобрите услови и најдоброто школување. Секако дека не. Нивните деца мора да одат на Харвард - без разлика дали го заслужуваат тоа или не.

Но, меѓу другото, за тоа и се боревме. Ќерката на претседателката „заради своите способности“ да оди на Харвард, додека сиромавите да работат како келнери на Јадранот 16 часа дневно за мизерна плата, а како награда можеби еднаш ќе имаат чест во некој скап ресорт во Дубровник да ја послужат Катарина Китаровиќ со некој коктел од 150 куни.

Извор: https://radnickafronta.hr

Слични содржини

Активизам / Балкан
Општество / Балкан / Теорија

ОкоБоли главаВицФото